Македонија
Доделени новинарските награди „Никола Младенов 2023“

Новинарот Александар Димитриевски ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2023“, за сторијата „Од фирма за долна облека до надзор над проект од 1,3 милијарди евра со позајмени експерти“, објавена во емисијата „360 степени“.
Серијалот текстови и видео прилози на авторот Димитриевски открива сериозни нерегуларности во тендерската постапка за избор на надзор врз најголемиот и најскапиот инфраструктурен проект во историјата на земјава – изградбата на автопатите од страна на конзорциумот Бехтел-Енка. Обелоденувајќи ја намерата за местење на тендерот за надзор, којшто треба да биде единствената контрола врз „тајната“ изградба на коридорите 8 и 10 и трошењето на 1,3 милијарди долари јавни пари, новинарот демонстрира исклучителен новинарски ангажман, темелност и систематичност во анализа и проверка на голем број документи и податоци поврзани со спорниот тендер.
Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарката Ирена Мулачка за серијалот текстови поврзани со случувањата на Клиниката за онкологија, објавени во неделникот „Фокус“.
Авторката Мулачка, преку серијалот текстови објавува фрапантни податоци за сериозни пропусти и малверзации во лекување на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија. Низата стории го стегаат обрачот околу незаконското, неетичко и коруптивно дејствување на дел вработени на Клиниката, што го подигнува општествениот аларм и притисокот врз надлежните институции за преземање порешителни чекори.
Новинарот Мартин Пушевски е добитник на третата награда за Најдобра истражувачка сторија за серијалот текстови за борбата на граѓаните од Струмичката Котлина против отворање на рудникот „Иловица“, објавени на порталот „Дома“.
Серијата текстови за „Иловица“ открива како рудникот стигна на чекор до добивање дозволи за работа, наспроти загриженоста и реакциите на граѓаните и на стручната јавност за штетите што можат да бидат предизвикани врз животната средина во Струмичката Котлина.
Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска, Маја Јовановска и Ивана Настеска од редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ, за истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“, емитуван на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ.
Истражувачкиот документарен филм „Убиство во Тетово“ го редефинира новинарското раскажување и на иновативен начин ги презентира фактите и аргументите што произлегуваат од повеќемесечната истрага на новинарите за причините за една од најголемите несреќи во Македонија, пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во којашто животот го загубија 14 граѓани.
Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Томислав Георгиев за фотографијата „Црква“, објавена во интернет изданието на неделникот „Фокус“.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија им беа доделени на новинарките Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Славица Филиповска Иванова и Јасмина Јакимова. Додека на редакцијата „Види Вака“ и на новинарката Катерина Топалова им беа доделени пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најиновативен новинарски производ.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ја истакна својата решеност да ја промени дводецениската матрица на управување со општината со изговорот „не можеме“, кога станува збор за реализирање на крупни проекти во интерес на граѓаните. Тој порача дека неговата кандидатура не е борба против личности, туку против менталитетот на „не можам“, кој, како што рече, го кочи развојот на Чаир веќе 20 години.
Тој потсети дека повеќе од 20 години, од основањето на општината, Чаир се води без план, без идеја и без храброст, а граѓаните се навикнати на изговори и поразителното „не може“.
„Имало многу ветувања, во секоја изборна кампања. Но секогаш по нив следело: ‘Не може’. Повеќе од 20 години една клика ни инсталираше начин на размислување дека ‘ние не можеме’, дека ‘ова ни е судбина’. Јас влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам тој начин на размислување“, нагласи Османи.
Тој истакна дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку ментална и политичка трансформација, со јасна визија за иднината на Чаир.
„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал менталитетот дека ‘не може’. И кога влегов во преговорите за името, за НАТО, за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но јас секогаш сум влегувал со уверување дека треба да се предизвика, затоа што храброста е таа што ги реализира промените, не само идеите“, рече Османи.
Тој ја поврза оваа порака со најзначајниот проект во неговата програма, реализација на „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем во општината и да ја трансформира во модерен и функционален центар.
„Идеи можеме да имаме многу, но мора да имаме храброст да преземеме одговорност за големите идеи“, порача Османи.
Тој подвлече дека реализацијата на проектот „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница веќе започнала со подготвителната фаза, со планирање на средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и сопствените општински фондови, со цел да се обезбеди стабилно финансирање.
„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.