Спорт
Ериксен: Не сум среќен кога не играм, но не е дека не спијам поради тоа
Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Кристијан Ериксен не е задоволен од минутажата што ја добива оваа сезона, но не планира да го напушти клубот од „Олд Трафорд“ на крајот на сезоната, пренесуваат британските медиуми.
Ериксен (32) сезонава одигра 21 натпревар за Манчестер јунајтед, а на теренот мина 1.130 минути.
Данскиот фудбалер се бори за место во стартниот состав на „црвените ѓаволи“ со талентираниот Коби Маино.
„Не сум среќен кога не играм, но не е дека не спијам поради тоа. Тимот игра добро и морам да ја почитувам улогата што ја имам. Морам да работам напорно и да бидам подготвен за секој натпревар. Сега полесно ја прифаќам мојата улога“, изјави Ериксен за дански „Типсбладет“.
Тој изјави дека разговарал со менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг.
„Сакам да играм што е можно повеќе. Сум и морам да бидам тука за тимот. Тен Хаг ми кажа дека тој го избира тимот и истакна дека Коби игра добро, како и другите играчи во средниот ред. Постои конкуренција за место во тимот, што е очекувано кога играш во врвен клуб“, додаде данскиот фудбалер.
Ериксен има договор со Манчестер јунајтед до јуни 2025 година.
„Не сакам да седам на клупата, но не сум загрижен за иднината во клубот. Почитувам дека победничкиот тим не се менува“, изјави Ериксен.
Манчестер јунајтед е на шестото место на табелата во Премиер лигата со 47 бодови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Лестер го официјализираше доаѓањето на Ван Нистелрој
Руд ван Нистелрој е новиот менаџер на Лестер.
Холанѓанецот го замени Стив Купер, кој доби отказ по само пет месеци и поразот од Челзи (1:2) минатиот викенд на стадионот „Кинг Пауер“ во Лестер, а договорот со Ван Нистелрој е до летото 2027 година.
Поранешниот ас на Манчестер Јунајтед го предводеше стручниот штаб на клубот од „Олд Трафорд“ како в.д. тренер по отказот на неговиот сонародник Ерик тен Хаг и доаѓањето на Португалецот Рубен Аморим на кормилото на клубот.
Можно е првиот и последниот меч во тој период да го „препорачаа“ Ван Нистелрој на таа позиција, бидејќи неговиот тим убедливо ги совлада „лисиците“ во Лига купот (5:2) и во Премиер лигата (3:0).
Во меѓувреме имаше реми со Челзи (1:1) во англиското првенство, па триумф над ПАОК (2:0) во Лига Европа.
Ван Нистелрој во сезоната 2022/23 го предводеше ПСВ со кој го освои Купот на Холандија, но и Суперкупот, кој неодамна го носи името на легендарниот Јохан Кројф, со победата над Ајакс (5:3).
Спорт
Норис на пол-позицијата за спринтот во Катар, Макс е во третиот ред
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ја освои пол-позицијата за последната спринтерска трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1, која ќе се вози за Големата награда на Катар.
Британецот на половина пат на патеката „Лусаил“ стигна со време од 1:21.012 минути, со 63 илјадитинки предност пред Џорџ Расел во Мерцедес. Двајцата беа следени од возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, кој беше десетти зад победникот на минатонеделната трка во Лас Вегас.
Шампионот Макс Ферстапен, кој пред пет дена ја обезбеди четвртата титула, ќе го заземе шестото место во саботниот спринт.
Спорт
Пикси останува селектор на Србија
Драган Стојковиќ Пикси ќе остане селектор на фудбалската репрезентација на Србија. Ова го потврди генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Србија, Бранко Радујко.
„Разговаравме со Драган Стојковиќ и уште еднаш потврдивме дека останува селектор на А репрезентацијата. Согласно овој и важечкиот договор, ја продолжуваме соработката со заеднички интерес. Понудите се составен дел од тренерската работа, исто како што е природно секоја сериозна организација да има навремени и адекватни решенија во случај на промени. Не сакаме да се занимаваме со шпекулации туку со конкретни теми. Не чека ждрепката за Светското првенство, во март има плеј-оф дуели со Австрија, па многу брзо ќе имаме за што да разговараме кога е А репрезентацијата во прашање“, изјави Радујко.
Пред неколку дена се појави информација дека Пикси добил милион доларска понуда од Азија и дека е блиску до заминување од селекторската функција на Србија, како и дека функцијата ќе ја напушти на почетокот на 2025 година.