Македонија
Ковачевски: Поголеми плати и пензии, СДСМ направи многу за подобар живот, но мораме повеќе
На вечерашното отворање на промотивниот штаб на СДСМ во Куманово, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, порача дека со СДСМ сигурна е иднината во ЕУ, поголеми плати и пензии за европски животен стандард.
Ковачевски потенцираше дека во изминатите седум години СДСМ направи многу за подобар и подостоинствен живот во нашата Македонија, се зголемија просечната и минималната плата, а паралелно растеа и пензиите.
„Минималната плата денес е над 370 евра, просечната плата е над 650 евра. Иако ветивме 500 евра. Пензиите се за 6.400 денари повисоки од тоа што беа во 2016 година. Невработеноста ја преполовивме и ќе продолжиме да отвораме нови работни места, да ги стимулираме на домашните и странските инвестиции, бидејќи тоа е единствениот начин да имаме посилна, поконкурентна економија“, рече Ковачевски.
Во своето обраќање, Ковачевски порача дека СДСМ може и мора да направи повеќе и подобро за сите, и тоа ќе се исполни преку новата програма која обезбедува подобар животен стандард и економски раст.
Говорејќи за новата програма на СДСМ, Ковачевски посочи дека поддршката за компаниите ќе биде најмалку 50% повисока од сегашните рекордни 100 милиони евра и до 2028 година ќе се зголеми на 150 милиони евраа, земјоделците ќе може да сметаат на нови, зголемени 750 милиони евра субвенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Наместо студен камен, никнуваат дрвја што ќе растат“ – засадени 63 јавори во спомен на починатите во „Пулс“
Во Кочани се засадени 63 јавори, по еден за секој млад живот згаснат во пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Овој чин не е само еколошка акција, туку длабоко симболичен и човечки гест. Секој јавор претставува жив споменик, тивок знак на почит и сеќавање на нашите деца“, велат семејствата на загинатите деца.
Наместо студен камен, како што додаваат, избрале да засадат дрвја што ќе растат и ќе сведочат за постоењето на нивните деца, како симбол на живот, надеж и сила, со порака дека тие никогаш нема да бидат заборавени.
Семејствата им се заблагодарија на сите кои дале поддршка и солидарност во најтешките моменти, истакнувајќи дека токму таа поддршка ја покажува општествената одговорност и човечност, и дека од болката заеднички е создадено нешто трајно, достоинствено и исполнето со љубов.
Македонија
„Зелен хуман град“: Орце Ѓорѓиевски се прогласи за ненадлежен да го заштити Скопје од детонации
На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата на „Зелен хуман град“ за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо. Споредбата за наводната ненадлежност Ѓорѓиевски ја доведе до апсурд со изјавата дека тоа било исто како Советот на Скопје да забранува абортус, соопштија од Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Од друга страна, велат од таму, Општина Кавадарци на почетокот на декември донесе одлука да ги слави празниците годинава без огномет.
„Иако во иницијативата доставена до Советот на Град Скопје беше експлицитно наведена надлежноста според Закон за Град Скопје во чијшто член 10 е прецизирана обврската што нашата локална самоуправа ја има да ги заштити водата, почвата, воздухот, да спречи нивно загадување, да спречи бучава, за градоначалникот таа надлежност не постои?! Неговото образложение беше дека МВР спречувале неовластено користење огномети. МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање. Ако Градот забрани на својата територија кој било да користи огномети, петарди и останати експлозивни материи, тоа не одзема од надлежноста на МВР туку додава“, велат од „Зелен хуман град“.
Според нив, со ова скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации.
„Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство“, се наведува во соопштението.
Македонија
СДС се опозиција во Србија или во Македонија?, прашува ВМРО-ДПМНЕ
Навистина сме вчудоневидени , СДС живее во паралелен универзум, денес тоа и се потврдува, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција за прес – конференцијата на Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Генералниот секретар на СДС, денес на прес-конференција излезе и објаснуваше за тоа дека банка од Србија купила банка во Македонија. Повеќе од 10тина дена, СДС сака да продаде некаква приказна за српски свет во државата, но тешко им оди. Не ја научија лекцијата која им ја одржаа граѓаните, а на следните избори добро е ако имаат и 100.000 гласови. Прашањето кое го поставуваме е дали СДС е опозиција во Србија или во Македонија? И зошто се толку опседнати со наша соседна држава? Дали има нешто коешто Заев и Филипче го кријат од јавноста во Македонија за некаков бизнис во Србија па затоа се гласни? Дали преку нашиот северен сосед, Заев купувал акции во индиска авиокомпанија? Чиви банкарски интереси во Македонија штити? На лагите на СДС им се кратки нозете. „Бомбите” што ги промовираат, освен дим и чад, не ‘пукаат’“, пишува во реакцијата.

