Регион
Додик: Вучиќ и Орбан ми се пријатели, ќе се здружиме во сојуз

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, денеска изјави дека се гордее што е под американски санкции и дека своето понатамошно политичко патување го планира со пријателите наведувајќи дека тоа се претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин, и унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Додик и неговите најблиски соработници, меѓу кои се речиси сите водечки луѓе во РС, како и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, се под санкции на Министерството за финансии на САД, а сега се соочени со фактот дека банките во БиХ им ги затвораат сметките една по друга и на овој начин се обидуваат да избегнат ситуација во која и самите би ги претрпеле последиците со тоа што ќе бидат исклучени од меѓународните платежни трансакции.
Додик и неговите соработници сега не може да добиваат плати, ниту заеми или кредитни картички, а затворањето на банкарските сметки исто така влијае на компаниите што САД ги назначија како извор на финансиска моќ за водачите на босанските Срби.
Меѓу нив е и фирмата „Интеграл инженеринг“ од Лакташ, со која до својата смрт минатата година раководеше пријателот на Додик, Слободан Станковиќ. Иако почина, санкциите кон неговата компанија останаа, а од компанијата потврдија дека од 17 сметки што ги имале досега, банките затвориле 15, а очекуваат набргу да ги блокираат и другите две, па не знаат како ќе продолжат да работат.
И покрај фактот што поради санкциите, стана платежно неспособен, Додик во средата им рече на новинарите дека „не му е грижа за американските санкции“ и дека тоа нема да го одврати од неговата политика.
„Имаме и други пријатели“, рече Додик и обидувајќи се да ги наброи, ги спомна Вучиќ, Путин и Орбан, а особено смета на соработка со Будимпешта и Белград, кој го нарече и негов главен град.
„Унгарија, Република Српска и Србија ќе се здружат во некаква економска унија“, најави Додик.
Тој повторно се закани дека РС набргу ќе го усвои својот изборен закон и ќе спроведе избори според него доколку не се отповика одлуката за наметнување технички измени на изборниот закон, што ја донесе високиот претставник Кристијан Шмит.
„Ќе го донесеме тој закон и според него ќе спроведеме избори во РС. Не ни е грижа ако Западот не ги признае. Ние ќе ги признаеме“, рече Додик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Невреме во Србија: превртен камион, откорнати дрвја, поплавени улици

Силно невреме, проследено со јак ветер и дожд, денес зафати делови од Србија.
Само во Белград, ветерот собори дрвја и гранки на повеќе од 50 локации.
На социјалните мрежи беа објавени бројни видеа од паднати дрвја и скршени гранки.
Силниот ветер што дуваше во Нови Сад собори дрво.
Силен ветер дуваше и во Белград, а повремено имаше врнежи проследени со грмотевици.
Силна бура го погоди и Зрењанин.
Ветрот кршеше гранки од дрвјата, а поради дождот, водата остана на патиштата.
Налети на ветер превртеа камион кај Зрењанин, според написите во медиумите од регионот.
Регион
(Видео) Големо невреме во Загреб, ветерот крши ролетни, урива дрвја

Голема промена на времето пристигна во Хрватска. Бура го погоди Загреб околу 10 часот наутро. Како што известуваат хрватските медиуми, ветерот дува силно и ги кине ролетните на куќите. Грми, врне и дува силно во целиот град.
Портокалова тревога е во сила за регионите Славонија, Истра, Кварнер и во Далмација, а жолта тревога е во сила за остатокот од Хрватска.
Температурите во делови од земјата ќе паднат за повеќе од 10 степени во споредба со вчера.
Регион
Дел од натстрешник се урна во центарот на Белград

Во центарот на Белград, пред продавница за парфеми, се урна таванот на натстрешник, пишува „Н1 Србија“.
Ова, најверојатно, се случило во текот на ноќта, а жената што работи во продавницата за парфеми изјавила за „Н1“ дека сè било во ред во текот на денот.
Властите поставија црвена лента на која пишува „внимание, опасност“, така што на граѓаните сега им е забрането да минуваат во тој дел од улицата.
Делови од таванот се наоѓаат и на самото шеталиште, а дел од него сè уште виси.