Македонија
Џафери – Стрик: Силна поддршка за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со европратеничката Тинеке Стрик.
Ова е втора средба на Џафери во својство на премиер со европратеничката Стрик, со која се сретна и во рамките на својата прва посета на европските институции на 14 февруари 2024 во Брисел. Холандската европратеничка Стрик е дел од групата на зелените/Европската слободна алијанса и член на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент и на мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.
Фокусот на средбата беше на натамошниот напредок на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција, што се оцени како исклучително значаен за перспективите на граѓаните во државата, но и во регионален и особено во геополитички контекст.
Притоа беше нагласена силната поддршка за продолжување на европскиот пат по завршувањето на изборите во земјата.
Премиерот Џафери оцени дека Северна Македонија се наоѓа во важен момент од демократскиот развој и дека претседателските и парламентарните избори ќе го одредат правецот на државата, што со право се следи со интерес во регионот и во Европа.
Притоа потенцира дека Владата ги презема сите чекори во согласност со законските надлежности да осигури дека сите надлежни институции ќе овозможат спроведување фер и демократски избори со целосен легитимитет.
Европратеничката Стрик го поздрави постигнатиот напредок на Северна Македонија и одлично завршениот процес на скрининг, притоа ги нагласи итноста и важноста од продолжување на почнатиот пат од геополитички аспект, како и искористување на позитивниот момент и широката постојна поддршка за проширувањето на ЕУ.
Воедно, повика веднаш по завршувањето на изборите и формирањето на Собранието и владата, Северна Македонија активно и забрзано да работи на спроведувањето на уставните измени и исполнување на реформската агенда и заедно со соседите да го заокружи патот кон членство во Унијата.
На средбата се разговараше и за важноста на планот за раст на Западен Балкан и неговото усвојување во Европскиот парламент, како и за натамошното зајакнување на севкупната соработка на нашата држава со Европскиот парламент, вклучително и преку присуството на претставници од нашите собраниски служби во Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

