Македонија
Поранешниот претседател Иванов учествуваше на 11. Глобален форум во Баку

Во периодот 14-16 март 2024 година, во Азербејџан се одржа 11-тиот Глобален Баку Форум во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави на тема „Поправање на скршениот свет“, на кој учествуваше и поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
Во текот на форумот, претседателот Иванов оствари средба со Заменик Генералниот секретар на ОН и Висок претставник на Алијансата на цивилизации Мигуел Ангел Моратинос, со кој разговараа за можностите за соработка и перспективите на Македонија и регионот во глобалната мрежа на Алијансата на цивилизациите. Претседателот Иванов имаше можност да се сретне и размени мислења со своите колеги и учесниците на форумот меѓу кои беа поранешни претседатели, премиери, министри од целиот свет, високи претставници на меѓународни организации и други.
Меѓународниот центар Низами Ганџави оваа година, на 11-тиот Глобален форум во Баку, отвори повеќе интересни и актуелни глобални теми за високите учесници меѓу кои: војната Израел-Хамас и нејзините импликации на Блискиот Исток, враќањето на „Realpolitik“, глобалното владеење и Самитот на иднината, кои цели може да се постават за COP29, климатската правда, улогата на регионалните воени и економски сојузи, регионалните перспективи на ЕУ и нејзините соседи, градењето отпорност на глобалните предизвици: справување со нееднаквоста, недостигот на ресурси и миграцијата, новата безбедносна парадигма во ерата на вештачката интелигенција и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Богородица се чека околу 30 минути на македонска страна

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.