Македонија
Велковски обвинува за оркестриран напад: Се вршат притисоци врз вработени да не даваат податоци за откриените злоупотреби
Оркестриран напад на вчерашните објави за сторен криминал од страна на раководни лица во центрите за социјална работа нема да нѐ поколеба јавноста да ја дознае вистината за тоа како се исплаќале социјална помош и социјални пензии, велат од кабинетот на техничкиот министер за труд и социјала, Ѓоко Велковски. Од него попладнево неколкумина директори на центри за социјална работа побараа извинување преку дописи до медиумите оти бил нарушен интегритетот на вработените.
„На прес-конференцијата во ниеден момент не се потенцира кои одговорни лица биле вмешани во овие злоупотреби, туку се посочуваа дека се вклучени повеќе лица за кои понатамошните постапки ќе ја утврдат одговорноста. Почитувани директори на центрите за социјална работа, доколку се докаже дека по откривањето на овој скандал направите макар еден прекин на социјална помош по основот што го наведовме, дали ќе ја преземете комплетната одговорност за злоупотреба на исплата на средства на лица што не исполнувале законски услови со месеци или години?“, велат од кабинетот на техничкиот министер за труд, Велковски.
Од таму нагласуваат со ваквата атака врз техничкиот министер на површина излегла грубата партизација во Министерството од досегашните министри.
„Од вчера сме сведоци и на притисоци кон вработени и инспектори да не се доставуваат податоци за откриените злоупотреби. Директорите на центрите за социјална работа, кои се поставени од претходните министри на СДСМ, откривањето на противправни исплати на социјална помош го преставуваат како навреда кон вработените“, велат од кабинетот на техничкиот министер.
Неколкумина директори на центри за социјална работа попладнево испратија идентична реакција на изјавите на техничкиот министер.
„Навредите на еден министер кон сите вработени и повредата на достоинството на директорите е неприфатливо однесување за предводник што треба да влева доверба и сигурност кај граѓаните! Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита, потребни се посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред сѐ – знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност, а притоа ги навредува сите вработени во институцијата во која моментно тој е на чело, е целосно неприфатливо. Бараме извинување за нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смее да ја навредат нивната професионалност! Човек што не ги почитува вработените не можи да води едно од најголемите министерства во државата!“, стои во реакцијата што ја испраќаат директорите на центрите.
Ваква реакција во „Макфакс“ попладнево стигна од директорите на центрите во Македонски Брод, Валандово, Гостивар, Пробиштип и Кавадарци. Содржината кај сите е иста.
Техничкиот министер Велковски вчера обвини за скандал со исплата на милионски суми социјална помош и социјална пензија на лица што не ги исполнувале условите за тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

