Македонија
ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува денешниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска.
Овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ПорталИкс и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката но и скршен микрофон од неговата опрема. Колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево.
ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.
„Контакт точките, односно лицата во МВР и ОЈО се од голема важност во контекст на брза и ефективна комуникација со ЗНМ кога станува збор за повреда на право на новинар или медиумски работник и овозможува поголема институционална заштита. Потсетуваме дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на санкционирање на напаѓачот, во овој случај извршителката Јакимовска. ЗНМ за овој случај освен за кривична одговорност, ќе побара и дисциплинска мерка, согласно кодексот на професионалната етика на извршителите за одземање на лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Северна Македонија“, велат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ – Сијаојан: Односите меѓу Македонија и Кина се карактеризираат со долгогодишно меѓусебно разбирање, почитување и поддршка
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со делегација од Амбасадата на НР Кина во Скопје, предводена од новоименуваната амбасадорка, Џанг Сиаојан.
Средбата се одржа во конструктивна атмосфера, при што двете страни изразија задоволство од континуитетот и квалитетот на билатералните односи. Амбасадорката Сјаојен го реафирмираше принципиелниот став на Народна Република Кина за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија.
Во рамки на разговорите беше потенцирано дека односите меѓу двете држави се карактеризираат со долгогодишно меѓусебно разбирање, почитување и поддршка, како и дека постои солидна основа за нивно натамошно унапредување.
„Предизвиците не се мали, ниту ограничувањата, но нема да се откажам од тој прозорец на соработка со Кина. Треба пречките да ги надминуваме, а расположението да го преточиме во соработка“, истакна Стоилковиќ.
Осврнувајќи се на трговската размена меѓу двете земји додаде: „Имаме размена која е диспропорционална, затоа бараме трговска преференција за македонските производи. Ова се ситни чекори кои мораат да почнат да се реализираат и работите да се туркаат напред.“
Амбасадорката изрази подготвеност да придонесе кон продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес, со цел дополнително јакнење на партнерските врски, со фокус на визниот режим за кинеските граѓани и акцент на туризмот за што најави средба со тамошните туроператори.
На крајот од средбата, соговорниците ја истакнаа важноста од одржување редовен и интензивиран дијалог како предуслов за понатамошен напредок во билатералните односи. Двете страни изразија подготвеност за продолжување на досегашната успешна соработка, како и за иницирање нови проекти и активности кои ќе придонесат за создавање уште посилни и поодржливи врски меѓу РС Македонија и НР Кина.
Македонија
Ѓорѓиевски: По неколку децении, почнуваме со целосна реконструкција на улицата Фрањо Клуз во Аеродром
Во насока на унапредување на инфраструктурата и подобрување на условите за движење на граѓаните, Град Скопје започнува со реализација на уште еден значаен проект, информираат од Град Скопје.
„После неколку децении, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ (Црвена Вода 7) во Аеродром. Денес, заедно со градоначалникот Дејан Митески и новиот директор на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, го означивме почетокот на овој значаен инфраструктурен зафат. „Фрањо Клуз“ е улица која игра клучна улога во урбаниот дел на општината, сообраќајница што секојдневно ја користат илјадници граѓани“, истакна градонаќалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во врска со започнувањето на целосната реконструкција на улицата „Фрањо Клуз“ во општина Аеродром.
Станува збор, како што рече за улица која со години е оставена на забот на времето, небезбедна, оштетена и запоставена.
„Денес ставаме крај на таа слика. Ова е улица што одамна го заслужуваше вниманието, а денес тоа конечно и го добива. Со овој зафат, улицата ќе добие двослоен асфалт, нови рабници и уредени тротоари, создавајќи безбеден, чист и функционален простор за сите минувачи. Ќе изградиме улица која ќе биде пример како треба да изгледаат современите градски сообраќајници – уредени, безбедни и наменети за секого. Ова е само почеток. Следуваат уште поголеми проекти за нашето Скопје. Ќе работиме во секоја општина, секое маало, секоја населба. Скопје заслужува“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Муртезани: Европската интеграција бара континуитет, зрелост и јасна политичка волја
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска се обрати на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Северна Македонија.
Во своето излагање Муртезани истакна дека новиот Годишен извештај на Европската комисија за Северна Македонија за 2025 година, претставува јасен пресек на досегашните постигнувања и на областите во кои реформите треба да се засилат. Тој нагласи дека државата задржува стабилно и добро ниво на подготвеност во низа клучни поглавја, но дека динамиката на напредокот мора да биде поенергична, особено во сегментот на владеењето на правото.
Муртезани посочи дека оваа Влада влегува со јасна политичка волја да ги конкретизира реформите, да го забрза донесувањето на клучните закони и да ја претвори подготвеноста во реални резултати. Тој додаде дека Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст ја даваат целосната архитектура за напредок, а задачата на институциите е да обезбедат јасен ритам и доследна имплементација.

