Македонија
Мицкоски: СДСМ стана измеќар на ДУИ, Ахмети од вилаетот во Зајас управува со Македонија како некој блискоисточен шеик

„Се сеќавате пред 6 и пол години ја започнаа онаа нивна кампања кога велеа дека ќе донеле живот во Македонија. Наместо живот за сите, општество за сите, тие донесоа живот за малкумина кои што се денес во врхушката на СДСМ и ДУИ, а за сите нас останатите донесоа вистински пекол. Кога зборам за вистински пекол, ќе ве потсетам на некои од нивните ветувања. Велеа дека ќе сме имале европско здравство. А од европското здравство не остана ни Е. Всушност има едно Е а тоа се еврата кои што ги украдоа од нашиот здравствен систем и сега се џебовите на малкумина преку наместени тендери“, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните на општина Демир Хисар во рамки на претседателската кампања.
Мицкоски додаде дека СДСМ донесе пекол и во образованието и во земјоделството, укажувајќи дека учениците се уште немаат учебници и покрај тоа што е крај на учебната година, а од ветениот загарантиран откуп и цени за земјоделците, нема ништо.
„Се сеќавате зборуваа дека образовниот систем бил како во европските високо развиени држави. Но каква е реалноста? За жал нашите ученици најголем дел од нив не добија книги од кои што ќе можат да учат, а за некои за жал учебната година ќе заврши а се уште немаат добиено книги. Се сеќавате на земјоделците им ветуваа откуп, им ветуваа загарантирана цена, повисоки субвенции, а што направија? Ниту загарантиран откуп, ниту загарантирана цена, полињата се пустошат, луѓето се иселуваат. Тоа е реалноста која ја донесоа во Македонија, од оној ветуван живот, донесоа пекол“.
Мицкоски потенцираше дека со Македонија управува триото Ахмети, Груби и Османи, порачувајќи дека тоа мора да престане најпрво на 24 април, а потоа на 8 мај.
„Со Македонија управува ДУИ, по принципот како од сега. А овие измеќарите од СДСМ партија која во раните 90-ти беше голема, партија која што можеби држеше во некоја мера до своето достоинство денеска се претвори во еден обичен измеќар на триото Ахмети, Груби и Османи. Принципот на владеење со Македонија како досега подразбира Артан Груби како вицепремиер и неговото семејство да стекнува се поголем имот во центрите на големите населени места во Македонија. Бујар Османи како министер за надворешни работи да продолжи да ја распродава и омаловажува и понижува Македонија и да го дели македонскиот идентитет каде стигне и кому стигне, небаре го наследил од неговите предци. И конечно на крај главниот во оваа приказна како досега Али Ахмети да го гледаме во неговиот вилает, неговите хациенди во Зајас како ужива како некој блискоисточен шеик од таму управувајќи со Македонија. Тоа мора да престане. Мора да кажеме доста е, ова мора да престане најпрво на 24 април, а потоа и на 8 мај“, порача Мицкоски.
Нагласи дека неговиот рејтингот, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова е три пати поголем од рејтингот на СДСМ, Ковачевски и Пендаровски, токму поради тоа, како што рече, се плаши самиот Пендаровски, нагласувајќи дека за неколку недели од сега ќе одговараат што го опљачкаа народот.
„Пендаровски има страв затоа што за неколку недели од денеска ќе ги отвориме тефтерите, ќе ги ослободиме институциите и ќе видиме што е тоа што го правеа овие 6 и пол години. Дали тоа што го збори Стево дека тој барем не крадел за разлика од сите останати, е навистина така или не е така. Има страв Стево и до него блиските затоа што треба сметките да се срамнат, треба одговорноста да дојде, за бадијала им се промените на челновите во кривичниот законик, за бадијалаЁ“, кажа Мицкоски и им порача дека ќе одговараат после 8 мај за сето она кое што го направија на народот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Кој ќе одговара за последниот смртен случај на Кардиохирургија?

СДСМ бара итна и целосна истрага за скандалот на Кардиохирургија и утврдување на одговорност за последниот смртен случај каде пациент почина со пукната аорта, велат од партијата.
„Условите и околностите кои довеле до овој трагичен исход мора да бидат истражени и да следи одговорност.
Дали навистина, како што се тврди на Клиниката за кардиохирургија, операционите сали не функционирале кога пациентот во критична состојба бил донесен на клиниката?
Зошто пациент со пукната аорта – состојба што бара итна интервенција – не бил опериран?
Зошто бил вратен, и покрај тоа што неговиот живот висел на конец?
Ова не е само здравствен, туку и човечки и морален скандал.
На Онкологија нема лекови, луѓе умираат по клиники, хаосот во здравството со ДПМНЕ и Таравари зема преголем замав.
Човечки животи не смеат да бидат изгубени поради хаос, немарност и недостиг на одговорност. Овој случај мора да добие јасен одговор и одговорност!“, пишува во соопшението на СДСМ.
Македонија
Министерот Муцунски денеска ќе учествува на 4. Анталија Дипломатски Форум

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес ќе учествува на 4. Анталија Дипломатски Форум (ADF2025), што се одржува од 11 до 13 април 2025 година во Анталија, Република Турција, под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган и во организација на Министерството за надворешни работи на Турција.
Во рамки на Форумот, министерот Муцунски ќе се обрати на панел-дискусијата на тема: „Regional Ownership for a Prosperous Future in the Balkans“, а ќе оствари и бројни билатерални средби со негови колеги – министри за надворешни работи.
Во ера на зголемена нестабилност и непредвидливост, обележана со комплексни предизвици и повеќекратни кризи, Анталија Дипломатскиот Форум има за цел да ги анализира системските предизвици со кои се соочува мултилатералниот поредок и да поттикне конструктивен дијалог за враќање на дипломатијата во брзо менувачката меѓународна средина. Согласно најавите, Форумот ќе собере глобални лидери, креатори на политики, академици, бизнис експерти, како и претставници на медиумите и граѓанското општество, со цел размена на мислења за тоа како дипломатијата може да придонесе кон заедничка акција и одговор на глобалните предизвици во фрагментираниот свет.
Македонија
Герасимовски до управителите: Противпожарната безбедност не смее да се игнорира

Во Општина Центар се одржа работна средба на градоначалникот Горан Герасимовски, Секторот за инспекциски работи и голем дел од управителите на станбени и станбено-деловни објекти, како и претседатели на куќни совети.
На средбата се разговараше за предизвиците во делот на противпожарната заштита и одржувањето на фасадите.
„Имавме одличен одзив на нашето барање до управителите да достават информации за состојбата со противпожарната заштита. Важно е да продолжиме со меѓусебна соработка – само така можеме да обезбедиме безбедни згради за сите граѓани. Главен приоритет се ПП апаратите, проодноста на скалите и хидрантите. Ќе продолжиме да бараме системски решенија и соработка со ЗЕЛС и Дирекцијата за заштита и спасување“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Од општинската инспекција појаснуваат дека е потребна постојана и отворена комуникација со управителите.
„Доколку се забележат проблеми, особено заградени противпожарни скали, апелираме тие веднаш да се пријават. Ако објектот е небезбеден, градежен инспектор ќе излезе на терен, ќе состави записник и ќе донесе решение. Но, сè започнува со навремено пријавување. Контрола на сите згради во секое време е невозможна, затоа очекуваме одговорност и иницијатива од управителите“, посочија инспекторите.
На средбата беше потенцирано дека постојат чести случаи на кражби и обивање на сандачињата со противпожарна опрема. Управителите истакнаа дека вложуваат напори за заштита на системите и подобрување на состојбата во секоја зграда. И тие бараат под итно да се донесе системско и унифицирано решение за противпожарната заштита што ќе важи за сите локални самоуправи во државата.
Се разговараше и за проблемите со оштетени и небезбедни фасади, при што беше најавено дека Општина Центар во април и мај ќе има нови повици за субвенционирање на санација на фасади, кровови и лифтови.