Свет
Нетанјаху до републиканските сенатори: „Војната во Газа ќе продолжи“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на американските републикански сенатори дека Израел ќе продолжи со напорите да ја победи палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа, изјавија сенаторите по обраќањето на Нетанјаху.
„Тој ќе го направи она што рече дека ќе го направи“, рече сенаторот Џим Риш, според „Ројтерс“.
Тој додаде дека Нетанјаху се осврнал на цивилните жртви и потребата да се испрати поголема помош во Газа.
Риш рече дека Нетанјаху многу ги поддржува плановите за изградба на привремено пристаниште и испорака на помош во Газа по море.
Израелскиот лидер разговара со републиканците преку видеоврска една недела откога лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, одржа говор, во кој остро го критикува Нетанјаху како пречка за мирот и повика на нови избори во Израел, наведува агенцијата.
„Побаравме од него информации и добивме информации за војната, ослободувањето на заложниците и напорите да се победи Хамас. Му рековме дека Израел има целосно право да се брани, а тој рече дека токму тоа ќе продолжи да го прави тоа“, рече сенаторот Џон Барасо.
Демократските лидери се борат со поделбите во нивната партија во врска со хуманитарната катастрофа во Газа пет месеци по војната што почна со нападите на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври, пишува медиумот.
Портпаролот на Шумер рече дека му понудил на Нетанјаху да разговара и со демократите, но Шумер одбил велејќи дека разговорите не треба да бидат партиски.
„Длабоко се грижам за Израел и неговата долгорочна иднина. Кога тоа прашање го правите партиско, ја повредувате каузата за помагање на Израел“, им рече Шумер на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.