Свет
Унгарија нема да ја укине забраната за увоз на жито од Украина

Унгарија ќе ја задржи на сила забраната за увоз на жито од Украина, и покрај притисокот од ЕУ, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој пред унгарските новинари во Брисел изјави дека укинувањето на забраната ќе значи колапс на земјоделците во Унгарија.
„Што се однесува до забраната за увоз на земјоделски производи од Украина, ние ќе ја задржиме. ЕУ изврши огромен притисок да се укине, но тоа би довело до колапс на унгарските земјоделци и тоа не можеме да го дозволиме“, нагласи Сијарто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Луксембург за Украина и Западен Балкан

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург разговараат за ситуацијата на Западен Балкан, Украина и Блискиот Исток.
За време на работниот ручек, министрите ќе разговараат за прашањата за регионалната стабилност и безбедност на Западен Балкан.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во неделата вечерта зборуваше за време на работната вечера со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Таа на денешната средба ќе извести за минатонеделната посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Во Сараево, таа го осуди раководството на босанските Срби за обид за поткопување на територијалниот интегритет и уставниот поредок во земјата. Министрите ќе разговараат за тензичната политичка ситуација во Србија, каде што се одржуваат масовни протести по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година.
Што се однесува до Украина, неколку земји-членки сакаат да ја забрзаат работата на 17-тиот пакет санкции против Русија, кој би вклучувал ембарго за увоз на течен гас.
Состанокот се одржува еден ден откако Русија го погоди центарот на северниот украински град Суми со две балистички проектили, при што загинаа најмалку 34 лица.
На маргините на министерскиот состанок ќе се одржи меѓувладина конференција за пристапување со Албанија, на која земјата ќе ги отвори преговорите во кластерот 2, кој опфаќа повеќе поглавја поврзани со внатрешниот пазар.
Вечерта во Луксембург ќе се одржи првиот политички дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и палестинската управа. Двете страни ќе разговараат за ситуацијата во Газа и Западниот Брег, билатералните односи и можниот напредок кон решение со две држави. ЕУ подготвува голем пакет економска помош за палестинските власти.
Со состанокот ќе претседаваат високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и палестинскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамад Мустафа. Комисијата ќе ја претставуваат комесарот за Медитеран, Дубравка Шуица и комесарот за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб.
Комесарката за Медитеран, Дубравка Шуица, најави дека ЕУ ќе ја зголеми финансиската поддршка за палестинската управа во износ од 1,6 милијарди евра.
Регион
Oбјавени имињата на министрите во новата српска влада

До претставниците на Собранието на Србија е поднесен предлог за избор на новата Влада на Србија, а меѓу нив, меѓу другите, како нови имиња се споменуваат Дејан Вук Станковиќ за министер за образование, Ненад Вујиќ за министер за правда и Драган Гламочиќ за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, најави дека почетокот на седницата на Собранието на Србија, на која ќе се расправа за новата влада, ќе биде закажан за утре.
За премиер на Владата на Србија беше предложен професорот Ѓуро Мачут.
Исто така предложени се:
Синиша Мали, за прв вицепремиер и министер за финансии;
Ивица Дачиќ, за вицепремиер и министер за внатрешни работи;
Адријана Месаровиќ, за вицепремиер и министер за економија;
Драган Гламочиќ, за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство;
Сара Павков, за министер за заштита на животната средина;
Александра Софронијевиќ, за министер за градежништво, транспорт и инфраструктура;
Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министер за рударство и енергетика;
Јагода Лазаревиќ, за министер за внатрешна и надворешна трговија;
Ненад Вујиќ, за министер за правда;
Снежана Пауновиќ, министер за државна администрација и локална самоуправа;
Демо Бериша, за министер за човекови и малцински права и социјален дијалог;
Братислав Гашиќ за министер за одбрана;
Марко Ѓуриќ за министер за надворешни работи;
Немања Старовиќ за министер за евроинтеграции;
Дејан Вук Станковиќ за министер за образование;
Златибор Лончар, за министер за здравство;
Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за труд, вработување, бранители и социјална заштита;
Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за благосостојба на семејството и демографија;
Зоран Гајиќ, за министер за спорт;
Никола Селаковиќ, за министер за култура;
Милан Кркобабиќ, за министер за грижа на селото;
Бела Балинт, за министер за наука, технолошки развој и иновации;
Хусеин Мемиќ, за министер за туризам и млади;
Борис Братина, за министер за информации и телекомуникации;
Дарко Глишиќ, за министер за јавни инвестиции;
Новица Тончев, за министер без ресор;
Ѓорѓе Милиќевиќ, министер без ресор;
Усаме Зукорлиќ, за министер без ресор;
Ненад Поповиќ, за министер без ресор;
Татјана Мацура, за министер без ресор.
Се очекува седницата на Собранието да привлече големо внимание во јавноста со оглед на значајните промени во составот на владата и потенцијалните насоки на новата извршна власт, пишуваат српските медиуми.
Свет
Кинескиот претседател: Нема победници во трговска војна

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Виетнам ја започна една недела посети на Југоисточна Азија, сигнализирајќи ја посветеноста на Пекинг на глобалната трговија, токму во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп ја разбранува глобалната економија со најновите тарифи.
Иако Трамп ги паузираше новите царини за голем број земји, тој ги остави оние за Кина, втората по големина економија во светот, на 145 отсто.
Посетата на Шји ѝ овозможува на Кина да ѝ покаже на Југоисточна Азија дека е одговорна суперсила за разлика од тоа како САД под претседателот Доналд Трамп се претставуваат пред светот, рече Нгуен Как Гианг, истражувач во Институтот ISEAS Јусоф Исак во Сингапур.
Кина може да работи на зајакнување на сојузите и изнаоѓање решенија за високата царинска бариера што САД ја постави на нејзиниот извоз.
„Нема победник во трговска војна или тарифна војна“, напиша Шји во текст објавен во виетнамските и кинеските официјални медиуми.
„Нашите две земји треба цврсто да го заштитат мултилатералниот трговски систем, стабилните глобални индустриски и снабдувачки синџири и отворената и кооперативна меѓународна средина“, рече тој.
Претседателот денеска пристигна во Ханој на почетокот на дводневната посета на Виетнам.
Иако патувањето на Шји веројатно беше планирано порано, тоа стана значајно поради тарифната војна меѓу Кина и САД, двете најголеми економии во светот.
Во Виетнам, Кси ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам То Лам и премиерот Фам Мин Чин.