Култура
Ева Натена, режисерка на филмот „Жена убиец“: Повеќето фемициди се случуваат денес бидејќи синот и сега расте со уверување – од татко му – дека неговата сопруга му припаѓа нему
Ева Натена е грчка режисерка чиј филм „Жена убиец“/ Фониса ќе биде прикажан на затворањето на Фестивалот на грчки филм кој ќе се одржи во Скопје од 7-9 април во Кинотека на Северна Македонија и во Битола од 8-10 април во кино Манаки. Родена е на Крит. Студирала на Атинската школа за ликовни уметности, а работела како асистент на сценографот Дионисис Фотопулос, а потоа и со театарски и филмски режисери како Коста Гаврас и Пантелис Вулгарис. Трипати била наградувана со Државна награда за костимографија.
Во филмот се прикажани многу локални обичаи од периодот кога се случува приказната и кои биле имплементирани дури и во законот. Еден од нив е многу клучен за животот на жената. Тоа е законот за мираз. Со цел да се спречат тајните убијци на женски деца, законот за мираз во Грција беше укинат во 1983 година. Какво е вашето мислење за традиционалните вредности? Дали тие би можеле да помогнат во современото општество или претставуваат пречка во развојот на современиот човек?
-Миразот уште од античко време се даваше на жените (од нивните татковци), како придонес во бракот, бидејќи работниот дел на жената беше ограничен во домот, со воспитувањето на децата. Тоа го изискуваше тоа време, секако изградено со патријархални стандарди. Во златното доба на Перикле, во античка Атина, машките владетели решиле да го прераспределат миразот, бидејќи се покажало дека жените ги имаат главните имотни средства во свои раце и тоа не им ја обезбедуваше моќта и власта што секогаш ја посакувале, во тие воинствени општества во кои живееле. И тогаш почнаа лошите случувања. Пападијамантис ни зборува за случувањата од пред 120 години, во 1903 година, односно за „родителската помош“, односно миразот, дури и како психијатриски поим, кој во својата крајност, се објаснува и толкува со митот за Едип. Со други зборови, античките предци ни го кажуваат она што денес го потврдуваат стручњаците, дека ако детето не добие од родителите „родителска помош“, ментална и материјална – кога постои таа моќност, тоа создава некомплетна возрасна личност. Со други зборови, човек со дефицит, кој никогаш нема да биде покриен со ништо во неговиот подоцнежен живот, ќе биде тоа и кога ќе умре: нешто што не е дооформено од неговите родители. (Судбината и историјата не сакаат „случајно“ раката на Едип да се сврти кон неговиот татко, кој го одврати и го избрка, без „родителска помош“). Целиот овој дел за миразот, кој е овековечен на погрешна основа, Пападијамантис го толкува и психијатриски и покажува колку го обезвреднува човечкото битие и особено жената. Секако, нашата ера во која жената активно придонесува во семејните приходи, остави вакви нееднаквости во минатото, но не на сите нивоа. Повеќето фемициди се случуваат денес, бидејќи синот расте и сега, со уверување – од неговиот татко – дека неговата сопруга му припаѓа нему, како и нејзиниот мираз и ако таа ја посака нејзината слобода, тој ја убива. Ова е и денес лошиот резултат на патријархалното општество во кое живееме и што се објаснува со миразот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).
Култура
„Дедо мраз дојде со воз“: специјална новогодишна театарска претстава за деца на Железничка станица – Скопје
Училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници А.Д. Транспорт и оваа година ја продолжуваат успешната приказна што предизвика позитивни реакции кај илјадници посетители.
Интерактивната претстава ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации:
– Музејската постановка на Македонски железници
– Театарска претстава во салон
– Посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот, истакнува организаторот.
„Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „ШПАНЕЦ“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата.
Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски, во кој се вклучени и 40 ученици од училиштето за театар „ОД ИГРА ДО ПРЕТСТАВА“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: Локомотива создадена далечната 1942 година, серија 33 и Вагон што е изработен 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70. години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „ШПАНЕЦ“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска-Имери премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.

