Македонија
Николоски: Пендаровски и Ковачевски се фатени во лага, колку чини, кој ќе го плаќа и зошто договорот за ангажман на Асаф Исеини не е евидентиран од СДС?
Изминативе денови Стево Пендаровски призна дека се среќавал со Асаф Исеин и кажа дека тоа го направил како состанок со лице ангажирано од страна на СДСМ. Во исто време претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски демантира дека има таква работа. Но, фактите го говорат токму спротивното. Имено во последните дваесеттина дена повеќе од 10 дена ова лице Асаф Исеин е присутно во Скопје и е често виден гостин во седиштето на СДСМ. Па, се поставува прашањето дали можеби е заинтересиран за македонско државјанство по кое би се зачленил во СДСМ затоа што верува во нивната програма или вистината е можеби она што го кажува Стево Пендаровски, а тоа е дека е ангажиран од страна на СДС, истакна Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имајќи предвид дека имаме сериозни сознанија дека е ангажиран од страна на СДС очигледно е дека Пендаровски и Ковачевски се фатени на дело како и едниот и другиот лажат за ангажманот на ова лице.
Прашањето кое до денес не го одговорија е кој ќе го плаќа ова лице и зошто договорот со него не е евидентиран од страна на СДС како што прават политичките партии обично кога ангажираат странски консултанти.
Колку чини неговиот ангажман и дали можеби тој е платен од страна на некои надворешни држави и странски држави кои би сакале да се вмешаат во изборите во Македонија и дали знаат дека со ова прават тешко кривично дело доколку е така или можеби го плаќаат дома, од домашни извори но не преку сметка туку можеби оди плаќањето во кеш што е исто така тешко кривично дело“, кажа Николоски.
Второто прашање кое што се наметнува, како што рече, е која е неговата улога и што точно треба да прави.
„И трето да фрлам нова ракавица, дали е вистина или не дека ова лице има локална поддршка од страна на најмалку една маркетинг агенција која спроведува анкети и една пиар агенција која снима спотови и дали главното седиште на оваа екипа која му помага пред се во делот на снимање на видео спотови кои масовно се споделуваат овие денови се со црна кампања за ВМРО-ДПМНЕ дали седиштето на овие лица кои ги снимаат спотовите е во еден хотел на кејот на „Вардар“ и каква е нивната улога?“, дополни Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.
Македонија
Нови авиолинии, повеќе туризам, посилна трговија: Николоски и амбасадорот на Црна Гора за поблиски врски меѓу двете земји
Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, притоа акцент се стави за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.
Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа беше истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се разговараше и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период”, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.

