Свет
Детална реконструкција на масакрот во Москва: Мајките со своите тела ги штителе своите деца од терористите
Четири вооружени мажи мирно тргнале кон детекторите за метал во концертната сала Крокус, пукајќи со кратки рафали од автоматско оружје и на мал дострел кон преплашените цивили кои врескале и паднле под куршумите. Сведокот по име Наталија штотуку го соблекла палтото за време на масакрот во петокот вечерта, стоејќи пред влезот на концертната сала со 6.200 седишта надвор од Москва, каде што требаше да настапи рок група од советско време.
„Истрелите дојдоа од зад нас“, изјавила Наталија за Ројтерс, не сакајќи јавно да го открие своето презиме. Таа раскажала дека само што требало да влезе во салата кога слушнала необичен звук. „Беше гласно, како пукање на петарда, како огномет, како рафал од автоматско оружје. Слушнав веднаш зад мене, многу блиску“, рече Наталија и додаде дека веднаш почнала да трча, спасувајќи си го животот.
„Сите врескаа, сите трчаа“, додала. Таа рече дека успеала да побегне низ студената московска ноќ трчајќи без палто до блиската метро станица. „Беше страшно, како кошмар“, вели Наталија.
Ројтерс се обиде да го склопи мозаикот за тоа што се случи во московската концертна сала во петокот вечерта од интервјуа со сведоци, од видео снимки од местото на настанот и од руски официјални извештаи и извештаи на медиумите.
Во масакрот загинаа 133 лица, а десетици беа повредени во најсмртоносниот напад во Русија од опсадата на училиштето во Беслан во 2004 година. Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот. Руските и светските медиуми претходно објавија дека 143 загинале.
Федералната служба за безбедност (ФСБ) објави дека во областа Брјанск се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица наводни напаѓачи. Тие биле приведени додека бегале кон границата, надевајќи се дека ќе побегнат во Украина. Киев веднаш негираше вмешаност во нападот.
Напаѓачите во маскирни костими и панцири
Мажите, кои беа облечени во маскирни костими и панцири со многу резервни шаржери, пристигнаа на градското собиралиште на Крокус со комбе околу 19:40 часот по локално време, скокнаа од задната врата и се упатија кон влезот со оружје, изјавија очевидци.
Тие пукаа директно низ стаклените врати на влезот на главниот хол, гаѓајќи го секој што им се најде на патот. Сведоците велат дека десетици тела лежеле во локви крв на подот од главниот влез. Некои успеаја да ги скршат зајакнатите прозорци и заклучените излези со раце додека пукотниците одекнуваа низ салата, на само 20 километри од Кремљ.
Откако пукале во луѓе на влезот во салата, напаѓачите успеале да упаднат во салата токму во моментот кога стотици посетители седнале на своите места за распродадениот концерт. „Некои мислеа дека тоа е некој вид на специјален ефект“, изјави сведокот Анастасија Родјонова за Ројтерс. „И тогаш сфатив дека луѓето паѓаат затоа што почна пукање од автоматско оружје“.
„Во тој момент се појавува инстинктот за самоодржување, очите ви се шират, каде да бегате? Тогаш некој ни викна: станете, не останувајте да лежите бидејќи сите ќе не застрелаат“. Родјонова рече дека некои мажи успеале да ја скршат вратата од улицата и да избегаат.
Преку системот за јавно обраќање се слушнала информација дека концертот се откажува од „технички причини“ и дека од луѓето се бара да ја напуштат салата.
Бегање пред рафалните истрели
Потврдената снимка покажува луѓе кои трчаат кон излезот додека континуираните пукотници се мешаат со вресоци. Напаѓачите поминуваат низ концертната сала, а потоа рафално пукаат во посетителите.
„Почнаа да пукаат во нас. Паднав на подот“, изјавила за новинарите повредената жена, која е задржана во болница во Москва. Таа вели дека успеала да ползи до излезот, а девојката до неа била убиена.
Некои побегнале од напаѓачите, други се сокриле зад седиштата. Една жена и рекла на својата пријателка да легне зад седиштето додека пукотницата станувала се посилна.
Руските истражители соопштија дека напаѓачите одлучиле да ја запалат зградата. Некои очевидци изјавија дека вооружени лица истуриле течност на седиштата и на завесите на неколку места, а потоа ги запалиле.
Очевидци рекоа и дека го прескокнале огнот обидувајќи се да побегнат од пожарот кој брзо се проширил на површина од 12.900 метри квадратни.
Еден од сведоците, Андреј, изјави за Ројтерс дека напаѓачите пукале и дека тој и неговите пријатели „успеале да избегаат користејќи ги противпожарните скали“.
На крајот, покривот се урна, а стотици пожарникари со часови се бореа да го локализираат пожарот кој ја уништи целата сала. Останаа само јагленосаните железни потпорни греди и челични рамки од стотици седишта.
Каналот База Телеграм, познат по добрите врски со руските специјални служби, објави дека 14 тела се пронајдени на скалите за евакуација, а 28 во еден од тоалетите. Пронајдени се тела на цели семејства, а особено шокантна е сцената на мртвите мајки кои се обиделе да ги заштитат со своите прегратки нивните деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.

