Регион
Полицијата ги проверува и социјалните мрежи на мајката на исчезнатото девојче, пишуваат српските медиуми
Полицијата покрај телефонот, врши увид и во социјалните мрежи и контактите на Ивана Илиќ – мајката на исчезнатото двегодишно девојче во Србија, јавуваат српските медиуми.
Девојчето исчезна во вторникот околу 13 часот, кога мајката, како што изјавила во полицијата, за момент се одвоила од ќерката. Девојчето тогаш исчезнало, а земјата веќе шести ден е на нозе во големата потрага.
Полицијата, пожарникарите, како и локалното население и бројни доброволци ја пребаруваат областа во потрага по девојчето. Вклучени се и кучиња трагачи.
Поранешниот полиграфски испитувач, Зоран Луковиќ кој беше контактиран од медиумите во соседството објасни која би можела да биде причината што мајката на малата Данка Илиќ (2) не е тестирана на полиграф поради нејзината бременост.
„Причината се повеќекратните импликации на стресот, кој е последица на стравот од резултатите. Затоа при полиграфското испитување се поставуваат различни прашања во врска со случајот, а доколку постои страв може да доведе до голем стрес. Не сум доктор за да можам детално да зборувам за тој механизам, но кога мајката е изложена на стрес, фетусот – бебето – страда, што не сакаме да се случи“, објасни Луковиќ.
Како што додава, тоа не се прави ниту кога е речиси сигурно дека трудницата е виновна за некое дело.
„Можеби навистина е вмешана, тоа не го знаеме, па ако се соочи со прашања кои се проблематични за неа, кои откриваат што се случило или воопшто што ја рекапитулираат целата ситуација, тоа би предизвикало поголем стрес кај неа. А и да е виновна, плодот не е, и не смееме да ризикуваме лошо да се одрази на него“, истакнува полиграфот.
Како што нагласи, оваа метода постои околу 150 години и во соработка со лекарите е констатирано дека бремените жени не треба да се изложуваат на полиграфско тестирање, така што и во овој случај не смее да се менува практиката.
Кога станува збор за таткото на девојчето и фактот дека тој повеќепати бил вратен во полиција и повторно испрашуван, вклучително и на полиграф, Зоран Луковиќ објаснува дека и тоа е стандардна практика:
„Повторното тестирање на испитаниците се врши по и врз основа на новооткриените факти од случајот. Секој нов детал што е откриен отвора нови прашања и затоа процесот се повторува“, објасни тој.
Багери, полиција и пожарникари со денови го расчистуваат дворот и просторот околу дворот каде последен пат била видена Данка. Исто така, проверени се и каналите околу дворот.
Два хеликоптери вчера во текот на целиот ден го обиколија теренот на мала надморска височина, а можеше да се слушне и како моторната пила се користи за расчистување на теренот. Забележани се и полицајци со лопати, а на целата област има тензија дали е пронајдена трага која може да доведе до малото девојче.
Според неофицијални информации, се проверуваат и Фејсбук профилите на Ивана Илиќ.
„Мајката има неколку профили на Фејсбук, се проверуваат сите пораки што ги праќала и примала во претходниот период. Исто така, наводно се проверува и нејзината комуникација со луѓе од Ниш и Зрењанин. Засега нема официјални информации, ниту детали за проверката на нејзините профили на социјалните мрежи, ниту дали има нешто што се коси со истрагата“, вели извор близок до истрагата за „Информер“.
Според одредени српски медиуми, спорна е содржината на телефонот на Ивана, која наводно бришела пораки на денот на исчезнувањето на малото девојче.
„Наредено е детално вештачење на телефонот на Ивана, а според неофицијални информации, пронајдени се и добиени нови оперативни податоци од полицијата. Исто така, се испитуваат и некои нејзини претходни изјави, за кои некои оценија дека се контрадикторни“, додава изворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

