Регион
Два силни земјотреса го погодија југот на Грција

Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.
Земјотрес со јачина од 5,7 степени се случи во 9.12 часот на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, пренесува „Катимерини“.
Двата земјотреса беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика. Професорот по динамичка тектоника и применета геологија, Ефтимис Лекас, на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, а директорот на Геодинамичкиот институт, Атанасиос Ганас, рече дека причината што нема материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.
Ганас изјави дека земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, во централното Јонско Море, на допир на евроазиската и африканската плоча. Жителите од погодените подрачја велат дека противпожарните патроли ги утврдуваат сите проблеми предизвикани од земјотресите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролени, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.
Регион
Дел од натстрешник се урна во центарот на Белград

Во центарот на Белград, пред продавница за парфеми, се урна таванот на натстрешник, пишува „Н1 Србија“.
Ова, најверојатно, се случило во текот на ноќта, а жената што работи во продавницата за парфеми изјавила за „Н1“ дека сè било во ред во текот на денот.
Властите поставија црвена лента на која пишува „внимание, опасност“, така што на граѓаните сега им е забрането да минуваат во тој дел од улицата.
Делови од таванот се наоѓаат и на самото шеталиште, а дел од него сè уште виси.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.