Македонија
Филипче од Неготино: Плати до 180.000 денари за докторите специјалисти, до 90.000 за медицинските сестри
Како доктор, постојано се ангажирам за подобрување на професионалните услови за здравствените работници. Во изминатиот мандат значлително ги покачивме платите на сите категории зрасвтвени работници, но тоа не е доволно. Во следниот мандат потребно уште поголемо зголемување.
Ова го истакна носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4, Венко Филипче кој заедно со Соња Мираковска од НСДП, исто така дел од листата, остварија средба со доктори во Неготино.
„За да ги задржиме лекарите и здравствените работници тука, мора да добијат конкурентни услови за работа и плати како во европските земји. Треба да им понудиме соодветна поддршка и усовршување, повисоки плати и почитувана позиција во општеството. Не смееме да губиме здравствени работници“, порача Филипче.
Потсети дека во изминатите седум години многу е направено за подобрување на условите во здравството, а исто така истакна дека СДСМ постигна историски најголемо зголемување на платите на лекарите.
„СДСМ е првата политичка партија во Владата која повеќекратно ги зголеми платите во здравствената дејност, конкретно на здравствените работници, медицинските соработници и на техничкиот персонал. Планираме уште едно драстично зголемување на платите. Докторите специјалисти да имаат плата од 140.000 до 180.000 денари, општите доктори плата од 120.000 денари, а медицинските сестри плата од 60.000 до 90.000 денари“, рече Филипче.
Пристапот до квалитетна здравствена заштита го диктира основниот квалитет на живот. Затоа ќе ставиме голем фокус на ова прашање и ќе продолжиме да се залагаме за уште подобро здравствено осигурување.
„Тоа значи инвестирање не само во постоечкиот здравствен персонал, туку и создавање на нов квалитетен и високообразован кадар. Во таа насока, планираме зголемување на квотата за студенти на јавните високообразовни установи за медицина, стоматологија и фармација, како и укинување на партиципацијата за студирање. Преку овие мерки, целта е да ги стимулираме младите да се посветат на своето образование и кариера, и да ја изградат својата иднина во дома, обезбедувајќи им конкурентни услови што се слични на оние во европските земји“, истакна Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.

