Македонија
Од следната недела 12 меѓународни експерти на ОБСЕ-ОДИХР ќе почнат со интензивно следење на медиумите за изборите
Дванаесетмина набљудувачи на ОБСЕ-ОДИХР се веќе во земјата и следната недела ќе почнат интензивно да ги следат медиумите. Шефицата на мисијата, Џилијан Стирк, најави дека покрај клучниот тим за набљудување на изборите, ќе има дополнителни 20 долгорочни набљудувачи распоредени во неколку градови, а побарале и 300 краткорочни набљудувачи, кои треба да стигнат во земјата непосредно пред изборите.
„Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички на ОБСЕ. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај. Покрај мојот колега, господинот Наџ, имаме и други експерти, кои работат на изборната администрација, правната рамка, политичката средина, кампањата, политичкото финансирање и финансирањето на кампањата и медиумите. Од наредната недела ќе почнеме со интензивно следење на медиумите. Покрај главниот тим, ќе имаме група долгорочни набљудувачи, вкупно 20 лица, кои ќе бидат распоредени во земјата во тимови по двајца. Ќе бидат стационирани во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип, а два тима ќе има во Скопје. Долгорочните набљудувачи беа испратени од 20 земји, учеснички на ОБСЕ. Ние исто така побаравме и 300 краткорочни набљудувачи, кои треба да пристигнат непосредно пред изборите. Ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирањето на резултатите. Тие ќе дојдат непосредно пред 24 април“, рече шефицата на мисијата, Стирк.
Ова се 22. избори во Македонија што ги набљудува ОБСЕ-ОДИХР, а првпат набљудуваат двојни избори.
Зголемениот број на набљудувачи шефицата Стирк објасни дека е одлука на мисијата за процена што имала предвид дека првпат во земјата се набљудуваат двојни избори.
Прелиминарниот извештај на ОБСЕ-ОДИХР за изборите ќе биде готов две недели пред изборниот ден, прелиминарните наоди, кои ќе бидат претставени на прес-конференција, а ќе подготват и конечен извештај, кој треба да се објави два месеца по изборниот процес.
Со оглед на тоа што денес им беше прв работен ден во Скопје, шефицата на мисијата побара повеќе време за анализа за да одговори на прашањето дали препораките на ОБСЕ-ОДИХР, кои беа усвоени пред две недели, беа доцна усвоени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара одговори: Како пет тони дрога ја поминаа границата без да се забележи
По случајот со заплената на 5 тони дрога во Србија, за која постојат индиции дека потекнува од Македонија, СДСМ повикува на одговорност од институциите и посочува на можен организиран криминал со политичка поддршка.
„Цела недела помина без одговор: како е можно 5 тони дрога да ја поминат македонската граница без никој да одговара?“, прашуваат од СДСМ во денешното соопштение, посочувајќи дека ваков криминал не може да се одвива без логистика, поддршка и заштита од структури на власта.
Од партијата потсетуваат дека на граничните премини постојат камери од проектот „Сејф сити“, скенери, мобилни царински служби и други форми на контрола, што, според нив, ја прави невозможна ваква пратка да помине незабележано.
СДСМ истакнува дека случајот во Србија, според информации во медиумите, е поврзан со владејачката партија СНС – сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, како и со државни функционери.
„Ова е организиран криминал со политичка заштита. Кој во врвот на власта, во МВР, Царината и другите надлежни институции е соучесник?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинуваат и за дефокус: „Наместо одговори, гледаме обиди на власта за дефокус преку медиумски кампањи, со цел политичка злоупотреба и напади врз СДСМ.“
СДСМ порачува дека „картелскиот скандал води до врвот на власта“ и дека мора да има одговорност.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Заев се јави во одбрана на својот криминал, тој е таткото на бизнисот со канабис
Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица, велат од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на експремиерот Заев на социјалните мрежи, во која тврди дека владејачката партија шири лаги.
„Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт – дрога.
Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото.
Заев е таткото на бизнисот со Канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?
Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи?
Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа, почнува да станува клаустрофобичен?
Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Српските медиуми објавија дека Даниел Кајмакоски бил киднапиран во Белград
Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран во текот на ноќта во близина на „Бетон хала“ во Белград, објави српскиот портал Блиц и уште десетици меидуми од таа земја.
Според информациите на медиумите, непознати сторители, по кои сè уште се трага, присилно го внеле пејачот во автомобил, барајќи откуп во износ од 20.000 евра.
Пејачот бил одведен до градот Рума, каде што, според пишувањето на Блиц, при обид полицијата да го запре возилото, киднаперите удриле во заштитна ограда покрај патот, излегле од автомобилот и побегнале.
Даниел Кајмакоски во Србија е познат како победник на првата сезона од регионалното музичко натпреварување „Икс фактор“. Во 2015 година ја претставуваше Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Виена со песната „Лисја есенски“, но не успеа да се пласира во финалето.
Засега нема официјални информации од надлежните власти за случајот.

