Македонија
Дисциплински постапки за петмина полицајци за пукањето пред тетовската болница
Поднесени се две две кривични пријави од СВР Тетово против М. Т., полициски службеник во Полициската станица за граничен надзор при регионалниот центар за гранични работи „Север“ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело насилство во врска со кривично дело убиство по член 123 од Кривичниот законик и против други лица. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР изврши увид во пријавите по што презема мерки против М. Т. и други полициски службеници во согласност со законските овластувања.
Имено, околу 13 часот, на 11.1.2024, по претходно нарушен јавен ред и мир со физички напад пред Основниот суд во Тетово, извршен од Р. Т. врз А. М., дошол М.Т. и со пиштол му се заканил на А. М.. Истиот ден, околу 18.30 часот, во кругот на Клиничкиот центар во Тетово, М. Т. им помагал на Ф. Т. и Р. Т., кои од огнено оружје пукале и ги повредиле А. М. и З. М. од Тетово.
Согледувајќи ги сите детали, Одделот за внатрешна контрола заклучи дека полицискиот службеник постапил спротивно на член 26 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во Министерството за внатрешни работи и дека сторил потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина по член 187 став 1 точка 10 и 20 од Законот за внатрешните работи и по член 210 став 1 точка 10 и 20 од колективниот договор на МВР.
Исто така, било утврдено дека при преземањето мерки во врска со двата настана, полициските службеници В. С., Н. М., Б. З. и Г. М. од СВР Тетово постапиле спротивно на член 7 и 8 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во Министерството за внатрешни работи и на тој начин сториле потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина по член 187 став 1 точка 3, 4 и 10 од Законот за внатрешните работи и член 210 став 1 точка 3, 4 и 10 од колективниот договор на МВР.
Во согласност со утврденото и член 227 од колективниот договор на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Одделот за дисциплински и судски постапки поднесе предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полициските службеници М. Т., В. С., Н. М., Б. З. и Г. М. и изрече задолжителни мерки полицискиот службеник М. Т. да се отстрани од работното место и од Министерството до донесување решение во дисциплинска постапка и привремено да му биде одземено оружјето со муницијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тероризмот е закана која бара одлучен, заеднички и координиран одговор: Пратеничка група на Собранието со израелската амбасадорка
Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на државата Израел оствари средба со израелската амбасадорка Вивиен Ајзен и Амира Халперин, виш научен соработник за БИКОМ.
Претседателката на пратеничката група, Рашела Мизрахи, истакна дека средбата е уште една потврда за силните и пријателски односи со Израел, уште од воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година.
Израел е клучен партнер на НАТО преку Медитеранскиот дијалог, и овие мултилатерални канали се важна платформа за размена на информации и заедничко дејствување против тероризмот. Потенцијалот во продлабочувањето на соработката со Израел токму во областа на безбедноста и борбата против тероризмот, е огромен и високо се цени врвната експертиза и напредната технологија што Државата Израел ги поседува во безбедносните области.
„Живееме во време на исклучително сложени глобални безбедносни предизвици. Радикализмот, насилниот екстремизам и тероризмот се закани кои не познаваат граници и бараат одлучен, заеднички и координиран одговор. Иако Собранието е институција која не типично асоцира на дискусии околу безбедносни прашања, сепак верувам дека токму во овој дом треба да се креираат политиките за безбедносниот систем на државата“ – истакна Мизрахи.
Во фокусот на средбата беше презентацијата на Халперин за терористичките закани во Велика Британија и неуспехот на политиките во борбата против тероризмот. Таа зборуваше за глобалните закани од тероризам, за терористичките групи кои дејствуваат глобално, како Хамас, ИСИС, Ал Каеда, за нивното влијание и продор во повеќе сектори, за поддршката од студенти и професори на многу универзитети.
Амбасадорката Ајзен и Халперин ставија акцент на антисемитизмот и во тој контекст беше нагласена скапата пропаганда и важноста од подигањето на општествената свест, потребата од едукација и меѓусебна соработка во борбата против тероризмот
Од присутните беше изразено разбирање за виталните интереси на Израел и неговото право на самоодбрана од терористички закани, што беше недвосмислено изразено и преку осудата на нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.
Македонија
Општина Илинден: Се гради нов плочест мост и сервисна улица во Марино
Интензивно се вршат градежните активности на терен за реализација на проектот за изградба на нов плочест мост и сервисна улица „500“ во населеното место Марино, соопштија од Општината Илинден.
Со проектот, како што појаснуваат, ќе се реализира изградба на нов плочест мост со коловоз широк 6 метри и тротоари од по 1,5 метар од двете страни, со што ќе се обезбеди безбедно и непречено движење на пешаците и возилата. „Покрај мостот, интензивно се работи на терен и изградбата на новата сервисна улица во должина од 260 метри, со коловоз широк 5,5 метри и тротоари со широчина од 1,5 метри од двете страни на улицата.
Дополнително, во рамки на проектот се поставува и систем за собирање и одведување на фекални отпадни води, односно фекална канализација за објектите што гравитираат кон оваа улица – што претставува значаен придонес кон подобрување на инфраструктурата и условите за живот во овој дел од општината“.
Увид во градежните работи изврши градоначалникот на општината Алекснадар Георгиевски, кој истакна дека ова е еден од ветените проекти кој го бараа граѓаните. Изградбата на новиот мост и улицата ќе направи спојување на веќе изградената улица „119“ во населбата Јака, со што оваа населба со над 330 домаќинства ќе се поврзе со централниот дел на општина Илинден, односно со н.м Марино. Исто така, значително ќе се подобри и сообраќајната поврзаност, како и квалитот на живот на граѓаните. Средствата за реализација на овие проекти се 70% финансирани од Владата на РМ, а 30% од Буџетот на Општина Илинден.
Македонија
„Заштитата на Преспанското Езеро треба да биде највисок приоритет“: Сиљановска-Давкова во посета на Ресен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска е во работна посета на Општина Ресен. Во рамки на посетата, таа оствари средби со градоначалникот Јован Тозиевски, членовите на Советот на општината и со граѓаните на Ресен.
Тие ја запознаа со локалните проблеми, а особено беше нагласено прашањето за миграцијата и одливот на младите од Ресен и Преспанскиот регион. Се акцентираше и важноста на проектот „ЕУ за Преспа“, преку кој се вложуваат значителни средства за развој на Ресен, една од општините којашто има најголем бенефит од европските фондови.
Во непосредниот разговор со граѓаните, Сиљановска-Давкова ги сослуша забелешките и предлозите за секојдневните економски, инфраструктурни и социјални прашања, потенцирајќи дека активниот дијалог со граѓаните претставува темел на одговорното и транспарентно владеење.
Претседателката ќе посети и неколку културни институции, како и производствениот погон Свисслион Агроплод – Ресен. Со тоа се нагласува значењето на културната традиција и поттикнувањето на економската активност како двигател на локалниот развој.
Попладневниот дел е посветен на дебата со претставници на невладини организации, на локални и национални институции, со фокус на еколошките предизвици и зачувувањето на Преспанското Езеро како природно и национално богатство.

