Македонија
Ковачевски: Треба да одлучиме дали ќе чекориме по патот кон ЕУ, или ќе се вратиме назад во изолација и неизвесност
СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која не е откажува од европскиот пат, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на вечерашното отворање на промотивниот штаб на СДСМ, во Куманово.
„Ние треба да одлучиме дали ќе чекориме по патот кон Европската Унија во која ќе биде подобро за сите или ќе се вратиме назад во изолација и неизвесност. Тоа ќе биде одлуката на претстојните избори, помеѓу „надеж со СДСМ“ и „безнадежност со ВМРО-ДПМНЕ“, помеѓу „просперитетна иднина со СДСМ“ и „враќање во темното минато со ДПМНЕ“. СДСМ е единствената партија која ја постави и која работи да се исполни визијата за европска иднина на нашата земја. Ние во СДСМ имаме јасна визија за иднината. Затоа јасно и гласно кажуваме одиме напред кон Европа, нема откажување од иднината. СДСМ ги исполнува ветувањата и даваме сѐ од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните“, потенцираше Ковачевски.
Порача дека СДСМ ќе извојува победа и на претстојните претседателски и парламентарни избори, а победата ќе биде очигледна и во Куманово.
„Јас знам дека и овој пат ќе издвојуваме голема заедничка победа и ќе им покажеме дека лаги и манипулации не поминуваат во Куманово. Градот што се крена прв против фашизмот во време не НОБ знае што значи да си на вистинската страна на историјата. Куманово знае што значи борба за подобра иднина. Куманово секогаш било бастион на социјалдемократијата. На последните парламентарни избори, пред четири години, СДСМ и коалицијата во Куманово освоија три и пол илјади гласови повеќе од ДПМНЕ“, нагласи Ковачевски додавајќи дека граѓаните ги поддржуваат големите партии како СДСМ затоа што знаат дека можат да ја однесат државата напред во иднината, а не да ја вратат назад во минатото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Децентрализацијата е темел на модерното управување, општините не смеат да бидат заложници на политиката
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Перспективи за унапредување на децентрализацијата и локалното управување“, во рамки на Годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација.
Во своето обраќање тој ја нагласи потребата од продолжување на процесот на децентрализација, јакнење на меѓуопштинската соработка, активната улога во ЗЕЛС и координацијата со државните институции во интерес на граѓаните.
„Без оглед на различните политички определби, јас верувам дека соработката меѓу централната и локалната власт мора да биде над дневната политика. Децентрализацијата е темел на современото управување, а општината е сервис на граѓаните, не место за политички блокади“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Скопје во 2028 година ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата и дека Општина Центар, како урбано и културно средиште, ќе биде главен домаќин на голем дел од програмските активности. Затоа, како што рече, е неопходно координирано делување меѓу градот, општините и извршната власт уште од раната фаза на планирање, бидејќи успехот на проектот зависи и од начинот на кој Центар ќе ја поддржи програмата што ќе ја претстави државата пред Европа.
Герасимовски ја нагласи и важноста на ЗЕЛС како клучен механизам преку кој градоначалниците ги доставуваат своите предлози и забелешки за закони и политики што директно ги засегаат општините.
Тој потсети на сите законски иницијативи што Општина Центар ги има доставено, меѓу кои предлог измените на Законот за градежно земјиште, иницијативата за измена на повеќе закони со цел општините поефикасно да се справуваат со малолетниот вандализам, прифатената измена на Законот за управување со конфискуван имот со што се овозможува пренамена на дивоградбите во објекти од јавен интерес, како и други предлози насочени кон јакнење на локалното управување.
Македонија
Ѓорѓиевски со Агелер: Само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела П. Агелер, која за првпат во својство на амбасадорка официјално го посети градот. На средбата присуствуваше и делегација од Амбасадата на САД, а разговорот се одвиваше во отворена, пријателска и конструктивна атмосфера.
Средбата, како што соопштија од таму, претставува значаен чекор во продлабочувањето на долгогодишното стратешко партнерство со САД, со фокус на институционалниот развој, економскиот напредок, борбата против корупцијата и создавање нови можности за граѓаните.
Во делегацијата учествуваа и Дејвид Маерс, шеф на Политичко-економскиот оддел, како и Розита Мреношки, помошник за политичко-економски прашања.
„Ова е прва посета во градот Скопје на амбасадорката Агелер откако е на својата должност.
Ја информирав за изборната програма, за динамиката на нејзина реализација и тековните проекти кои Град Скопје ги спроведува.
Разговаравме отворено за предизвиците, визиите и стратешките приоритети за развој на градот во следните години.
Особено важно беше заедничкото согледување на потребата од бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.
Се согласивме дека само со транспарентност, отчетност и силни институции можеме да изградиме модерно и доверливо општество.
САД се наш докажан и долгогодишен стратешки партнер.
Поддршката што ја добиваме од Соединетите Држави во развојот на институциите, демократијата и економијата е од огромно значење за нашиот напредок.
Уверен сум дека ова партнерство ќе се продлабочува и ќе продолжи да создава нови можности за жителите на Скопје.
Продолжуваме заеднички да градиме силни врски, стабилност и перспективи, за Скопје што расте, се развива и го заслужува најдоброто“.
Македонија
Навивачи нападнале полицајци на влезот во спортската сала во Битола
На 10 декември, околу 18:45 часот, на влезот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги привеле П.Н. (20), Н.А. (24) и Д.М. (24), сите од Скопје.
При влегување на навивачка група од Скопје на ракометен натпревар бил нарушен јавниот ред и мир, при што тројцата физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
Подоцна, во 19:20 часот, на истиот влез, полициски службеници го привеле и Н.Ѓ. (34) од Битола поради агресивно однесување и повикување на насилство, со што исто така го нарушил јавниот ред и мир.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци против сите инволвирани лица.

