Европа
Претседателката на ЕК во центарот на скандалот со вакцините: европските обвинители ја истражуваат Урсула фон дер Лајен
Европските обвинители ја презедоа истрагата за наводни кривични дела во врска со преговорите за набавка на вакцини против коронавирусот што ги водеа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурле, изјави портпаролот на обвинителството во белгискиот град Лиеж.
Инспекторите на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во последните месеци ја презедоа истрагата од белгиските обвинители, кои ја истражуваа Фон дер Лајен за „мешање во јавни функции, уништување на СМС-пораки, корупција и судир на интереси“, според правните документи во кои увид имал „Политико“ и портпаролот на обвинителството во Лиеж.
Иако обвинителите на ЕППО ги истражуваат наводните злосторства, сè уште никој не е обвинет во врска со случајот. Истрагата првично беше отворена од белгиските власти во Лиеж на почетокот на 2023 година откако локалниот лобист Фредерик Балдан поднесе кривична пријава. Жалбата на Балдан се фокусира на наводна размена на СМС-пораки помеѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурле, пред најголемиот договор за вакцини на ЕУ во екот на пандемијата на коронавирусот, во таканаречената афера „Фајзергејт“.
Балдан, 36-годишен белгиски лобист со врски со скептичката група за вакцини „Бон сенс“, поднесе кривична пријава во Белгија поради улогата на Фон дер Лејен во преговорите за вакцини со „Фајзер“ за, како што тврди, „мешање во јавните функции, уништување СМС, корупција и судир на интереси“, се вели во правните информации на неговиот адвокат.
Подоцна му се приклучија унгарската и полската влада, иако Варшава е во процес на повлекување на жалбата по изборната победа на проевропската влада предводена од премиерот Доналд Туск, изјави портпаролот на полската влада за „Политико“.
Американскиот весник „Њујорк тајмс“, кој прв откри дека размената се случила кога претседателката на ЕК и извршниот директор на „Фајзер“ преговарале за условите на договорот, почна паралелна тужба против Комисијата кога ЕК одби да ја открие содржината на пораките по барањето за пристап до документи. Веста дека ЕППО сега го истражува случајот ризикува дополнителна проверка на улогата на Фон дер Лејен во огромниот договор за вакцини, кој се проценува дека вреди повеќе од 20 милијарди евра.
ЕППО спроведува паневропски истраги за финансиски криминал и теоретски може да заплени телефони и друг релевантен материјал од канцеларијата на ЕК или други земји во Европа, како Германија, од каде што е Фон дер Лајен. Ваквиот развој на настаните доаѓа во деликатен момент за претседателката на ЕК бидејќи набргу се европските избори, а во Брисел очекуваат Фон дер Лајен да добие втор мандат на чело на Европската комисија.
Комисијата засега одбива да ја открие содржината на СМС-пораките или да го потврди нивното постоење. Договорот, склучен во екот на пандемијата во 2021 година, првично се сметаше за триумф на Фон дер Лајен, но огромната количина купени вакцини предизвика чудење. На крајот на минатата година „Политико“ откри дека пропаднала доза вакцини вредна најмалку четири милијарди евра.
Договорот за вакцината со „Фајзер“ оттогаш е повторно преговаран. Во 2022 година ЕППО објави дека поопшто ја разгледува набавката на вакцини во ЕУ, но ова е првпат канцеларијата експлицитно да се поврзе со таканаречениот „Фајзергејт“.
Случајот што сега го разгледува ЕППО обединува неколку правни, политички и финансиски текови и се вкрстува со тужбите што ги поведе фармацевтскиот гигант „Фајзер“ против Унгарија и Полска. „Фајзер“ ги тужеше Унгарија и Полска за неплаќање на дозите вакцини по запрањето на испораките.
Унгарија, предводена од премиерот Виктор Орбан, жесток противник на Фон дер Лајен, исто така поднесе жалба за улогата на претседателката на ЕК во преговорите за вакцината со „Фајзер“, изјавија двајца извори запознаени со ова прашање, кои побараа да останат анонимни. Полска поднесе жалба во ноември минатата година, потврди портпаролот на полската влада. Сепак, како што наведе, по изборот на Доналд Туск за премиер во декември минатата година, „новата влада работи на повлекување на Полска од овие процедури“.
Официјален претставник на Европската комисија изјави дека ЕК нема сознанија за можни дејства, освен за написи во весници.
Унгарската влада не одговори на барањето за коментар. „Фајзер“ и ЕППО одбија да го коментираат случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

