Топ
Автомобили удрија во пешак и велосипедистка во Скопје, малолетник падна од мотор – три лица тешко повредени во сообраќајни несреќи
Три лица се здобиле со тешки повреди во сообраќајни незгоди на територијата на Скопје, во текот на вчерашниот ден.
Според информациите од полициjaта, едната од нив се случила на улицата Виенска во главниот град околу 11.40 часот, кога автомобил управуван од 72-годишник удрил во малолетник.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобило момчето, кое било пренесено на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје“.
За помалку од еден час, на булеварот Свети Кирил и Методиј, автомобил управуван од С.З.(51) од Скопје, удрил во велосипед управуван од Х.П.(33) од Свети Николе. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила Х.П., констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Истовремено, на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Скопје малолетник од Скопје кој управувал мопед „априлиа“ со скопски регистарски ознаки, паднал на коловозот и удрил во бетонски столб. И тој се здобил со тешки повреди.
Полицијата извршила увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерство за правда изрази благодарност до турските власти за екстрадицијата на Палевски
Министерството за правда изрази благодарност до турските власти за преземањето на сите неопходни мерки за екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, кој вечерва од Турција е пренесен во земјава и спроведен во истражниот затвор Шутка.
– Министерството за правда и министерот Кренар Лога изразуваат голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција, Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски. Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци. Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне, каде и да сте, стои во објавата на Министерството за правда.
Љупчо Палевски Палчо по пет месеци стигна во затворот во Шутка откако заврши постапката за екстрадиција од Турција.
Палевски со возила без полициски ознаки пристигна во истражниот затвор Скопје затоа што во отсуство му е одредена мерка притвор.
Македонија
Палевски екстрадиран, по пет месеци, стигна во Шутка
Љупчо Палевски Палчо по пет месеци стигна во затворот во Шутка откако заврши постапката за екстрадиција од Турција.
Палевски со возила без полициски ознаки пристигна во истражниот затвор Скопје затоа што во отсуство му е одредена мерка притвор.
Претходно неговата партја Десна објави на „Фејсбук“ дека тој слетал во Скопје.
И Министерството за внатрешни работи потврди дека Палевски стигна во затворот во Шутка.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје“, велат од МВР.
Палевски е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.
Македонија
Се очекува промена во Законот за семејство по пресудата за Митровска која ги бараше биолошките родители
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда во случајот Митровска за неможноста да добие информации кои се нејзините биолошки родители.
Митровска, која е посвоена уште додека била дете, од надлежните институции во Македонија побарала определени информации, како што се нејзиното родено име, место на раѓање и информации за нејзините биолошки родители. Овие информации и биле потребни поради медицински и здравствени причини, а не ги добила со образложение дека завршените посвојувања се сметаат за службена тајна. Жалбата до ЕСЧП се однесуваше на повреда на член 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот.
Постапката беше иницирана од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) од каде што информираа дека оваа пресуда е особено значење бидејќи упатува на правото секој да знае кои се неговите биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот.
„Макфакс“ ја праша претседателката на Македонското здружение на млади правници, Александра Цветановска, на кој начин оваа пресуда ќе се одрази кај домашните судови, која образложи дека праксата на ЕСЧП е од исклучително значење бидејќи овозможува Конвенцијата да биде моќен жив инструмент за ефикаснa заштита и унапредување на човековите права. Една од обврските кои нашата држава ги има преземено со ратификација на Конвенцијата е задолжителност и извршување на пресудите на ЕСЧП, вели таа.
„Со цел извршување на пресудата, идниот период нашата држава треба да преземе сет на поединечни мерки со цел отстранување на веќе настанатата повреда во мера во која што е тоа можно, меѓутоа општи мерки за спречување на исти или слични повреди на правата и слободите загарантирани со Конвенцијата. Конечните пресуди од ЕСЧП се доставуваат до Комитетот на министри, кој го надгледува нивното извршување во државата, преку доставување на акциони планови и извештаи од страна на Бирото за застапување на РСМ пред ЕСЧП. Имајќи предвид дека станува збор за предмет кој според нас идентификува системски проблеми, Комитетот на министри може да го следи извршувањето на пресудата под зајакнат надзор“, вели Цветановска.
Според македонскиот Закон за семејство, целосното посвојување ги прекинува правата и одговорностите помеѓу посвоеникот и поранешното семејство, а информациите за посвојувањето претставуваат службена тајна. Законот за посвојување пак од своја страна, не содржи одредби во врска со тајноста на информациите поврзани со посвојувањето. Во таа насока, Цветановска вели дека со моменталната законска рамка, до сега пракасата покажа одбивање на секој заинтересиран кој бил посвоен да пристапи кон евиденцијата и информациите за спроведено посвојување, што беше потврдено и со одлуката на Уставен суд да не поведе постапка за уставна оцена на членот 123-а од Законот за семејство со кој се наметнува тајноста на податоците.
Со пресудата на ЕСЧП, додава Цветановска, се очекува да се наметне промена на Законот за семејство, во насока на утврдување исклучок од воспоставеното правило според кое, посвоениците кои се потполно посвоени ќе имаат можност до пристап до одредени информации за нивните билошки родители и промена на досегашната пракса како дел од општите мерки кои државата мора да ги преземе со цел спречување на идни постапки пред ЕСЧП за исти или слични предмети.
Комитетот усвојува конечна резолуција за затворање на предметот тогаш кога ќе заклучи дека било постапено согласно пресудата и се презмени сите мерки за извршување на пресудата.
„Битно е да се напоме дека ефикасноста на целокупниот систем на извршување на одлуките на ЕСЧП не зависи само од еден орган, тука од заемната и координирана работа на сите засегнати страни. Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП и Меѓуресорската комисија за извршување на пресудите на ЕСЧП го следат процесот на извршување на одлуките на ЕСЧП, меѓутоа надлежните институции кои ги направиле повредите на правата загарантирани со ЕКЧП треба de facto да ги извршуваат и спроведуваат пресудите на ЕСЧП, се‘ со цел да не настануваат клонирани случаи пред ЕСЧП“, децидна е Цветановска од Здружението на млади правници.