Македонија
(Видео) Митева: Поради односот на СДС и Бисера Стојчевска кон Универзалната, таа изгоре, да кажат кој е изведувач и надзор, какви материјали се вградени
Секој ден со СДС и ДУИ на власт губи Македонија, губи Скопје, губи народот дел од своето. Поради неодговорноста на Димитар Ковачевски и Бисера Костадиновска Стојчевска кон Универзална сала, денес таа беше опфатена со огромен пожар. Симболот на постземјотресно Скопје 7 години е оставен на забот на времето, претворен во градежна руина, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Подолг период наназад прашуваме кога е распишана набавката за реконструкција на Универзална сала, зошто на сајтот на Бирото за јавни набавки таква набавка од страна на министерството нема. Прашавме кој е избран за изведувач и на кој начин? Кој е надзор и, исто така, како е избран надзорот, но одговори не добиваме. Но затоа, веќе, вчера дознавме дека градежните фирми во Македонија реагираат на условите кои Министерството за култура ги бара од изведувачот, а салата сепак се гради.
Па оттука прашуваме како Ковачевски и Бисера Костадиновска градат, а изведувач нема?“, прашува Митева.
Според неа, штетата која СДС ја направена по Универзална сала е непроценлива.
Додаде дека Ковачевски и Стојчевска по промената на власта ќе одговараат за нивниот однос кон симболот на Скопје.
„Во Универзална сала подолг период власта веќе презема градежни активности, и затоа тие мора да одговорат какви материјали вградиле во изминатиов период и кој бил изведувач? Дали се вградени огноотпорни материјали или како примерот со Тетовската модуларна болница е вградувано што им се видело поевтино? Затоа што Универзална сала 50 години стои како симбол на Скопје и во моментот кога оваа криминална власт ја доведува до руина и вградува материјали со цел реновирање истата, таа гори.
Ковачевски и Стојчевска мора да одговорат на сите овие прашања, но и дали Универзална сала има осигурување?
Очекуваме одговори, но треба да знаат дека ќе има и одговорност“, нагласи Митева.
Очекува како што рече, СДС да им се извинат на скопјани, „зошто не само што не успеаја да ја сочуваат постојната форма на Универзална сала, туку и со нивниот однос кон неа дозволија таа да изгори“.
„Ова мора да се промени. Односот кон нашето заедничко мора да биде со поголема одговорност. Граѓаните имаат шанса за промени. А, тие промените се поддршка на изборите за Македонија повторно во рацете на граѓаните“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

