Македонија
Петровска во посета на компанијата „Актива“, која доби пристап до пазарот на НАТО

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска во Штип ја посети компанијата „Актива“, која од крајот на февруари е впишана во евиденцијата за економски оператори што имаат пристап до НАТО-пазарот.
По обиколката на производствените капацитети на компанијата, министерката Петровска порача дека е импресионирана од процесот на производство и дека вратите до значајниот НАТО-пазар се отворени за сите компании во Северна Македонија.
„Јас позитивниот пример на оваа компанија би го дала како пример и за другите компании во Република Северна Македонија, кои досега не пристапиле до Министерството за одбрана за нивна регистрација на НАТО-пазарот да го искористат како успешен пример, се разбира, тоа да го направат, а конкретно на компанијата ѝ посакувам во наредниот период да биде и учесничка на НАТО-пазарот и во кратко време да нè извести за позитивно склучен договор во алијансата“, рече министерката.
Петровска ги истакна големината на НАТО-пазарот и можноста компании од разни сектори, кои ги исполнуваат стандардите и критериумите, да учествуваат и порача дека во идниот период преку испраќање свој претставник во НАТО – Агенцијата за набавки, Министерството за одбрана ќе продолжи да им ја дава сета потребна поддршка на компаниите.
„Свесни сме дека тој НАТО-пазар е предизвикувачки и бара исполнување високи стандарди и критериуми, меѓутоа, се разбира, затоа се тука и државата, Владата, министерствата соодветно да го поддржат тој процес“, заклучи министерката.
Сопственикот на компанијата, Иле Николов, истакна дека можноста за учество на компанијата на НАТО-пазарот отвора една нова визија во нивниот производствен програм.
„Цениме дека покрај досегашните сериозни партнери кшто ги имаме од Европа и пошироко и овој сегмент, кој сега го добивме како сертификат, за да можеме да присуствуваме на тендерите, ќе биде уште една можност да се докажеме и на овој пазар и се надевам дека со нашиот производен програм ќе можеме да се вклучиме во делот на потребите за НАТО-индустријата“, рече Николов.
„Актива“ е компанија со високи стандарди од металопреработувачката индустрија, има повеќе сегменти во своето работење, од кои два се издвојуваат, а тоа се металните конструкции, како изградба на фабрички хали и производство во автомобилската индустрија, како и во индустријата за градежни машини.
На почетокот на март Министерството за одбрана организира НАТО-индустриски ден, на кој генералната менаџерка на НАТО – Агенцијата за поддршка и набавки, Стејси Камингс, и шефицата за набавки во НАТО – Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон, со своите тимови во детали го објаснија процесот на учество на тендерите на НАТО.
Досега 44 македонски компании се впишани во евиденцијата на економски оператори, кои може да учествуваат на овој пазар, a две компании, кои имаат учествувано на тендери на НАТО, имаат добиено три поединечни договори – два договора за компанија во градежниот сектор и еден договор за компанија во секторот – организација на настани.
Секоја година по членството во НАТО забележано е зголемување на интересот на македонските компании за упис во евиденцијата за економски оператори. Ако во 2021 година впишани се 8 компании, а во 2022 – 11, минатата 2023 – 21 компанија биле внесени во оваа евиденција, а само во првите два месеца годинава бројот на компании е 4.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски вели дека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува трагедијата во Кочани, тврди дека не се јавил да спречи контрола

Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска ги демантираше, како што вели, лагите изнесени на прес-конференција од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„Најостро ги демантирам лагите и манипулациите коишто ВМРО-ДПМНЕ ги пласира. Ги отфрлам како целосни невистини. Ова е класичен пример за очајна манипулација. Никогаш, ниту во еден момент, не сум се јавил за да спречам контрола, напротив, фактот што контроли имало насекаде е најсилна потврда дека ниту сум влијаел, ниту постои било каков обид за тоа.
Овие лаги кои ги шири власта се очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ за последна злоупотреба на трагедијата во Кочани за политички цели, во момент кога јавноста веќе знае дека токму нивни функционери, од сите ешалони на власта, биле директно инволвирани во случајот ‘Пулс’ а сега се заштитени.
Сакам да им порачам дека со спинови и лаги не може да се побегне од фактот дека власта ја попречува правдата за трагедијата во Кочани”, стои во објавата на Спасовски.
Претходно, Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција праша, дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката Пулс? Што кријат ЈО и Коцевски?
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Спасовски го штител газдата на „Пулс“

Дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката „Пулс“? Што кријат Јавното обвинителство и Коцевски? Овие прашања денеска на прес-конференција ги постави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации, односно на наводна телефонска конверзација меѓу синот на сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и извесно лице што викендов беа објавени од дел од медиумите.
Според Андоновска овие, како што ги нарече, фрапантни сознанија покажуваат вмешаност на врвот на претходната Влада на СДСМ со нелегалното работење на „Пулс“, каде во пожар на 16 март годинава загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Од конверзацијата се влече логичниот заклучок дека власта на СДС вешто го штитела газдата на „Пулс“, а во тоа биле вмешани и министри. Имено според објавеното во медиумите, на 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогашен министер за внатрешни работи) се јавувал во СВР Штип, за да ургира за дискотеката. И тоа со зборовите – ‘Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас’. По што Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната и за каква казна станува збор? По што Михаил ѝ кажува дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40 000 евра ѝ дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата. ‘И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се п….т“ завршува Михаил“, наведе Андоновска.
Во таа насока, таа го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институцијата, Љупчо Коцевски да кажат дали истражиле и дали го повикале ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на информативен разговор, дали е извршена проверка во полицијата во Штип и Кочани и дали постоела негова ургенција.
„Дали ЈО и Љупчо Коцевски постапиле според закон, или го кријат и штитат Оливер Спасовски? ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат.Каква е улогата на Оливер Спасовски во заштитата на газдата на дискотеката ‘Пулс’ и работата на дискотеката?“, рече Андоновска.
Македонија
Докторот снимен додека „меша бело“ доби поддршка од колегите не Клиниката за неврологија

Колегите од Клиниката за неврологија преку писмо изразуваат поддршка на проф. д-р Игор Кузмановски како одговор на неодамна објавениот компромитирачки материал со кој, како што велат се дискредитира неговата личност и апелираат како што посочуваат, за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина. Кузмановски беше снимен како меша бела прашката материја, за која вели дека е „бело“ што асоцира на дрога.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
-Ние, неговите колеги, ја изразуваме нашата професионална и човечка поддршка за Проф. д-р Кузмановски, кој во текот на своето долгогодишно раководење со клиниката, од 2012 -2017, комплетно ја реновираше клиниката, воведе поеќе дијагностички методи и иновативни тераписки процедури. Во секојдневната работа со пациентите и во комуникацијата со колегите, секогаш се однесувал со највисока стручност, одговорност и етичка посветеност. Ниту во еден момент не е забележано однесување кое би било недолично, несовесно или спротивно на професионалните стандарди.
Дури и во ситуации кога се појавуваат сомнежи или јавни дискусии за постапки кои би можеле да се толкуваат како спротивни на моралните и етички принципи на докторската професија, неговото професионално функционирање останува непоколебливо, водено од интегритет и грижа за пациентите.
Во духот на медицинската етика и човековото достоинство, сметаме дека секој поединец, особено во моменти на јавна изложеност и лична ранливост, заслужува поддршка, разбирање и соодветна психосоцијална помош. Наместо осуда, неопходно е да се поттикне сочувство – не само кон професионалецот, туку и кон неговото семејство, кое невино се соочува со последиците од јавната реакција.
Со ова писмо апелираме за воздржаност во јавниот дискурс, за почит кон човековото достоинство и за поддршка која е во согласност со вредностите на медицинската заедница и општеството во целина, стои во писмото со поддршка за проф. д-р Кузмановски од колегите од Клиника за неврологија.