Македонија
Тошковски на состанок со оперативниот штаб за спроведување на парламентарните и претседателски избори

Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одржа работен состанок со раководителот и членовите на оперативниот штаб и раководителите на 8 помошни штаба формирани за спроведување на парламентарните и претседателските избори 2024.
Mинистерот од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност и началникот на Одделот за униформирана полиција при БЈБ беше информиран за сите досегашни активности што се преземени од страна на оперативниот штаб, како и оние мерки и активности што треба да бидат преземени во наредниот период со цел да се овозможи организирано, синхронизирано и координирано дејствување на полицијата во насока на обезбедување мирни и демократски избори, како и спречување секаков обид за загрозување на изборниот процес. Во таа насока досега одржани се и 5 состаноци со Државната изборна комисија, а во тек е обуката на полициските службеници за улогата на полицијата во изборен период.
„Од моја страна беше дадена насока да се задржи високото ниво на будност и подготвеност на полицијата во овој контекст, како и да се стави акцент на прибирањето оперативни информации со цел превенција на можни загрозувања на безбедносната состојба во овој предизборен период. Од страна на директорот на БЈБ и членовите на оперативниот штаб беше потенцирано дека безбедносната состојба е стабилна и дека полицијата е подготвена да се соочи со претстојниот безбедносен предизвик поврзан со организирањето на изборите“, потенцира Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со шесте милијарди евра за Македонија ќе се градат брза пруга, болници, студентски дом – Николоски од Лондон со детли за договорот

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој ја предводи официјалната делегација на Македонија во Обединетото Кралство, оствари средба со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање на Обединетото Кралство – УКЕФ, на која што беше разговарано за деталите околу средствата што и се ставаат на располагање на Македонија за реализација на инфраструктурни проекти.
„Се работи за 5 милијарди фунти кои што се ставаат на располагање на Македонија, нешто што беше потврдено од страна на УКЕФ и можам со задоволство да кажам дека овие 5 милијарди фунти односно 6 милијарди евра после овој состанок дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Истите можат да се користат за проектно финансирање, тоа значи дека се врзани за проекти што значи дека ќе носат додадена вредност на Македонија. Тоа се проекти во делот на транспортот, здравството, образованието, во делот на енергетиката и животната средина“, рече Николоски.
Додаде дека се разговарало за три сета на проекти, едниот е брзата пруга на коридор 10 од Табановце до Гевгелија, вториот е изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и третиот е изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип.
Тој рече и дека после потпишувањето на договроот Влада со Влада утре и ратификацијата на истиот во Собранието, ќе започнат со официјални разговори во однос на начините на финансирање и реализација на овие проекти.
Со Николоски во Лондон е и потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, утре ќе им се придружи и министерката за образование Весна Јаневска, а со него е и директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, членови на кабинетот.
Николоски ќе се сретне и со министерот за внатрешни работи на Велика Британија, министерот за одбрана, а утре со минстерот за економија и извоз заедно ќе го потпишат Договорот Влада со Влада.
Договорот ќе оди на ратификација во Собранието, а во Велика Британија го усвојува Владата.
Македонија
Движење ЗНАМ: Неосновани се обинувањата за имотот на Максим Димитриевски

Неосновани се обвинувањата изнесени на прес конференцијата од поранешната претседателка на Советот на Општина Куманово Мургашанска, реагираат од Движењето ЗНАМ.
„Истите клевети на овие теми ги изнесуваа за време на локалните избори во 2021 година кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски, кој изгуби катастрофално на локалните избори, како и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Лидија Трајковска. Со правосилна судска пресуда беа осудени, се извинија и платија штета. Истото ќе се случи и во овој случај со Мургашанска. Неосновани се обвинувањата, бидејќи станува збор за земјиште купено со купопродажен договор од физичко лице во 2010 година, во време кога Димитриевски не беше градоначалник и е уредно пријавено во неговиот анкетен лист, како и целиот негов имот“, се вели во реакцијата.
Истото земјиште, додаваат до таму, кое се наоѓа во делот на градот за којшто опфат е сменет урбанистичкиот план и намената на земјиштето, а согласно проценките на општината и пазарната цена, вредноста на истото е покачена, на кој што износ од страна на сопствениците уредно се плаќа данок на промет по реална пазарна вредност.
„Тоа земјиште било предмет на размена за имот – стан купен со купопродажен договор и платен со банкарска трансакција и платени сите давачки. Употребна дозвола за изграден објект не издава општината, а најмалку градоначалникот, туку тоа е во надлежност на техничкиот надзор на објектот со конечниот извештај за градба којшто се спроведува во катастар. Поранешна претседателка на Советот, Мургашанска треба ова да го знае, не во континуитет да продолжува да ја манипулира јавноста“, пишува во реакцијата.
Македонија
Измамник од Велес на интернет продавал наводно благословени предмети

Претставник на МПЦ – OA – Струмичка Eпископија пријавил дека од почетокот на 2025 се појавила фан страна со назив „Библиска Македонија“ каде се објавувале религиозни содржини, пораки и кратки исечоци од веќе објавени беседи на Владиката Јаков.
Исто така, според пријавеното, на страната почнала да се врши продажба на мали тегли со по 31 стих од Библијата, како и религиозни книги кои биле претставени како да се со благослов од Владиката Јаков.
Имено, за теглите пишувало и во комуникација на луѓето им било кажувано дека седеле во манастирот во Ново Село и дека биле благословени од владиката. На тој начин, луѓето се доведувани во заблуда да ги купуваат таквите работи, а дека средствата од продажбата ќе бидат употребени во донации за топол оброк за лица бездомници.
Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Струмица презеле мерки за откривање на сторителите, по што, со судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во домот на Д.С.(33) од Велес.
При претресот се пронајдени и одземени пет мали тегли со пишан цитат од библијата и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Д.С. е лишен од слобода и со него е извршен службен разговор. На 21.05.2025 во СВР Велес била повикана и Р.С.(27) од Велес, сопруга на Д.С., со која бил извршен разговор во врска со делото.
Запознаен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по документирање на случајот, против Д.С. и Р.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.