Европа
Телото на двегодишниот Емил пронајдено во близина на куќата на дедо му во Франција: „Тој дел беше детаљно истражен“

За време на викендот стигна шокантна вест од Франција кога беше потврдено дека двегодишното момче Емил Солеј, кое исчезна во јули минатата година, е пронајдено мртво.
Како што пренесуваат француските медиуми, човечки коски за кои е потврдено дека му припаѓаат на исчезнатото момче, биле пронајдени на 90 метри од куќата на дедо му, каде што на момчето му се губи секоја трага.
Градоначалникот на Ле Верн, Франсоа Балик, за „Фигаро“ изјави дека коските се пронајдени „на патеката меѓу црквата и капелата на населбата“.
Според него, оваа област била „темелно истражена од полицијата“.
„Малку е веројатно дека некое животно ги донело човечките останки во селото. Тоа нè води до сценариото дека некој му ги вратил коските на Емил, а веројатно тоа е направено неодамна“, додаде градоначалникот.
Обвинителот Жан Лук Блашон изјави дека полицијата во саботата била известена дека случаен минувач ги пронашол останките во близина на селото Верн, а генетското тестирање утврдило дека станува збор за посмртните останки на исчезнатото момче.
Причината за смртта на момчето не е позната.
Извор на кој се повикува ‘Дејли мејл’ изјави дека се пронајдени коските и черепот на малиот Емил.
„Оваа шокантна вест е она од што се плашевме. Сега знаеме, на денот на католичкото воскресение, дека Емил нè чува во светлината и љубовта божја, но болката и тагата остануваат. Сега е време да тагуваме, молиме и размислуваме“, порачаа родителите на Емил преку својот адвокат, кој апелира да се почитуваат приватните моменти на семејството.
Кога исчезнал на 8 јули, Емил штотуку пристигнал на летен одмор во селската куќа на бабата и дедото по мајка му, а двајца соседи тврдат дека го виделе на главниот пат во селото, но со спротивставени приказни.
Емил последен пат бил виден со својот 58-годишен дедо. Оттогаш неговата судбина е непозната и инспекторите не исклучуваат никаква можност, вклучително и киднапирање и убиство.
Еден сведок рече дека го видел дедото на момчето како сече дрва пред неговата куќа во времето кога детето наводно исчезнало.
На „Фејсбук“ е поведена кампања за собирање средства за плаќање на погребот на момчето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Зеленски: Русија со дронови ја дестабилизира Европа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја дестабилизира Европа со користење беспилотни летала за саботажи и немири.
Зеленски, во видео обраќање доцна во вторникот, рече дека Москва ја користи својата таканаречена „флота во сенка“ не само за финансирање на војната со транспорт на нафта со танкери, туку и за саботажи и разни напори за поткопување на стабилноста низ целиот континент.
„Неодамнешните лансирања на беспилотни летала од танкери се еден таков пример“, рече тој, повикувајќи се на разузнавачки информации од украинските надворешни служби.
The Head of Foreign Intelligence reported in detail on how the Russians are utilizing tankers of their “shadow fleet” – not only to finance the war, but also for sabotage and various destabilization attempts in Europe. Recent launches of drones from tankers are one such example.… pic.twitter.com/B09UQo9EZK
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) October 7, 2025
Официјалните информации за потеклото на беспилотните летала неодамна забележани во земји, вклучувајќи ги Данска и Германија, сè уште не се потврдени.
Русија негираше каква било вмешаност.
Дмитриј Медведев, заменик-шеф на Советот за национална безбедност на Русија, посочи дека самите украински сили би можеле провокативно да користат вакви беспилотни летала за да ја вовлечат Европа во војна против Русија.
Украина, исто така, произведува беспилотни летала со долг дострел.
фото: принтскрин
Европа
Путин: Украинците се повлекуваат на целата фронтова линија

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските сили во 2025 година зазеле речиси 5.000 квадратни километри територија во Украина и дека Москва има целосна стратешка иницијатива на бојното поле.
На состанокот со високи воени команданти, Путин рече дека украинските сили се повлекуваат од фронтот во сите сектори.
Тој нагласи дека Киев се обидува да пука длабоко на руска територија, но дека тоа нема да помогне да се промени ситуацијата во војната што трае повеќе од три и пол години.
„Во моментов, руските вооружени сили целосно ја држат стратешката иницијатива“, рече Путин на состанок во северозападна Русија, според Кремљ.
„Оваа година ослободивме речиси 5.000 километри територија, 4.900 километри и 212 населени места.“
Украинските сили, рече тој, „се повлекуваат по линијата на борбен контакт, и покрај обидите за жесток отпор.“
фото: принтскрин
Европа
Мелони: Пријавена сум во Меѓународниот кривичен суд за соучество во геноцид

Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера изјави дека таа и двајца министри се пријавени во Меѓународниот кривичен суд за наводно соучество во геноцид поврзан со израелската офанзива во Газа.
Во интервју за италијанската телевизиска станица РАИ, Мелони рече дека министерот за одбрана Гвидо Кросето и министерот за надворешни работи Антонио Тајани се пријавени во Меѓународниот кривичен суд и рече дека „мисли“ дека тоа се однесува и на Роберто Чинголани, шефот на одбранбената групација Леонардо.
„Верувам дека нема друг случај во светот или во историјата со вакви обвинувања“, рече Мелони.
Таа не прецизираше кој го поднел случајот против неа и министрите.
Меѓународниот кривичен суд истражува, гони и суди лица обвинети за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Италија беше место на серија демонстрации во изминатата недела, при што стотици илјади луѓе излегоа на улиците во знак на протест против масовните убиства во Газа, а многу демонстранти беа насочени кон Мелони.
Нејзината десничарска влада, во голема мера цврст поддржувач на Израел, неодамна се дистанцира од она што го нарекува „несразмерна“ офанзива во Газа, но не прекина никакви трговски или дипломатски врски, ниту ја призна државата Палестина.
Мелони рече дека е „зачудена“ од обвинувањето за соучество во геноцид бидејќи „секој што ја познава ситуацијата знае дека Италија, на пример, не одобрила нови испораки на оружје во Израел по 7 октомври“.
фото: принтскрин