Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Центар е нова приказна, целосно реновирани сите училишта, учениците добиваат два затворени базени

Кандидатот за Градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, вечерва пред центарци истакна дека во изминатите четири години постигнато е многу за развој на општината.
Тој, информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија, и подготвена е изградба на уште една нова.
„Ги реновиравме целосно сите училишта. На две училишта веќе поставивме фотоволтаици. Нашиот План е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите. Нашите ученици добиваа ранци и прибори, сигурност и најдобро образование, добија униформи, а од сега ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија за да ги сакаат уште повеќе и Центар и Македонија. Нашите ученици добиваат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени“, рече Герасимовски.
Потенцираше дека во ова, како што рече, невреме за Скопје, кога граѓаните се дават во ѓубре и ефтини политички битки, решил да работи поинаку, не заради себе, туку заради граѓаните, затоа што тие не сакаат јалови кавги.
„Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати. Во овие четири години се водев од основните човечки вредности и принципи, да работам без пардон, и да не мислам на себе. Да работам чесно. Да работам одговорно. Да давам отчет цело време. Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. Така почнав од самиот почеток, така живеев и работев секој ден. Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме“, изјави Герасимовски.
Македонија
По изборите ресет на системот, да изградиме правна држава и непристрасно правосудство, порача Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Македонски Брод, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Мицкоски зборуваше дека се неопходни реформи, ресет на системот кој ќе донесе подобар живот и владеење на правото.
Истакна дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судиите да судат според законот, а не според влијанија.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефективна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот ќе вратиме одговорност, ќе го вратиме достоинството и ќе изградиме систем на кој гордо ќе му служиме. На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една „длабока држава“ не само во едно Министерство или една партија, туку во мрежи кои понекогаш се шират низ партии, институции и, жално, понекогаш и низ етничките заедници“, истакна Мицкоски.
Додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има транспарентност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото. Ние нема да дозволиме никој да се крие зад статуси или мандати додека ги краде шансите на граѓаните. Реформите што ги најавуваме судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите ќе ги исечат вкоренетите врски и ќе ги вратат институциите кај граѓаните. Овој ресет не е реванш, туку вразумување: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности. Јас и оваа Влада ќе работиме со цела сила, рамо до рамо со граѓаните и со партнерите кои веруваат во правото, за да изградиме држава каде што институциите служат на народот а не на сопствени интереси. Заедно ќе го направиме тој ресет; заедно ќе ја вратиме довербата“ истакна Мицкоски.
Ги повика граѓаните да излезат на 19 октомври и да гласаат за број 9.
„Мене ми е јасна состојбата со опозицијата на трикови, подземни коалиции но тоа нема да го коментирам. Затоа е многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија“, нагласи Мицкоски.
Македонија
(Видео) Филипче: Се е претворено во шоу, власта не ја води државата туку ја режира

Во изминатава година и пол гледаме власт која не ја разбира својата должност, власт која е целосно отуѓена од потребите на луѓето, која ја третира државата како сопствена компанија, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во општина Карпош.
Тој посочи дека владеењето на власта е претворено во шоу, наместо во конкретни дела, мерки и политики за граѓаните и за напредок на државата.
„Денес имаме власт која не ја води државата, туку ја режира. Сè е претворено во настап, во шоу, во перформанс без никаква содржина и суштина“, истакна Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ и во најтешките кризи, здравствената, енергетската, економската – не дозволија државата да се распадне, и покажа дека и во тешки времиња може да се мисли на луѓето.
„Ги зголемивме платите, ја воведовме методологијата за раст на пензиите, ја подигнавме минималната плата, ја зголемивме социјалната помош за оние што живеат најтешко. После 3 децении ги решивме проблемите на стечајните работници. Не ветувавме чуда, но направивме конкретни чекори што го олеснија животот на граѓаните. И тоа е мерката на една сериозна политика – кога во криза покажуваш грижа, а не алчност“, рече Филипче.