Свет
Северна Кореја: „Тестиравме хиперсонична ракета, можеме да им се заканиме на САД“
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, најави дека по овој, како што наведе, успешен тест, неговата земја добила способност да произведува ракети со цврсто гориво со нуклеарен капацитет од сите дострели, а тие може да ги загрозат и соседните земји во Азија како и САД.
Од друга страна, војската на Јужна Кореја соопшти дека Северот го преувеличува успехот на тестот, како и неговите општи ракетни способности.
Соопштението на Северна Кореја доаѓа еден ден откако армиите на Јужна Кореја и Јапонија утврдија дека проектилот бил лансиран од близина на главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, кон источното море.
Севернокорејските државни медиуми објавија дека тестот бил надгледуван од самиот Ким Џонг-ун, кој ја опиша новата ракета „Хвасонг-16Б“ како клучен дел од политиката за нуклеарно одвраќање и вети дека ќе произведе повеќе слично оружје за да им се спротивстави на „непријателите“, најверојатно, мислејќи на САД, Јужна Кореја и Јапонија.
Според севернокорејската државна новинска агенција КЦНА, за време на тестирањето во вторникот хиперсоничната бојна глава на ракетата достигнала височина од 101 километар и прелетала околу 1.000 километри по одвојувањето од ракетата носач и извршила разни маневри пред да слета во водите меѓу Корејскиот Полуостров и Јапонија.
Сепак, воениот генералштаб на Јужна Кореја денеска остана на својата оценка дека проектилот прелетал само 600 километри и ја обвини Северна Кореја дека ги преувеличува перформансите на ракетата, иако призна дека северната технологија се подобрува.
Само неколку часа по лансирањето, јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека спровеле заедничка воздушна вежба со САД и Јапонија над водите во близина на јужнокорејскиот остров Џеџу, во која учествувал најмалку еден американски бомбардер „Б-52“, способен за нуклеарно оружје.
Во последните години Северна Кореја развива повеќе ракети со цврсто гориво. Ваквото оружје полесно се движи и скрива, а може да се лансира побргу од проектилите со течно гориво, кои треба да се наполнат со гориво пред лансирањето и не може да останат напојувани долги временски периоди.
Од 2021 година исто така тестира хиперсонично оружје дизајнирано да лета со петпати поголема брзина од звукот. Доколку ја подобрат својата производствена технологија, таквите системи потенцијално би можеле да ги предизвикаат регионалните системи за ракетна одбрана поради нивната брзина и маневрирање.
Северна и Јужна Кореја беа поделени по Корејската војна, која се водеше помеѓу 1950 и 1953 година. Оттогаш двете земји официјално се во војна и односите се постојано затегнати. Северна Кореја е поддржана од Кина и Русија, а Јужна Кореја е поддржана од САД и Западот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
12-годишно девојче се бори за живот откако беше застрелано во главата во масакрот во Канада: „Молете се за моето дете“
Маја, 12-годишно девојче, кое беше застрелано во главата и вратот во масакрот во средно училиште во Тамблер Риџ, се бори за живот во болница, според објавата на нејзината мајка на страницата GoFundMe потврдена од Си-ен-ен.
Маја е сериозно повредена во пукањето во училиштето во вторник и е однесена во Детската болница во Ванкувер, каде што е на интензивна нега. Член на семејството започна кампања за собирање средства за помош.
Во масакрот во градот Тамблер Риџ, Канада девет лица, вклучувајќи го и осомничениот, беа пронајдени мртви, а 27 лица беа повредени.
„Денот започна како и секој друг“, напиша мајката Сиа Едмондс во објавата.
„А сега мојата 12-годишна ќерка се бори за живот додека лекарите се обидуваат да ја санираат штетата од прострелна рана во главата. И една во вратот. Ова воопшто не изгледа реално“, додаде таа. „Никогаш не помислив дека ќе барам молитви, но ве молам, молете се за моето дете.“
Во подоцнежна објава, мајката рече дека се држи до „зрак на надеж“. „Ни треба чудо“, додаде таа.
Свет
Професор од Јеил му препорачал студентка на Епстин: „Убава мала русокоса“
Универзитетот Јеил соопшти дека истакнат професор по компјутерски науки нема да предава додека е во тек внатрешна истрага за неговото однесување, откако новообјавените документи открија дека тој испратил е-пошта до Џефри Епстин препорачувајќи студентка за работа, опишувајќи ја како „згодна мала русокоса“. Професорот е Дејвид Гелрнтер, кој не покажал каење за своите постапки, објавува АП њуз.
Кореспонденцијата помеѓу Гелрнтер и покојниот финансиер и осуден педофил беше објавена кон крајот на јануари како дел од голема колекција документи поврзани со Епстин објавени од Министерството за правда на САД. Документите покажуваат дека Гелрнтер и Епстин комуницирале на различни теми, вклучувајќи бизнис и уметност.
Во е-пошта испратена до Епштајн во октомври 2011 година, неколку години откако Епстин се изјасни за виновен за подведување малолетник, Гелрнтер напишал дека имал „уредник“ на ум за работата. Таа била студентка на последна година на Јеил, која тој ја опишал како „многу ситна, убава русокоса“.
Гелернтер ја бранеше пораката во е-пошта што ја испрати минатата недела до Џефри Брок, декан на инженерството и применетите науки на Јеил. Според „Јеил дејли њуз“, професорот ја препратил е-поштата и до редакцијата.
Тој рече дека Епстин бил „опседнат со девојки“, како „секој друг милијардер на Менхетен. Всушност, како и секој друг стрејт маж“ и дека ги имал на ум „навиките на потенцијален шеф“.
„Сè додека не кажам ништо што би ја обесчестило на кој било замислив начин, ќе му кажам повеќе или помалку она што сакаше да го чуе“, му напиша Гелернтер на Брок. „Таа беше паметна, шармантна и убава. Дали требаше да ги сокријам тие информации? Никогаш!“ Додаде: „Многу ми е мило што ја напишав таа порака“.
На студентите по компјутерски науки на Гелернтер им било кажано дека тој нема да држи предавање во вторник. „Универзитетот не ги толерира постапките на професорот или начинот на кој тој ги опишал своите препораки до своите студенти“, се вели во соопштението на Јеил.
„Однесувањето на професорот е под истрага. Додека не заврши истрагата, професорот нема да предава.“
70-годишниот Гелернтер не одговори на барањата за коментар. Тој се придружува на растечкиот број луѓе во Соединетите Држави и Европа, вклучително и истакнати политичари, кои се под лупа за нивните врски со Епстин.
Свет
Тинејџер застрела директорка во училиште во Тајланд, оружјето го украл од полицаец
Во округот Хат Јај, на југот на Тајланд, 17-годишен тинејџер застрелал директорка на училиште, соопштија властите.
Директорката Сасипат Синсамосорн им подлегнала на повредите откако напаѓачот отворил оган во училиштето „Патонгпратанкириват“ во провинцијата Сонгкла, јави „Ројтерс“.
Напаѓачот употребил огнено оружје што го украл од полицаец. Уште една ученичка била погодена, но нејзината здравствена состојба засега не е позната.
Директорката била пренесена на интензивна нега и оперирана, но починала околу два часот по полноќ поради тешки внатрешни повреди и голема загуба на крв, соопшти Министерството за здравство.
Според официјални информации, осомничениот имал сестра во училиштето, историја на злоупотреба на супстанции и бил отпуштен од психијатриска болница во декември.
Во текот на инцидентот, напаѓачот држел ученици и наставничка како заложници. Полицијата подоцна го привела, а сите заложници биле ослободени. Најмалку три лица биле повредени.

