Македонија
Ковачевски: Единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски животен стандард и врвни реформи
Работевме во услови на најголема економска и енергетска криза. И како вистински социјалдемократи никого не оставивме сaми. Силно ги поддржавме граѓаните и компаниите во време на повеќе кризи со 2,6 милијарди евра. Ги зголемивме платите и пензиите. Помогнавме на ранливите категории на граѓани, помогнавме на земјоделците, помогнавме на наставниците. Ги зголемивме платите во здравството, високото образование никогаш немало поголеми плати. Нема сегмент во општеството каде бројките и фактите не се наша страна во однос на нашите политички конкуренти – рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанскиот собир во Аеродром на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
„Но јас знам дека е тешко, дека граѓаните се уште се борат со високите цени, дека се борат со тешкото секојдневие. И никој подобро од мене не знае, јас ја предводев Владата две години и ако некој презема одговорност за тоа, тогаш тоа сум јас. Затоа во новата програма, знаејќи дека може да биде подобро, во новиот мандат гарантираме дека просечната плата ќе достигне до 1.100 евра а минималната плата до 600 евра. Просечната пензија ќе биде 30.000 денари а минималната пензија ќе биде 20.000 денари. Ние веќе покажавме дека кога ќе ветиме зголемување на платите и на пензиите, тоа и го правиме“, рече Ковачевски.
Според него, врвни реформи во нашата држава и врвен развој може да се постигнат единствено влезот во ЕУ, која е гаранција за европски животен стандард.
„Јас ви ветувам дека заедно со мојот тим ќе работам ден и ноќ да ги исполнам ветувањата на мнозинството граѓани на Македонија, да живеат во европска Македонија, земја членка на ЕУ а не децата да им одат во туѓина за да живеат во туѓи држави, членки на ЕУ. Ден и ноќ за подобро образование, подобро здравство, подобро владеење на правото, за сузбивање на корупција, односно држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанскиот собир во Аеродром на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во клубот во Швајцарија имало и еден македонски државјанин
Во клубот во Швајцарија во кој на новогодишната ноќ избувна пожар имало и еден македонски државјанин. Портпаролката на Владата, Марија Митевска, ја потврди информацијата и кажа дека засега нема повеќе детали.
„Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство, меѓутоа во контакт сме со швајацарските власти и полицијата и очекуваме повеќе детали во однос на тоа, по што ќе ја информираме јавноста“, рече Митевска, одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.
Таа, исто така, кажа дека Владата преку министерствата стапила во контакт со претставници на Швајцарија и дека им е понудена помош.
Според неофицијални информации, во пожарот досега загинале 47 лица, а над 100 се повредени.
Македонија
Во декември 19.750 сообраќајни прекршоци, уапсени 132 лица
Во месец декември 19.750 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 132 лица за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик, соопшти МВР.
Во периодот од 01.12.2025-31.12.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 19.750 издадени платни налози, 4.256 прекршок се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 132 лица, од кои 109 за возење под дејство на алкохол, три за возење во забранет правец, 13 за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, седум за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец декември евидентирани се 5.515 прекршоци за неправилно паркирање, 2.010 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 728 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 19 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 441 пешак. Исто така санкционирани се 1.136 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 356 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 187 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 110 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Поднесено обвинение за злоупотреби и измами со набавките во РЕК Битола, обвинети се директори и раководители
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК Битола.
Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки.
Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот “Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. Имено, поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација (околу 14 години) во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти) какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј.
Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице. Со тоа и овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ).
Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик.
Со обвинението, јавниот обвинител предложи да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои и биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела.
За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи и инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација.
Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Исто така, обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка.

