Свет
САД го испратија досега најсилното предупредување до Израел
Соединетите Држави го упатија својот најостро јавно предупредување до Израел од почетокот на војната со Хамас, укажувајќи дека американската политика кон Газа ќе биде одредена од тоа дали Израел ќе преземе чекори за да се осигура безбедноста на палестинските цивили и хуманитарните работници.
Американскиот претседател Џо Бајден му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел мора да преземе итни мерки за намалување на страдањето на цивилите, објави Белата куќа по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
Во разговорот кој траел помалку од 30 минути, Бајден му рекол на Нетанјаху дека итен прекин на огнот во регионот е од клучно значење и го повикал Израел веднаш да постигне договор со Хамас за да можат израелските заложници да се вратат дома, речиси шест месеци откако палестинските милитанти го нападнаа Израел.
Бајден „јасно укажа на потребата Израел да претстави и спроведе серија конкретни и мерливи чекори за одговор на цивилните жртви, хуманитарните страдања и безбедноста на хуманитарните работници“, објави Белата куќа.
Претседателот „јасно стави до знаење дека американската политика кон Газа ќе биде одредена од нашата проценка дали Израел ги презел тие чекори“, се додава.
Во израелски напад во понеделникот во Газа, загинаа седум хуманитарни работници на невладината организација Светска централна кујна.
Израел во четвртокот објави дека ќе ја прилагоди својата тактика во војната во Газа, опишувајќи го нападот како резултат на погрешен идентитет и велејќи дека наскоро ќе ги објави резултатите од истрагата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас: Израел ги враќа преговорите на почеток со измени на предлогот за прекин на огнот
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека Израел практично го отфрлил предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, откако на посредниците во преговорите им доставил амандмани на предлогот, со што преговорите се вратиле на самиот почеток.
Хамас соопшти дека ќе одржи консултации со палестинските фракции за да ја разгледа преговарачката стратегија, објави Ројтерс.
Индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците се чини дека се заглавени без очигледен напредок, бидејќи Хамас рече дека нема намера да се откаже од предлогот веќе отфрлен од Израел.
Свет
Најмалку 60 лица се повредени во судир на воз и локомотива во Буенос Аирес
Најмалку 60 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Пожарникарите, полицијата и брзата помош се на терен и помагаат да се префрлат повредените патници во болниците, објави Ројтерс.
Во судирот првиот вагон од патничкиот воз излета од шините и беше оштетен.
Свет
Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите во Авганистан
Најмалку 50 лица загинаа во Авганистан во поплави по обилните дождови во северната провинција Баглан, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Абдул Матен Кание.
Тој посочи дека бројот на жртви може да се зголеми, пренесе Ројтерс.
Кание рече дека има поплави во повеќе од пет области во Баглан по обилните дождови и на некои домаќинства им е потребна итна помош.
Тој додаде дека за вечерва се предвидуваат две силни невремиња.
„Министерството за внатрешни работи испрати екипи и хеликоптери во областа, но поради недостиг на светла за ноќно гледање во хеликоптерите, операцијата можеби нема да биде успешна“, рече тој.
Најмалку 33 лица загинаа, а 27 се повредени во силните поплави предизвикани од сезонските дождови во средината на април во Авганистан.
Поплави во април го погодија главниот град Кабул и неколку провинции низ земјата.