Економија
Успешни приказни во градежништвото и архитектурата

Клубот на Млади Инженери од минатата година организира серијал од настани “КMI Talks”, на кои се презентираат успешни бизнис приказни, идеи и иновации кои потекнуваат од нашата држава. На вчерашниот настан кој се одржа во Скопје, имавме можност да слушнеме за искуствата на неколку успешни компании од областите на градежништвото и архитектура и нивниот развој во модерното време на дигитализација.
Еден од говорниците беше Кирил Лазаров-Магистер по градежништво од областа на геотехниката, проект менаџер, сопственик на градежната компанија БИТЕМ. Кирил ги мотивираше младите да се посветат на образованието и едукацијата во нашата држава, да се трудат за стекнување искуство и да не се откажуваат при првиот предизвик.
„Почетоците на работењето на БИТЕМ беа доста тешки, се соочив со многу предизвици, секогаш со сомнеж дали ќе успееме или не. Дали ќе го најдеме сопственото место на пазарот, како ќе најдеме вработени, како ќе ги убедиме потенцијалните вработени да дојдат на работа во нова компанија, која освен желба, план и ентузијазам за работа во дадениот момент не располагаше со ништо друго.
Јас лично во тој контекст вложив многу. Во тој период работев и по 15 часа дневно секој ден, вложив се што знаев и умеев и се што ми беше на располагање за да БИТЕМ успее и се најде на врвот помеѓу најдобрите компании во Македонија и регионот. Иако и во тој момент имав изградено личен и професионален интегритет, како менаџер во голема градежна компанија, не секој имаше доверба во мене во моментот кога решив сам да работам во сопствена компанија.
Можноста да имате колеги, менаџери, претпоставени или сопственици на компанија од кои може многу да научите е можеби најважната работа при првото вработување по напуштање на образовните клупи. Секако, останува на секој од вас да ги прифати и реализира насоките кои ги добива и да ги искористи во своја полза, за личен и професионален раст и развој на сопствената професионална кариера. Живееме во време каде премногу се акцентира материјалното, секој се бори за што поголема плата, меѓутоа барем додека сме млади, при првите вработувања предуслов не треба да ни биде платата. Најважно е да се избере добра компанија, професионална средина, колеги, соработници и ментори од кои може да се учи. Знаењето секако е најголемиот капитал кој ќе го имате. Платата и материјалните придобивки и добра од работата неминовно ќе следат. “
Денес БИТЕМ прерасна во компанија со околу 100 вработени, од кои голем дел се млади инженери, ентузијасти кои растат професионално паралелно со компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.