Свет
Унгарија нема да ја укине забраната за увоз на жито од Украина
Унгарија ќе ја задржи на сила забраната за увоз на жито од Украина, и покрај притисокот од ЕУ, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој пред унгарските новинари во Брисел изјави дека укинувањето на забраната ќе значи колапс на земјоделците во Унгарија.
„Што се однесува до забраната за увоз на земјоделски производи од Украина, ние ќе ја задржиме. ЕУ изврши огромен притисок да се укине, но тоа би довело до колапс на унгарските земјоделци и тоа не можеме да го дозволиме“, нагласи Сијарто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Тежок скандал во романскиот парламент: пратеникот обвини поранешен сопартиец дека го удрил со колено во носот
Сериозен скандал денеска се случи во романскиот парламент – пратеникот на ПНЛ, Флорин Роман изјави дека добил „удар со колено во носот“ пред пленарната сала на Собранието, од поранешен сопартиец, сега независен пратеник Дан Вилчеану, инаку поранешен министер за финансии, пренесува Либертатеа.
„Го прекорив независниот пратеник Дан Вилчеану за прекршување на правилата поради неговото присуство во клупите на групата ПНЛ. Неговиот проблем во парламентот беше да дознае колку градоначалници отишле во Калараши. Следеше вербална расправија, по што физички насилно бев исфрлен од пленумот“, напиша Флорин Роман на Фејсбук.
„Надвор од пленумската сала повторно бев физички нападнат, насилнички, со колено во носот“, тврди Роман, прецизирајќи дека тој не возвратил, туку дека ќе поднесе „кривична пријава против пратеникот хулиган“.
Претседателот на ПНЛ и на парламентот, Николае Чиука, рече дека „физичкото насилство е неприфатливо, особено кога тоа се случува овде, во зградата на парламентот“ и побара од раководството на Претставничкиот дом да преземе мерки против либералниот Дан Вилчеану.
Европа
ЕУ одлучи да ги искористи замрзнатите руски средства за вооружување на Украина
Советот на Европската унија денеска усвои низа правни акти за да се осигура дека нето добивката од неочекуваните пари и вонредните приходи од замрзнатите руски средства се користат за воена поддршка за Украина, како и за зајакнување на капацитетот на нејзината одбранбена индустрија и реконструкција.
Тоа значи дека финансиските институции кои чуваат руски замрзнати средства на своите сметки во износ од повеќе од еден милион евра ќе дадат финансиски придонес од нивната нето добивка акумулирана од 15 февруари годинава.
На 12 февруари 2024 година, Советот на ЕУ одлучи дека финансиските институции кои поседуваат повеќе од еден милион евра во средства и резерви на Руската централна банка, која е имобилизирана со низа рестриктивни мерки од страна на ЕУ, мора да ги издвојат вонредните средства што се акумулираат поради овие мерки и дека не можат да располагаат со нето добивката што произлегува од тоа.
Одлуката денеска и формално ја потврди Советот откако на почетокот на месецов беше постигнат договорот на амбасадорско ниво.
Според таа одлука, 90 отсто од овие средства ќе одат во фондот на ЕУ за воена помош за Украина, а останатите 10 отсто за нејзината одбранбена индустрија и одбрана.
Според проценките на ЕУ, замрзнатите руски средства би можеле да донесат меѓу 15 и 20 милијарди евра до 2027 година.
Свет
Израел срамни со земја бегалски камп во Газа, петмина загинати во нападите во Рафа
Израелските сили денеска влегоа подлабоко во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа, изјавија локалните жители, додавајќи дека во израелските воздушни напади загинале најмалку пет лица во јужниот град Рафа.
Симултаните израелски напади на северните и јужните рабови на Појасот Газа овој месец предизвикаа нов егзодус на стотици илјади жители во енклавата и значително ја намалија испораката на хуманитарна помош, а со тоа го зголемија ризикот од глад за населението.
Во Џабалија, бегалски камп изграден за цивили кои побегнале пред 75 години, израелската армија употребила булдожери за да ги отстрани продавниците и другите згради во близина на локалниот пазар, велат жителите.
Израел објави дека се вратил во тој камп, за кој пред неколку месеци соопшти дека е ослободен од борците на Хамас, со цел, како што тврди израелската армија, да ја спречи милитантната група да се прегрупира таму.
Здравствените власти и итните служби објавија дека десетици тела се наоѓаат под урнатините на куќите во Џабалија, но дека спасувачите не можат да пристапат до нив. „Израел урива камп врз главите на луѓето, бомбардирањето не престанува, а светот бара повеќе храна да влезе во Газа. Сакаме да спасиме животи, а не дополнителна храна“, рече Абу Ел-Насер, жител на Џабалија кој побегна во градот Газа.
Во израелската офанзива на Појасот Газа загинаа повеќе од 35.000 Палестинци, тврдат локалните власти, додавајќи дека се трага по уште најмалку десет илјади затворени под уништените згради.