Економија
Ангеловска-Бежоска: Родовата еднаквост не само квантитативно туку и квалитативно ќе го поттикне економскиот раст

Последователните економски шокови изминатите години дополнително го отежнуваат намалувањето на родовата нееднаквост, поради нивното понеповолно влијание врз женската популација. Така, кај повеќето земји од регионот на Западен Балкан стапката на активност е повеќе намалена кај жените отколку кај мажите, што е слично и со глобалните трендови. Според анализата на Светската банка, земјите во регионот од Западен Балкан секоја година губат околу 18% од БДП поради родовиот јаз на пазарот на труд, при што две третини од загубата се објаснува со ниската стапка на активност на жените, а преостанатиот дел на разликите во изборот на занимањата помеѓу мажите и жените. Оттаму, водењето соодветни политики за поголема вклученост на жените на пазарот на трудот може значително да придонесе за повисок економски раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Улогата на жената во економската трансформација на општеството“ во организација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Глобално и во регионот, неодамнешните кризи посилно ги погодија секторите со поголемо учество на жените и неповолно се одразија врз активноста и јазот. „Според Светскиот економски форум (СЕФ), ако напредокот продолжи со досегашната динамика, на глобално ниво ќе бидат потребни 131 година за да се постигне целосна рамноправност. За споредба, пред пандемијата беше проценето дека се потребни 100 години за да се постигне родова еднаквост, што укажува на последиците од неодамнешните шокови врз женската популација и родовиот јаз“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска-Бежоска посочува дека позитивен ефект од намалувањето на родовиот јаз врз растот би имало не само од зголемениот број на работната сила, туку и од различните вештини и карактеристики на жените, коишто можат да дадат поинаква квалитативна димензија на пазарот на трудот и пооптимално одлучување.
Гувернерката додаде дека за да се постигне тоа се потребни реформи во повеќе сегменти, како откривање на сите извори на родовите разлики присутни во институционалните, регулаторните, образовните и традиционалните норми, развивање политики коишто ќе ги поттикнат жените да се вратат на пазарот на труд, разбивање на стереотипите и создавање еднакви можности за кариерен развој на жените (учество во лидерските и високите позиции), соодветна поддршка на жените од државата и работодавачите во однос на обврските кон семејството/децата, осмислување нови иновативни технолошки решенија коишто ќе овозможат поголема финансиска инклузија и пристап до финансирање на жените со ниски примања.
На работилницата во организација на Катедрата по економија, на која и гувернерката одржа предавање, учествуваа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Билјана Ангелова и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска. Работилницата ја отвори деканот на Економскиот факултет, Предраг Трпески, а воведни обраќања имаа и професорките Даниела Бојаџиева и Билјана Ташевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Поддршка за нови енергетски проекти и зајакнување на стратешкото планирање“: средба на Божиновска со Клаус Милер од КфВ банка

Во рамките на ESG Adria Summit 2025, што се одржува во Тиват, Република Црна Гора, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со директорот за финансии на АД ЕСМ Иван Стојановски, оствари работна средба со Клаус Милер, директор на КфВ банка за Југоисточна Европа и Турција.
Средбата беше фокусирана на напредокот и понатамошната реализација на неколку стратешки проекти: втората фаза од ветерниот парк Богданци, фотонапонската електрана „Битола 2“, како и третата фаза од ревитализацијата на големите хидроелектрани.
„Овие проекти не само што го зголемуваат домашното производство на електрична енергија, туку и го зајакнуваат целиот енергетски систем на државата. Партнерството со КфВ банката е значаен поттик за трансформацијата кон одржлива енергетика“, истакна министерката Божиновска.
Посебно внимание беше посветено на нови иницијативи за техничка помош насочена кон унапредување на интерните капацитети на АД ЕСМ, за среднорочно и стратешко планирање, со акцент на инвестициските проекти. КфВ банката потврди дека останува стратешки партнер и дека ќе продолжи со поддршка за нови проекти, меѓу кои се и фотонапонската електрана „Битола 3“ и други инвестиции во обновливи извори на енергија, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Проектите што се реализираат со поддршка од КфВ директно придонесуваат за збогатување на портфолиото од обновливи извори на енергија во Република Македонија, како и за долгорочна енергетска стабилност и сигурност.
Економија
Трговијата меѓу САД и Кина може да падне за 466 милијарди долари, предупреди Светската трговска организација

Поради се позатегнатите односи меѓу двете најголеми светски економии, трговијата меѓу САД и Кина може да се намали за дури 80 отсто, предупредува Светската трговска организација (СТО). Според минатогодишните податоци, двете земји размениле стоки во вредност од 582,5 милијарди долари, што значи дека потенцијалниот пад на трговската размена би изнесувал околу 466 милијарди долари.
„Таквата постојана конкуренција и одмазднички мерки меѓу САД и Кина – кои заедно сочинуваат околу 3 проценти од светската трговија – имаат далекусежни последици што може сериозно да ги загрозат глобалните економски изгледи“, рече шефот на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала. Таа особено посочи дека во конфликтот меѓу двете економски сили, најмногу може да настрадаат посиромашните земји, кои се поранливи на нарушувања во глобалната трговија.
„Ако дојде до поделба на светската економија на два спротивставени блока, долгорочно би можеле да бидеме сведоци на пад на глобалниот БДП од речиси 7 отсто“, предупреди Оконџо-Ивеала.
Во меѓувреме, повеќе од 166 членки на СТО ја повикуваат организацијата поодлучно да ги брани правилата на светската трговија. Во исто време, Кина поднесе нова жалба против американските царини во Женева оваа недела, што предизвика нова фаза од правниот спор во рамките на СТО.
Економија
Скок на берзите по објавата на Трамп за стопирање на царините

Берзите силно растат по објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за стопирање на царините.
Брз поглед на тоа како некои клучни индекси на Волстрит пораснале:
Dow Jones порасна за 5,76 отсто
S&P 500 порасна за 6,46 отсто
Nasdaq порасна за 8,04 отсто
Од вчерашното затворање на пазарот, омпаниите од S&P 500 изгубија пазарна вредност од 5,8 трилиони долари од објавувањето на тарифите на Трамп минатата среда. Тоа е најдлабоката загуба од четири дена од основањето на индексот во 1950-тите, според податоците на „ЛСЕГ“.