Економија
Комерцијална банка склучи договор за продажба на „Еуроникел“

Комерцијална банка информира дека склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг-компанија Polynickel Holding BV, која е дел од групацијта Yildirim Group. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови, се наведува во соопштението.
Во исто време, банката со групацијата Yildirim склучи договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.
„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи ги предвид кредибилитетот и капацитетот на групацијата Yildirim. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сè, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина.
Групацијата Yildirim е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е 1963 година и моментно работи во 56 земји на 5 континенти, вработува 25.000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.
Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор, кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето“.
Банката, како што се дополнува во информацијата, останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Митева: Оперативниот план низ 9 стратешки и добро темпирани мерки ќе допре до над 16.000 граѓани

Оперативниот план низ 9 стратешки и добро темпирани мерки ќе допре до над 16.000 граѓани, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Оперативниот план за вработување за 2025 година не е уште еден документ – тој е одговор на едно суштинско прашање: Како да ја претвориме економската стабилност во животна стабилност? Со рекордни 40 милиони евра, ова е најамбициозниот план досега, кој ќе допре до над 16.000 граѓани низ девет стратешки и добро темпирани мерки. Но, зад бројките стои нешто поголемо – одлуката да водиме економска политика што почнува и завршува со граѓаните“, рече таа.
Во време кога довербата во институциите се гради тешко, државата е подготвена да ја покаже грижата – конкретно и мерливо.
Таа рече дека Поддршката за самовработување опфаќа три категории: за невработени лица до 29 години која според проекциите, има опфат од 720 лица, а финансиската рамка е 615.000 денари неповратни средства, втората категорија се невработени лица над 29 години која опфаќа 610 лица, а овде финансиската рамка е 430.000 денари неповратни средства и понатаму, доаѓаме до Поддршката за вработување на здружување во друштво со ограничена одговорност, кое е предвидено да опфати 400 лица. Е сега овде ќе може да се направи разлика во однос на финансиската рамка затоа што најнискиот износ од 861.000 денари ќе се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години.
„Втората мерка за која што ќе зборувам е Поддршката за креирање на нови работни места и оваа мерка опфаќа нови работни места во микро, малите и средните претпријатија и граѓанските организации. Опфатот на мерката е за 1.570 лица. Втората категорија тука, која што е исклучително важна да ја споменеме, е Поддршката за вработување на лица со попречености и оваа мерка опфаќа вработување на 150 невработени лица“, рече Митева.
Според неа, овие две мерки не се само технички категории – тие се политичка одлука да ја промениме логиката на државната поддршка: од пасивна контрола на невработеноста кон активна мобилизација на талентот што го имаме, но предолго бил заборавен.
Економија
РКЕ: Течат роковите во кој носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности треба да поднесат барање за промена на истата

Од денес, 29 мај до 30 јуни тече рокот во кој носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности, вклучувајќи ги и носителите на лиценци за пробна работа треба да поднесат барање за промена на лиценца до Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) согласно одредбите од новиот Закон за енергетика, во спротивно лиценцата ќе престане да им важи, информираат надлежните.
„Барањето за промена може да се преземе од веб страницата на РКЕ Барање за промена.docx или во архивата на РКЕ. За секоја лиценца се поднесува поединечно барање за промена, односно не може со еден образец да се поднесе барање за промена на повеќе од една лиценца.
Барањето за промена ќе се смета за уредно доколку биде доставено до архивата на РКЕ, или пратено до официјалната електронска пошта [email protected] или пратено по пошта во наведениот рок при што ќе мора подносителот да достави доказ за приемен датум од пошта на официјалната електронска пошта“.
За промена на лиценцата по овој основ на носителот, како што е појаснето во информацијата, не му се наплаќа надоместок за постапката за менување на лиценцата.
„Во исто време ги информираме сите носители на лиценци за пробна работа дека согласно новиот Законот за енергетика лиценците за пробна работа ќе може да се продолжат исклучиво заради тестирање на техничките перформанси на енергетскиот објект и влијанието врз енергетскиот систем на којшто е приклучен, други основи не се предвидени. Напоменуваме дека одредбите од новиот Закон за енергетика не предвидуваат привремена лиценца“.
Економија
(Видео) Трајчулевски: Зошто кредит од 6 милјарди евра кога имаме можност за неповратни грантови од ЕУ?

Договорите како планираниот со Велика Британија во никој случај не треба да значат замена за европските фондови кои се единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за реализација крупни инфраструктурни проекти, порача пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната собраниска седница на која на дневен ред беше Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Затоа, како што кажа Трајчулевски, полноправното членство во ЕУ мора да остане најважен надворешно политички проект за нашата држава.
„Не постои ниту една држава поединечно, која може да обезбеди помош како Европската Унија. Единствениот начин нашата држава да добие неповратни средства за изградба на нашата инфраструктура е преку процесот на европска интеграција. Ќе се согласиме – не е исто, суштински е различно. Да добиете грант, неповратни средства без да ги задолжувате идните генерации или да се задолжувате со огромни кредити како овој денес“, рече Трајчулевски.
Во своето излагање Трајчулевски рече дека предложените приоритетни проекти за финансирање со договорот со Велика Британија – железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, се паневропски коридори за кои многу лесно ќе можеше да се обезбедат грантови преку ЕУ. Македонија го нема луксузот да не користи неповратни средства кои ѝ стојат на располагање“, рече Трајчулевски.
„Сакам да се осврнам на предложените приоритетни проекти за финансирање, особено железничкиот Коридор 10 и Коридорот 8, кои се наведени во анексот кон договорот. И двата овие коридори, и десетката и осмицата се паневропски коридори и се наоѓаат на главната мрежа на европски коридори. Ова значи дека многу лесно може да се обезбедат грант-средства за изградба на овие коридори од фондовите на Европската Унија“, потенцираше Трајчулевски и порача Владата да не се откажува од европските фондови, особено во делот на транспортната инфраструктура, која е најскапа и изискува огромни средства.