Македонија
Бочварски: Даваме огромна финансиска поддршка на сите општини, до сега реконструиравме над 180 локални улици и патишта
Инвестираме преку 40 милиони денари во капитални проекти за граѓаните на Росоман и за локален економски развој на општината, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска оствари работна посета на општина Росоман.
Тој заедно со градоначалникот Стојан Николов, извршија увид во инфраструктурни проекти што се реализираат во општина Росоман, а се финансираат преку Министерството за транспорт и врски.
При посетата на локалната улица Стерјо Нестороски, министерот Бочварски потенцираше дека огромна е поддршката кон општините што ја овозможува Владата заради поголем развој и подобрување на условите за живеење на граѓаните.
„Драго ми е кога ги подобруваме условите за живот на граѓаните, тоа е наш приоритет и тоа е очигледно во сите општини низ државата. Еве конкретно во Росоман извршив увид на неколку капитални проекти со кои финансиски ја поддржуваме општината, како на пример реконструкцијата на улицата Стерјо Нестороски на која се наоѓаме денеска за која инвестираме над 9 милиони денари и истата очекуваме комплетно да биде завршена во наредните 2 месеци. Исто така, извршивме увид и во изградбата на новиот зелен пазар во Росоман, за кој Министерството за транспорт и врски одвои 10 милиони денари. Претходно ја посетивме и реконструираната улица Гоце Делчев, за која вложивме речиси 14 милиони денари. И сите овие проекти се за развој на општината. Дополнително големо економски развој ќе донесе и изградбата на експресниот пат од Градско кон Прилеп кој исто така очекуваме да го завршиме оваа година“, изјави Бочварски.
Градоначалникот Николов истакна дека инфраструктурните проекти се од огромно значење за развојот на општина Росоман, подобрување на локалната инфраструктура и урбанизација на просторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се обрати до граѓаните, а по повод пресудата на Апелациониот суд во Скопје за враќање на 127 милиони денари за Скопски саем.
„Од првиот ден кога ми ја дадовте довербата да ја водам Општина Гази Баба, јавно се обврзав на транспарентно, отчетно и одговорно работење. Мојот однос кон Вас, кон народот секогаш бил искрен, директен и отворен, без прикривање на проблемите, колку и да се тешки. За жал, по повеќе од шест години, денес се соочуваме со сериозен и тежок предизвик, кој е директна последица на неодговорното и недомаќинско работење на претходното раководство на општината.
Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.
Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште.
Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд.
По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари.
Оваа пресуда е јасен и недвосмислен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година, во Општина Гази Баба се работело неодговорно, без визија, без грижа за јавниот интерес и без почит кон законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени уплатените 73.460.330 денари, денес во 2026 година општината е должна да врати 127.000.000 денари.
Се работи за сериозен финансиски и институционален предизвик, кој со право предизвикува загриженост кај мене. Но сакам јасно да порачам: граѓаните да бидат спокојни.
Со одговорна, чесна и посветена работа, со домаќинско управување и со целосна транспарентност, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните.
Истовремено, за ваквата состојба ќе ги информираме сите надлежни институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност, согласно важечките закони во Република Македонија.
Правдата, одговорноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат основа на секое работење. Тоа Ви го должиме на Вас – граѓаните“, се наведува во обраќањето на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.
Македонија
АХВ доби поддршка: Изградбата на гробишта за домашни миленици претставува решавање на деценискиот проблем
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов и стручни лица од Агенцијата, неделава одржаа работни состаноци со Министерот за локална самоуправа Златко Перински, Градоначалникот на Град Скопје и Претседател на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевки. На состаноците се разговараше за неколку актуелни прашања од надлежност на АХВ и локалните самоуправи, за чие решавање е потребна заедничка соработка на институциите.
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постоечкиот проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините.
„Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија“- рече на состанокот Министерот Перински.
Претстои дефинирање на локации во општините за нивна изградба и планирање на инфраструктурата која треба таму да се изгради за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните, појасни Ѓорѓиевки, потенцирајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата. Во однос на решавање на актуелниот проблем со бездомните кучиња тој изрази подготвеност за поддршка и помош на АХВ преку вклучување и на општинските инспектори и општинските комунални редари во решавањето на актуелниот проблем со бездомните кучиња.
На состаноците акцент беше ставен и на предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување на систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа, што наиде на поддршка и од Министерот Перински и од Градонсчалникот на Град Скопје Ѓорѓиевки, со ветување дека и локалните самоуправи активно ќе се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени. Според Директорот на АХВ Миланов, во предлог законските измени се веќе инкорпорирани забелешките и предлозите кои ги дадоа здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а в передвид ќе се земат и предлозите на општините.
„Како одговорна институција и за здравстената заштита и благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне на општините во однос на решавање на техничките прашања при воспоставувањето на системот за контрола на популацијата бездомни кучиња, согласно можностите, надлежноста и овластувањата на АХВ“, заклучи Директорот Миланов.
Македонија
(Видео) Царина со акција во Струга: запленети тутунски производи од малопродажен објект – избегната акциза од 509 илјади денари
Поголема количина тутунски производи без акцизни марки, со вредност од над 1,8 милиони денари, е запленета во акција спроведена од мобилни царински тимови и царински службеници од царинарница Битола, при контрола на малопродажен објект во Струга, извести Царинската управа.
При контролата пронајдени се 1.027 кутии цигари, 1.387 електронски цигари (вејпови), 530 парчиња цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, без акцизни маркички.
Со акцијата е спречен обид за нелегална трговија на акцизна стока, за која е избегнато плаќање акциза во износ од 509 илјади денари. Против сторителите е поведена соодветна постапка, се вели во соопштението на Царинската управа, од каде додаваат дека ќе продолжат со засилени контроли со цел спречување на нелегална трговија со акцизни производи, заштита на финансиските интереси на државата и заштита на здравјето на граѓаните.

