Македонија
ЛДП в петок организира Pet Friendly ден во канцеларијата „Либерално ќоше“
Во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје в петок од 18:00 часот ќе се одржи „Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова.
– Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова.
Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози може да ги споделат и во писмена форма.
На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена
Преку Министерството за транспорт и во соработка со Светската банка ќе се набават 40 нови возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека со оваа набавка ќе се реши еден од најголемите долгогодишни проблеми во работењето на претпријатието – застарената неодржувана и истрошена механизација, која сериозно го отежнувала одржувањето на јавната хигиена во главниот град. Според Мицкоски, состојбата дополнително била усложнета и со превработеност, како и со недоволна ефикасност на дел од вработените.
– Со овие 40 камиони, сигурен сум дека многу ќе се подобри состојбата со хигиената во Скопје. Како што најавивме и во кампањата, и како што најави и самиот градоначалник, хигиената ни е прв приоритет и во таа насока се движи овој процес, рече Мицкоски.
Тој најави дека процесот на набавка се очекува да биде заокружен до доцна пролет, а испораката на возилата да почне до крајот на годината. Според премиерот, новата механизација ќе овозможи поефикасна работа на Комунална хигиена и видливо подобрување на чистотата во градот.
– Сепак 40 камиони за одведување смет се огромна работа. Не така одамна имавме во Битола презентација на еден друг проект кој исто така меѓународни финансиски институции го поддржуваат, има и грант компонента, а тоа е регионалната депонија во Новаци. Дел од тој проект е и набавка на камиони за одведување на смет на општините од Југозападниот и од Пелагонискиот регион. Се што било закочено, не било сработено и не се работело, украдено, уништено, се трудиме да го оживееме и да го вратиме повторно во функција. Не може преку ноќ. Да бидеме трпеливи, рече премиерот Мицкоски.
Македонија
Љутков: За Охридскиот регион чекаме препораки од УНЕСКО
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изјави дека се чекаат препораките од УНЕСКО за Охрид и Окридскиот Регион откако заедно Албанија е пратен извештај во седиштето на оваа организација на ОН.
На новинарско прашање на прес-конференција посветена на резултатите од годишните конкурси за проекти во култуата во 2026 и што ќе се преземе за заштита на Охридскиот Регион како културно наследство во опасност, Љутков одговори дека тој наследил долгогодишен проблем.
Посочи дека за една и пол година откога го презел ресорот направени се големи интервенции и големи заложби во Охридскиот Регион, но оти периодот е краток за да се донесат крупни одлуки.
-Донесовме големи заклучоци на комисијата за УНЕСКО, формиравме кризен штаб, добивме седум месеци да интервенираме. Тој извештај е направен, земени се предвид сите релевантни институции и нивните мислења и тој извештај заедно со албанската страна е испратен до УНЕСКО. Ќе видиме какви ќе бидат во наредниот период препораките. Бидејќи ова е долгогодишен проблем, јас како министер можам да кажам дека ова го затекнав, она што можевме да го направиме го направивме, и пак ќе потенцирам дека треба да очекуваме сè, рече Љутков на прес-конференцијата.
Македонија
Ѓорѓиевски: Почнуваат градежните работи на булеварот „Македонија“
Од денеска почнаа градежните активности на булеварот „Македонија“ со кои се очекува да се намалат сообраќајните гужви. Ќе се реализираат четири фази, од кои првата треба да заврши за 90 дена.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза.
– Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот „Македнија“, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза, рече Ѓорѓиевски.
Се надева дека до крајот на неговиот мандат ќе заврши целосната изградба.

