Култура
Уште еден триумф на Музејот на современата уметност – Скопје во Прага
Синоќа, Прага живееше во духот на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“/„No Feeling is Final.
The Skopje Solidarity Collection се отвори во Националната галерија пред повеќе од 1.000 посетители, кои дојдоа да ги видат делата од уникатната колекција на МСУ – Скопје.
Помеѓу многуте посетители имаше многу интернационални уметници и куратори, културни работници, љубители на уметноста, кои работат и живеат во Прага, но и посетители, кои специјално допатуваа за овој настан.
Уште еден триумф на Музејот на современата уметност, чија изложба првично беше отворена минатата година во престижниот простор Кунстхале Виена, каде што за девет месеци ја видоа повеќе од 75.000 илјади посетители.
Поставката за солидарно Скопје со дела, кои светски познатите уметници ги подарија на МСУ по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, каде што како последица на многуте човечки загуби светот повика на солидарност, вчера, во Националната галерија темата солидарност предизвика и мирољубиви активисти, кои влегоа во галеријата на самото официјално отворање. Тие повикаа на солидарност и мир во подрачјата погодени од воените конфликти денес во светот. Фрлјаќи летоци и повикувајќи на прекин на страдањата предизвикани од војните во светот, се надоврзаа на солидарноста како концепт на изложбата, што подразбира сочувство кон страдањата на другиот. Ова зборува за важноста на изложбата, нејзиниот потенцијал да се поврзува со актуелните општествени проблеми денес.
„Изложбата е збир на емоции, секој дел од неа раскажува разни наративи, обединети под поимот солидарност“, беа дел од коментарите на посетителите.
Особено Македонците што живеат во Прага и кои се нетрпение го дочекаа отворањето реагираа емотивно гордеејќи се со Музејот на современата уметност и со нашата земја и потенцираа дека „ова е голем настан, кој ја потикнува меѓународната солидарност, вечерва се гордееме што сме Македонци“.
Инаку, од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5.300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Нa истиот концепт е заснована и оваа изложба во чешката Национална галерија и додадени се уште 54 дела од колекцијата на нашиот музеј.
Првично замислена и прикажана во „Кунстхале Виена“ минатата година, изложбата во изменета верзија е проширена со дела од колекцијата на МСУ од чехословачки уметници и од самата НГП, која му донира на МСУ дванаесет дела од класичниот модернизам.
Солидарната колекцијa се врти околу две перспективи. Првата е фокусирана на уникатната збирката на МСУ – Скопје. Втората перспектива е онаа на современите уметници, кои беа поканети од кураторскиот колектив What, How & for Whom, кои го креираа концептот на поставката: Сабина Саболовиќ (директорка на „Кунстхале Виена„), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.
Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) за поставката во Прага им се приклучуваат како кокуратор Радослав Ишток и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага), кои исто така направија избор дела од колекцијата на МСУ, кои ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.
Покрај нив, поканета беше и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена) – позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје. Од МСУ вклучени во подготовките на изложбата се Благоја Варошанец, координатор на проектот и консултант во истражувањата, Владимир Јанчевски, консултант и автор на дел од текстовите за уметниците, и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Од колекцијата на МСУ за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски-Пандилов, Виктор Вазарели, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Христо, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честмир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и многу други.
Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ со хрватска кино-премиера во Загреб
На покана на хрватскиот дистрибутер, македонскиот КИЦ во Загреб се јавува како еден од партнерите на кино-премиерата и дистрибуцијата во Хрватска на македонскиот документарен филм, „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска кој што својата премиера ја имаше на престижниот Меѓународен филмски фестивал во Венеција.
„Ова е одлична и ексклузивна прилика пошироката хрватска публика да го види најновото успешно остварување на македонската филмска документаристика. Македонскиот КИЦ во Загреб преку вакви соработки, не само што ги шири хоризонтите на регионалната културна сцена, туку доследно и достоинствено ја презентира македонската култура, филм и авторство надвор од националните граници, градејќи мостови на разбирање, дијалог и културна размена“, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
„Приказната за Силјан“ е длабоко комплексно филмско дело кое својата наративна база ја пронаоѓа во народната митолошка приказна. Режисерката Котевска вешто користејќи ги особеностите и можностите на филмскиот јазик ја развива познатата приказна поврзувајќи го митското и минатото со сегашниот егзистенцијален момент. На овој начин, Котевска успева на своето дело да му даде силна безвременска и беспросторна димензија и да создава порака која ги преминува јазичните и културолошки меѓи и бариери на филмсите вљубеници ширум светот. Филмот отвора емотивни прашања и безброј можни одговори за местото на индивидуата во светот кој, сите ние, се обидуваме да го сфатиме и прифатиме.
Хрватскиот дистрибутер „Рестарт“ кино премиерата и почетокот на дистрибуцијата на „Приказната за Силјан“ во Хрватска ја најави за 28-ми јануари во ДокуКИно КИЦ во Загреб, а истата ќе се реализира во соработка со Volim Dokumentarce, платформа за дистрибуција на креативни ангажирани документарни филмови од земјите на поранешна Југославија и македонскиот Киц во Загреб.
Култура
За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 45 романи
На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 45 романи.
Жири-комисијата, во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.
Наградата „Роман на годината“, која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а чиј генерален спонзор е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава ќе биде доделена 27-ти пат. Признанието се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Список на пристигнати книги на конкурсот за „Роман на годината“ за 2025 година
1. „Александар јава на запад“, Венко Андоновски, „Три“
2. „Лозинка за излез од пеколот“, Јадранка Бибан,самостојно издание
3. „Грст афионови зрнца“, Горан Василевски,
4. „Ноќ без враќање“, Васе Врангалоска,„Ирис Принт“, Струга
5. „Во зенитот на еден дневник“, Викторија Гаго, НУ „Григор Прличев“ – Охрид
6. „С(удба)та“, Филип Георгиевски,„Бата пресс милениум“
7. „Тринаесеттиот“, Лидија Димковска, „Три“
8. „Волкот“, Константин Дораковски, „Макавеј“
9. „Околу три по полноќ“, Димитрие Дурацовски, „Арс Либрис“
10. „Необјавен фељтон“, Владимир Илиевски, „Maкедоника литера“
11. „Баба Илка“, Жан Илиески, „Макавеј“
12. „Ќе помине и моќта“, Ирена Јурчева, „Паблишер“
13. „СФ – СН: (партизански роман)“, Моџо Килингтон, „Арс Ламина“
14. „Договорот“, Јордан Коцевски, „Антолог“
15. „Илина и тајните на бабин заб“, Хана Корнети, „Или -или
16. „И“, Кристина Краличин, „Арс Либрис“
17. „Извештајот на Рената“, Кристина Краличин, ИД – Концепт консалтинг и дизајн
18. „73“ дена“, Иво Митев – Жиле, „Арс Либрис“
19. „Годината висококосна“, Маја Мојсова, „ПНВ публикации“
20. „Кругот дупка“, Никола Наумовски, „ПНВ публикации“
21. „Касадеј“, Велко Неделковски, „Матица македонска“
22. „Не заборавај, Ангела“, Љилјана Нелковска, самостојно издание
23. „Чуварите на вистината“, Елена Николова, „Збор“
24. „Промилите на Конзулвил: (миксан роман)“, Јордан Николов, „Паблишер“
25. „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“: (на почетокот беше… информацијата)“, Валентин Нешовски, „Антолог“
26. „Зара Зарина“, Лилјана Пандева, „ПНВ публикации“
27. „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“, Фросина Пармаковска, „Арс Либрис“
28. „Калуѓерки“, Димче Парталоски,„Бата пресс милениум“
29. „Потклек“, Љупчо Петрески, „Бегемот“
30. „Арагон“, Михајло Свидерски, „Антолог“
31. „Опасноста што ја љубам“, Маја Симоновска, „Читај книга“
32. „Сенката што ме чува“, Маја Симоновска, „Читај книга“
33. „Фобос: деконструиран роман“, Соња Станковска, „Или – или“
34. „Нашата Симка“, Благуна Стевоска, НУ Библиотека „Григор Прличев“
35. „Тишина што сака да викне: роман од сеќавања“, Милован Стефановски, „Ад Вербум“
36. „Траги врз песок: корисен водич за успех на менаџери за продажба, инспириран од врвните спортски тренери“, Бојан Стефановски, „Матица македонска“
37. „ Неколку тишини подоцна“ , Ана Стојаноска, „Конгресен сервисен центар – Полица“
38. „Ноќта – филм кој се чита“, Игор Трајковски Фоја, -Битола: „3Д Графопром“, самостојно издание
39. „Три Марии: (роман -басма), Оливера Ќорвезироска, „Арс Либрис
40. „Само уште еден скок“, Енис Хилми, „Светулка нова“
41. „Повратник со две лица“, Ивица Челиковиќ, „Паблишер“
42. „Изедначен“, Јован Ристов Џамбазоски, „Матица македонска“
43. „Светото светило: (роман)“, Мирче Б. Нешовски, „Менора“
44. „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта: (роман во раскази)“, Драгана Лукан Николоски, „Чудна шума“
45. „Сѐ на овој свет“, Гордана Каракашевска, „Бата пресс милениум“
Култура
„Као какао“ – прв македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски
„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на гитаристот Влатко Стефановски – автор чииот звук со децении е дел од музичката меморија на публиката. Проектот беше официјално најавен на прес-конференција одржана вчера, а мјузиклот премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“, со Македонскиот народен театар како копродуцент.
Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, а режијата е доверена на Дејан Пројковски. Во моментов, во план е претставата да вклучува 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени за мјузиклот од Бобан Мирковски.
Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференцијата истакна дека идејата за проектот постои веќе три години, додека конкретните активности започнале минатиот јуни.
– Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат музички опус што го имаме во современата македонска музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и тежината на неговото име, се обидовме да формираме тим кој со својата работа ќе одговори на тоа дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе – сите врвни професионалци во својата област – но токму тоа ни дава право да веруваме дека создаваме еден од најзначајните културни проекти во последните децении, со потенцијал да излезе и надвор од границите на нашата држава, рече Мандичевски.
Приказната на сцена ќе ја раскажат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ќе ги толкуваат главните ликови Дона и Џими. Тие се избрани на кастинг спроведен од Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, во мјузиклот ќе учествува и поширока актерска екипа, која дополнително ќе се надградува во текот на процесот.
За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев а вокален ментор е Ана Костадиновска. Автор на визуелниот идентитет е дизајнерот Марко Мандичевски, кој создаде визуелна приказна од пеперутка направена од гитарски жици, која ја симболизира трансформацијата на еден млад уметник со желба за успех.
Самиот Стефановски истакна дека драмскиот текст силно го допрел уште при првото читање.
– Текстот на Венко ме насмеа три пати, а ме расплака два пати. За мене тоа е најдобрата потврда дека е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски, ниту во младите актери – имаме исклучително
талентирани млади луѓе и верувам дека ова ќе биде интересен и успешен проект, рече Стефановски.
Андоновски, пак, со доза хумор и искреност зборуваше за својата долгогодишна почит кон семејството Стефановски.
– Имав сериозна желба да го надминам Влатко Стефановски во гитара – не успеав, па отидов на книжевност. Првата книга што ја добив беше ‘Диво месо’ од Горан Стефановски, и него не успеав да го надминам. Но, еве, животот убаво ги реди работите и сега работиме заедно“, рече Андоновски, додавајќи дека неговата генерација имала среќа да расте со светски гитарист од Тафталиџе.
За него, Влатко Стефановски е „човек епоха“, а процесот на пишување, како што вели, течел речиси природно.
– Добив одбрани песни и музиката ме водеше. Самите песни ја раскажаа приказната. Неговата музика говори, неговата гитара говори и приказната сама се склопи. Тоа е мелодрамска приказна со силен копнеж да се успее, во која се обидов да ја внесам мојата љубов и страст кон музиката на Влатко Стефановски, истакна Андоновски.
Режисерот Пројковски нагласи дека проектот претставува голем предизвик, но и голема чест.
– Тргнавме храбро – со желба да создадеме оригинален, автентичен македонски мјузикл. Ќе ги почитуваме формите на жанрот, но ќе се обидеме да изградиме сопствен јазик и идентитет. Создаваме продукт што треба да ги полни салите, не само кај нас, туку и во регионот, и навистина сум возбуден поради делото што го градиме, рече Пројковски.
Аранжерот Мирковски ја опиша задачата како сериозна и одговорна, но и инспиративна.
– Кога Влатко ми даде целосна слобода да работам со музиката што ја создавал цел живот ми рече имаш одврзани раце, слободно уживај и јас решив навистина да уживам во процесот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата, истакна тој.
Кореографката Панго, која и самата настапувала во претстави на музиката на Стефановски, нагласи дека мјузиклот е најсложената сценска форма.
– Тоа е голем предизвик, но и огромна чест. Создаваме македонски мјузикл со македонска душа, кој треба да изгледа и да звучи светски. Се надевам дека ќе удриме во центарот, рече Панго.
Поддржувачи на проектот се осигурителната компанија „Триглав“ и „Шпаркасе банка“. Маја Бабиќ од „Баги комуникации“ истакна дека нивната поддршка била дадена уште во најраната фаза, кога проектот сè уште постоел само како идеја на хартија.
– Вакви независни проекти е невозможно да се реализираат без поддршка од општествено одговорни компании и навистина сме им многу благодарни за тоа, нагласи Бабиќ.
Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ изразија благодарност за можноста да бидат дел од проектот, оценувајќи го како најголем предизвик во нивните досегашни кариери. За нив, како што истакнаа, е чест да се пеат песните на Влатко Стефановски на сцена, со надеж дека „Као какао“ ќе ги полни салите во Македонија, но и ќе доживее успех надвор од земјата.

