Македонија
Џафери – Даштевски: Фер избори по европски вредности и придонес во напредокот кон ЕУ

Денес, на покана на претседателот на Владата, Талат Џафери, се оствари средба со претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, и членовите на Комисијата затоа што обезбедувањето фер и демократски избори е мандат на оваа Влада, но и обврска на Државната изборна комисија, информираат од кабинетот на Џафери.
Џафери истакна дека обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и заемна активност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија што ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи. Ова секако е важно затоа што, меѓу другите обврски, двете институции заедно имаат обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право.
Претседателот на Државната изборна комисија, Даштевски, го поздрави предлогот на премиерот Џафери за координација, затоа што ДИК како надлежно тело за успешно спроведување на изборите и притоа независно, непристрасно, одговорно и професионално во своето работење, има потреба од поддршка и од другите институции.
На состанокот се разменија информации за потребните подготовки за спроведување на претстојните избори. Од двете страни беше нагласена законската надлежност, но и политичката волја, за слободни, фер и демократски изборни процеси на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај, на кои, како и во неколкуте претходни изборни циклуси, граѓаните слободно ќе го направат својот избор.
Џафери потенцираше дека Владата што ја предводи работи согласно законските прописи за предизборието и дека е одлучно определен надлежните институции да организираат и спроведат фер избори, според најдобрите европски пракси и стандарди.
Заедничка констатација на средбата беше дека Република Северна Македонија е на европскиот пат, практикува европски вредности и потребен е силен фокус од сите политички субјекти и наратив на меѓусебно почитување за фер и демократски избори, што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„СДС и Филипче да одговорат дали Заев на поранешен премиер на Бугарија му понудил продажба на македонска телевизија и прислушкувани материјали“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„СДС лидерот го менува, но навиките не. Прислушкуваните материјали и купопродажбата на имоти, како и на државните интереси, продолжуваат да му бидат навика и на Венко Филипче, како на неговиот претходник и ментор, Зоран Заев. Затоа го прашуваме Филипче да каже дали Зоран Заев му понудил стик со прислушкувани материјали на поранешен бугарски премиер, како и една шема за купување на две големи фирми, од кои едната била телевизија“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче да не молчи, туку да одговори што содржел стикот со прислушкувани материјали, кое неговиот, ментор Зоран Заев го дал на поранешен премиер на Бугарија, која сега ги злоупотребува механизмите на членка во ЕУ за да ја блокира државата.
Освен за стикот, СДС и Филипче, исто така, треба да кажат дали и зошто Зоран Заев понудил шема за купување на две големи фирми во Македонија од страна на фирми од Бугарија блиски до тој поранешен премиер и дали една од тие фирми е една голема телевизија, преку која требало да се врши бугарска пропаганда во државата?
Оттука произлегува уште едно прашање, на кое СДС и Филипче должат одговор, дали ова е подарокот кој Заев го дал во замена за логистичка и финансиска поддршка од Бугарија би им ја давала на партија и сега и во иднина и дали зад кампањата на СДС стои тој поранешен бугарски премиер со кој Заев е во контакт?
Од се ова можеме да видиме дека Венко Филипче не е ништи друго, освен алатка за реализација на планот на Заев и неговата таканаречена резолуција е само продолжеток на тој план за потчинување на државата во однос на Бугарија.
Овој нивен план е откриен, Филипче и неговиот ментор и гуру се фатени на дело.
Нивните планови нема да успеат, затоа што на претстојните избори народот жестоко ќе ги казни и со заокружување на број 9 ќе го направат вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)