Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нашата идна влада ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа на бесплатни лекови

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе ограничување на маржите на лековите и проширување на позитивната листа за бесплатни лекови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Идната влада ќе имплементира модел за намалување на цените и ограничување на маржите на лековите и медицинската опрема. Народот не смее да го преплаќа лекот.
Ќе се спроведе ревидирање и модернизирање на позитивната листа на лекови со вклучување на најголем дел од основните лекарства кои граѓаните ги користат.
Лековите мора да се издаваат согласно потребите на пациентот, со персонализирана и индивидуализирана терапија. ВМРО-ДПМНЕ има за цел да го крене здравството на сосема ново ниво“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мециновиќ: Зошто седум години не се распишува оглас за генерален директор на МРТ?

Пратеникот и портпарол на партијата Левица, Амар Мециновиќ, во контекст на актуелната собраниска процедура за именување нов Програмски совет на МРТ отвори низа прашања поврзани со легитимноста и транспарентноста во работењето на јавниот сервис, на прес-конференција пред зградата на Македонската радио телевизија (МРТ).
Мециновиќ потсети дека МРТ е една од најважните институции во државата, со историска улога во креирањето и зачувувањето на државноста, и дека нејзиното работење мора да биде јавно, објективно и законски засновано. Според него, денес во Собранието, Комисијата за избори и именувања ќе го разгледува новиот состав на Програмскиот совет, кој потоа ќе оди и на пленарна седница за гласање. Но, како што посочи, овој процес го отвора прашањето зошто паралелно не се распишува јавен конкурс и за избор на нов генерален директор на МРТ.
Пратеникот истакна дека актуелниот генерален директор првпат е именуван во 2012 година, по што е реизбран во 2015 и 2018 година, но од тогаш, иако законски мандатот е ограничен на три години, нов конкурс не е распишан. Тој го нарече ова „директор со три мандати плус еден гратис“ и нагласи дека ваквата состојба е спротивна на духот на законот. Според Мециновиќ, уште од 2021 година постојат најави дека Програмскиот совет ќе распише нов конкурс за генерален директор, но тоа никогаш не се случило.
Истовремено, Програмскиот совет сега презема иницијатива за избор на нов Надзорен одбор, со образложение дека му истекол мандатот, но не ја објаснува причината зошто не постапува и за позицијата директор. Според Мециновиќ, дури и самите записници од седниците на Советот потврдуваат дека тие не се сигурни во своите надлежности и бараат автентично толкување од Собранието, но такво барање досега не е добиено во Собранието. Во март годинава, без дополнителни објаснувања, Советот одлучува да распише конкурс за Надзорен одбор, во консултација со актуелниот директор, што дополнително ја прави ситуацијата спорна, додава.
Партијата Левица смета дека оваа состојба отвора сомнежи за можно политичко и лично влијание во управувањето со јавниот сервис, при што се користат правни сиви зони за одржување на статус кво.
Претставникот на Левица најави дека ова е само прва во серија прес-конференции на кои ќе бидат изнесени дополнителни информации за работењето на МРТ, потенцијални злоупотреби и кршење на работнички права во оваа институција. Тој ги повика сите кои располагаат со информации за работењето на јавниот сервис слободно да ги споделат со Левица како парламентарна партија.
„Вистината сите ја знаеме – прашањето е дали ќе одлучиме да бидеме слепи за неа“, заклучи Мециновиќ, потенцирајќи дека МРТ мора да се заштити од политичко и приватно влијание и да се врати на вистинскиот пат – да биде сервис во интерес на јавноста.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне и во вечерните часови локален дожд, а на планините повремен снег

Променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег. Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и топло време, освен денеска и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска поради промена на затварач ф 2“ на улицата Црвена Скопска Општина бб прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, Министерството за Транспорт и Врски и деловните објекти во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.