Економија
МФ: Поблиску до реализација на Планот за раст на Западен Балкан, постигнат привремен договор за воспоставување на Механизмот за реформи и раст

Во ЕУ е постигнат привремен договор помеѓу Претседателството на Советот на ЕУ и претставниците на Европскиот парламент за регулативата за воспоставување на Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, кој е дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската унија.
Механизмот има за цел забрзување на евроинтегративните процеси во земјите од регионот и истиот во понатамошната процедура треба да биде одобрен од страна на Европскиот совет и од европратениците.
„Ова е многу значаен чекор во донесувањето на овој финансиски инструмент на ЕК со кој треба да се забрза процесот на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Инструментот е алка во тој процес со кој се забрзуваат реформите преку соодветна финаниската поддршка за нивно спроведување. Пакетот тежи 2 милијарди евра грантови, средства кои ЕУ ќе ги даде на земјите од регионот за тие да ја забрзаат својата економска конвергенција кон ЕУ, а земјите од своја страна, вклучително и нашата, ќе ги искористат за да ги спроведат реформите во најкус можен рок“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Националната структура во земјава веќе работи на реформската агенда 2024-2027, која претставува сеопфатен пакет мерки со конкретни чекори за постигнување на предвидените цели, а кои се однесуваат на селдниве области: реформи во јавната администрација, управување со јавни финансии, дигитална, енергетска и зелена транзиција, човечки капитал, деловно окружување и владеење на правото. Дополнително опфаќа и инфраструктурни проекти во областа на транспортот, енергетиката, дигиталната трансформација и човечки капитал.
Реформската агенда на земјава ќе биде поддржана преку овој инструмент со над 800 милиони евра, средства кои треба да почнат да се користат до крајот на оваа година.
Планот за раст на Западен Балкан како нов инструмент на Европската унија за поддршка на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан беше промовиран на крајот на 2023 година и оттогаш се работи интензивно на тој процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.
Економија
Инвестиција од 1 милијарда евра на „Казанџи груп“ за изградба на гасни централи, трајно решение за аерозагадувањето, најави ВМРО-ДПМНЕ

Приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е создавање услови за нов циклус на економски раст. Се поттикнува економската слобода на инвеститорите преку креирање на фер услови за сите стопански субјекти. Се враќа довербата на странските инвеститори за своите инвестиции да ги пласираат во државата, да отворат нови или да ги прошират своите капацитети. За разлика од минатото кога имаше недостаток на доверба кај инвеститорите во владата на СДС и ДУИ сега домашните и странските инвеститори имаат партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачката партија.
Од таму наведуваат дека се официјализираше меморандум за соработка со компанијата „Казанџи груп“ којашто е светски гигант во енергетиката. „Казанџи Холдинг“, е водечка турска компанија со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3,500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.
„Во Македонија „Казанџи груп“ ќе инвестира 1 милијарда евра за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Освен енергетската стабилност, со градењето на когенеративни гасни централи, трајно се решава загадениот воздух. Со оваа и останатите инвестиции во енергетиката државата ќе стане енергетски независна. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна стратегија и план за енергетскиот сектор во служба на граѓаните. За енергетска ефикасност, енергетска стабилност и независност на државата. Ги градиме темелите на промените. Доаѓа времето на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.