Македонија
Османи: Железната врата на ЕУ е отворена, усвојувањето на уставните измени веднаш по изборите е неопходно
Кандидат за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи, рече дека е важно да се искористи моментот за можноста Северна Македонија да исчекори кон полноправното членство во Европската Унија.
На денешната јавна дебата на тема „Членството на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година”, Османи рече дека железната врата на Унијата е отворена, а неопходно е земјата да ги усвои уставните измени што побрзо.
„Сега е отворена повторно железната врата на Европската Унија со руската агресија во Украина и ќе трае привремено и ќе се затвори повторно. Првата знаци на ЕУ дека таа железна врата е отворена е со почетокот на преговорите за Северна Македонија и Албанија, со Планот за раст којшто вчера го договори Европскиот Парламент за 2 милјарди во наредните месеци за Западен Балкан и 4 милјарди грант. Оттука, ние немаме алтернатива освен уставни измени веднаш по изборите, пред формирање на Влада, отворање на поглавја и затварање на поглавјето до 2028 година, бидејќи ние сме стигнати до 50% од европското аки, нас уште пола пат работа не очекува” рече Османи.
Османи се залага дека како Претседател на државата ќе ја реализира амбицијата за полноправно членство до 2030 година, промовирајќи го во меѓувреме концептот Повеќе интеграција пред членството, со цел граѓаните да почнат да ги почувствуваат придобивките од фондовите на ЕУ веднаш.
„Тоа можеме да го направиме за 4 години, бидејќи покажавме за време на скринингот дека ги имаме тие капацитети. Ни треба само државен консензус. Консензусот може да го постигне авторитет како претседателот на државата. И потоа оставам 1-2 години за процесот на ратификација во земјите членки на ЕУ и седнување на маса, рамноправни со сите земји членки до 2030 година” заклучи Османи.
На панелот со кандидатот за претседател од Европскиот Фронт учествуваа и заменик главниот преговарач со ЕУ и државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили и Арбер Адеми, претседател на пратеничката група на ДУИ.
„Со Скрининг докажавме дека имаме административен капацитет да ги придвижиме овие процеси напред. Сепак, тоа е политичкиот момент каде што застанавме и за ова можам да кажам дека ни требаат политичари и лидери, кои, пред се, ги разбираат овие процеси и второ, знаат колку е важен консензусот, бидејќи продолжувањето на усогласувањето на законодавството бара 2 /3 во повеќето случаи и за ова ни треба некој кој го разбира процесот и може да го обезбеди овој консензус. Нашиот кандидат е најдобар за оваа работа и многу добар познавач на сите процеси, бидејќи процесот на интеграција во ЕУ е сериозно многу тежок, многу долг и бара многу експертиза“, рече Абдиу-Халили.
„Одредени политички партии наоѓаат терен да развијат националистички дискурс и реторика, не за доброто на државата, не за перспективата на граѓаните, туку за акумулирање ниски политички поени преку искористување на незадоволството што со право постои кај граѓаните затоа што сме биле во овој процес многу долго… Овие избори се референдум за оние што всушност не само што сакаат туку и знаат да ја однесат државата онаму каде што треба – во европското семејство“, рече, меѓу другото, Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

