Скопје
Меѓународна вежба за пожар на отворено по реално сценарио во село Кучково
До 22 март во село Кучково ќе се одвива вежба за пожар на отворено по реално сценарио, а во присуство на меѓународни служби од цивилна заштита.
Станува збор за меѓународна вежба на полигон, која се одржува секоја година во разни држави и е со многу сериозен пристап од страна на сите вклучени страни, известува Општина Ѓорче Петров.
Годинава, организацијата е на Дирекцијата за заштита и спасување и на Република Македонија како член на Меѓународниот механизам за заштита и спасување.

„Имав можност да бидам домаќин на средба во Општина Ѓорче Петров со претставници од сите присутни меѓународни служби од цивилната заштита. Акцентот на разговорите беше ставен на вежбата, но стана збор и за слични проекти, кои би можеле да ги реализираме во иднина, а се од особено значење за заштита на природата и природните ресурси“, вели Стојкоски.
Кучково е избрано како локација токму поради тоа што е регион со густа борова и дабова шума, која, за жал, честопати е цел на пожари, најчесто предизвикани од човечки фактор. Службите од Република Словенија се присутни со две тешки возила за гаснење пожар, Република Турција со три тешки возила и два авиона, Република Србија и Република Црна Гора по две тешки возила, Република Босна и Херцеговина и Република Албанија по едно тешко возило и Република Косово со лесни возила. Покрај тоа, сите држави се присутни и со лесни возила за непристапен терен, додава Стојкоски.

„За навремено и брзо да се справиме со евентуалните пожари кои се зачестени во летниот период, вежбата што се одржува во Кучково е одлична подготовка за огнените стихии кои може да бидат и фатални и за локалното население. Во случај на евентуален пожар сите регионални служби ни стојат на располагање со човечки фактор и механизација.
Благодарност до сите присутни и организаторот за заложбите и сериозниот пристап во однос на вежбата која е реална подготовка за она што може да следува“, вели Стојкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

