Регион
Вујкото на исчезнатата Данка: Мајка и’ можеби делува студено, но се јаде од внатре, сите ја обвинуваат, но не знаат како и’ е
Сите ја обвинуваат сестра ми, но никој не знае како и е. Можеби изгледа ладно, но се јаде одвнатре, вели Стефан Драгомировиќ, вујко на исчезнатото девојче Данка Илиќ (2), по кое се трага веќе шести ден.
Семејството на исчезнатата Данка Илиќ (2) ги прими новинарите на „Блиц“ во својот дом, еден час по објавувањето на видеото од девојчето снимено во Виена, кое неописливо наликува на исчезнатата Данка.
Со солзи во очите Стефан Драгомировиќ говорел за агонијата низ која минуваат.
Вујкото на Данка Илиќ на почетокот на својата приказна посочи дека неговата сестра, мајката на Данка Илиќ, Ивана, со часови е во полициска станица од исчезнувањето на девојчето со цел да и помогне на полицијата во истрагата.
„Таа поминува часови во полициска станица, од утро до вечер, надевајќи се дека ќе се сети на некој детал што може да и помогне на полицијата. Никој не ја држи таму, сестра ми соработува со полицијата во истрагата и бара што побрзо да и го најдат детето“, вели соговорникот.
Тој исто така истакнува дека сите ја обвинуваат неговата сестра, но дека всушност никој не знае како е и што точно се случило тој ден кога девојчето исчезнало.
„Сите ја обвинуваат сестра ми, но никој не знае како е. Можеби изгледа ладно, но се јаде одвнатре. Ја нема Данка, нејзината ќерка. Замислете само како и е, а да не зборуваме дека и таа е трудна со целата таа мака и не смее да се стресува“, вели вујкото.
Како што вели, на сите им е многу тешко. Тие веќе шест дена минуваат низ агонија бидејќи од нивната Данка нема ни трага ни глас.
Тој се осврна на видеото кое беше објавено во јавноста на кое во Виена може да се види девојче кое личи на Данка во придружба на двајца романски државјани.
„Видеото е многу матно, па не можам со сигурност да кажам дека се работи за Данка. Очекуваме некоја официјална потврда. Од одењето и косата на девојчето ми се чини дека може да е таа, но ништо не е сигурно. Од каде знаат дека овие жени се од Романија, кој го снимил тоа видео? Многу работи не се совпаѓаат таму. Но, она што најмногу би сакале на светот е таа да се врати дома“, објаснува вујкото.
Тој додава дека Данка не е разгалена, и дека не е како другите деца кои често плачат по својата мајка.
„Доколку е Данка во тоа видео, ми се чини дека не е исплашена. Кога се дома, Данка ги има своите играчки и си игра сама. Таа не е како другите деца, кои често ја бараат својата мајка. Таа оди кај сестра ми кога и треба нешто, вода или храна“, раскажува.
За новинарите на „Блиц“ зборуваше и дедото на Данка Илиќ, кој рече дека не верува додека не ја види внуката со свои очи.
„Секако, сето ова ми дава надеж дека Данка е жива“, вели дедото на исчезнатото девојче.
Новата трага во истрагата за исчезнатата Данка Илиќ се појавила утрово во три и пол часот по полноќ, кога полицијата добила информација дека девојчето е видено во Виена. И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека се појавила нова трага во потрагата по Данка.
Полицијата апелираше до Србите кои живеат во Виена, а кои имаат какви било информации за случајот, да информираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Орбан: Срамно е како ЕУ се однесува кон Србија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Србија е клучна земја во Западен Балкан и дека начинот на кој Европската унија се однесува кон Белград е срамен и неправеден.
Орбан го изјави ова пред самитот на Европската унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашање за отсуството на Србија од состанокот, објавија регионалните медиуми.
Тој изјави дека Западен Балкан претставува економска резерва на злато за Европската Унија и дека Србија игра клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови.
„Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Тој додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија.
„Без Србија, невозможно е да се направи нешто на Западен Балкан“, тврди Орбан.
Тој оцени дека, за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската унија прво треба да ја прифати Србија како членка, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот.
„Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави доцна синоќа дека Србија нема да присуствува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ.
фото/депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.5.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави 2Индекс.хр“.
Регион
Сараево меѓу најзагадените градови во светот утрово
Сараево утрово се најде на врвот на листата на градови со најголемо загадување на воздухот во светот врз основа на податоците собрани и систематизирани од швајцарската веб-страница IQAir.
Според податоците, квалитетот на воздухот во главниот град на Босна и Херцеговина беше во таканаречената кафеава категорија, што е највисокото можно ниво на предупредување или ознака за воздух опасен за здравјето на луѓето. Индексот на квалитет на воздухот беше 355, а сè над 300 се смета за опасно за здравјето.
Следниот град со најголемо загадување на воздухот во светот беше Лахор во Пакистан со индекс од 271, што спаѓа во категоријата многу нездрав воздух.
Концентрацијата на фини честички прашина во воздухот ПM 2,5, кои продираат длабоко во белите дробови и може трајно да го оштетат здравјето во Сараево, беше 53 пати поголема од годишната референтна вредност дозволена од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО).
Сараево е на листата на најзагадени градови во светот од синоќа. Ваквата ситуација е честа појава во зимските месеци, особено во периодите кога има температурна инверзија, па добиената магла го покрива сараевскиот басен, а честичките штетни супстанции се акумулираат под него.
За најголеми загадувачи на воздухот во Сараево се сметаат многуте согорувачки постројки, кои користат цврсти горива, како и густиот градски сообраќај, кој вклучува голем број стари возила. Локалните власти со децении не успеваат да го решат овој проблем, според медиумите во регионот.
Фото: депозитфотос

