Македонија
„Реплек“ почнува иновативна платформа за добросостојба „РЕсет“: работилници, настани и едукација за подобро здравје
Симбиозата на добра физичка и ментална состојба е формула за здравје и добросостојба. Главен предизвик во модерниот начин на живот е како да се одржи здравјето и добросостојбата на телото и духот. Како компанија која сака да иницира промени и да ја менува деловната и општествената култура, „Реплек АД“ започнува нова платформа „РЕсет” за поттикнување на ведар дух, здраво тело и ментална сила, односно добросостојба. „РЕсет“ е во основата на визијата преку која компанијата сака да јa поттикне и промовира добросостојбата на лично и колективно ниво, поврзувајќи ја оваа платформа директно со кредото на компанијата „За мое добро“. Платформата „РЕсет“ ќе иницира низа активности достапни за јавноста, преку кои ќе се обиде да мотивира и да поттикнува промена на навиките и однесувањата на луѓето за добросостојба, здраво тело, здрав дух и ментална сила.
Сите кои сакаат да се РЕсетираат и да се приклучат на оваа иницијатива на „Реплек“ ќе можат да се приклучат на првата бесплатна онлајн работилница што ќе се одржи на 5.4.2024 година во 19.00 часот. На работилницата, Илина Арсова, нашата позната уметница и алпинистка со исклучителен животен стил, ќе ги сподели своите животни навики и мотивациски тактики за здраво тело и дух, а присутните ќе можат директно да комуницираат со Арсова и да постават прашања или да споделат искуства и мислења.
– Латинската изрека „во здраво тело, здрав дух“ е најкраткото, но истовремено и најсуштинското мото за важноста на добросостојбата на човекот. Стресниот и брзиот начин на живот остануваат сериозен фактор за нарушување на човековата добросостојба, а анализите покажуваат дека сѐ пониска е возрасната граница за појавување на сериозни нарушувања на здравјето. Ваквата состојба може да се промени со излегување од шаблоните. Како компанија која храбро чекори кон промените ние креиравме платформа која ќе овозможи сите во заедницата, вклучително нашите луѓе во компанијата, да се приклучат и да започнат нова поздрава страница во својот живот која ќе биде чекор кон добросостојба. Среќните луѓе се здрави луѓе, затоа ајде да направиме нешто надвор од рутината, да пробаме нови работи, односно да ги напуштиме старите и дотрајани шаблони, како што вели нашиот слоган „За мое добро ’’ – истакна Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек АД“.
Според Меѓународната здравствена организација за 22% од луѓето во Европа стресот е најголем професионален здравствен проблем. Болестите предизвикани од стрес како кардиоваскуларни болести, дебелина, дијабетес, депресија и анксиозни нарушувања, според СЗО ја чинат глобалната економија над 1 трилион долари годишно. Според оваа светска организација, физичката неактивност придонесува за 3,2 милиони смртни случаеви годишно.
Статистиката укажува дека грижата за здравјето е врвен приоритет, па оттука „Реплек“ преку платформата „РЕсет“ креира простор за вклучување на секој граѓанин кој сака да го промени својот начин на живот и да го подобри своето ментално и физичко здравје. По работилницата со Илина Арсова, планирани се неколку настани за добросостојба во текот на годината, чија цел е да едуцираат, мотивираат и да поттикнат промена кај луѓето, преку животното искуство на инспиративни личности од различни професии. Темите на работилниците ќе бидат од различни области, односно исхрана, физичко и ментално здравје и слично.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

