Македонија
Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

Инвестициите во инфраструктурата се од клучно значење за економскиот раст и развој на сите општини во државата. Посебно ако тие директно се насочени кон обезбедување локален економски развој, вклучително и подбрување на условите за живеење на граѓаните, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната работна посета во општина Велес.
Тој изврши увид во рехабилитацијата на улицата 8-ми Март, која се реализира преку Министерството за транспорт и врски, а каде денеска се поставуваше нов слој на асфалт.
„Нашата посета денеска во Велес ја покажува силната заложба да обезбедиме подобри услови за живеење на граѓаните, поквалитетна локална инфраструктура, а верувам дека со овие инвестиции го подобруваме и изгледот на градот. До сега тука во Велес ги реконструиравме улиците Андон Шурков, Лазо Осмаков, Орце Мартинов и Живко Фирфоф, со дел од Благој Ѓорев за што инвестиравме 572 илјади евра. Во втора фаза ја реконструираме оваа улица 8-ми Март на која се наоѓаме и денеска и која е веќе е завршна фаза, а по нејзиното завршување продолжуваме со реконструкција и на улиците Луј Пастер и Љубљанска за што вкупно вложуваме 509 илјади евра. Владата, преку Министерството за транспорт и врски продолжува силно да ги поддржува локалните самоуправи, обезбедувајќи им неповратни средства за реализација на голем број на вакви проекти во патната мрежа кои носат значаен бенефит за сите граѓани.“ – изјави министерот Бочварски.
Преку овој проект Министерството за транспорт и врски директно инвестира средства во висина од 70 милиони евра во општините, а до сега реконструиравме над 180 локални улици и патишта во преку 60 општини низ државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.