Македонија
Вработените му се пожалија на ниските плати, Тошковски порача дека мора да се направат длабоки реформи во МВР

Министерот за внатрешни работи во текот на денешниот ден освари работни посети на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, Полициското одделение Петровец, Единицата за внатрешни работи Гази Баба и Единицата за недозволена трговија.
Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата е една од ретките организациски единици каде нема недостаток на возила и соодветна техничка опрема за работа и оваа организациска единица има сериозен удел во делот на изречени прекршочни санкции од областа на сообраќајот, бидејќи истата во континуитет спроведува акциски контроли низи државата по претходно изготвен план од Бирото за јавна безбедност.
Полициското одделение Петровец ги покрива општините Илинден и Петровец и огромна територија, а се соочува со недостаток на човечки ресурси и возила кои им се неопходни за да можат квалитетно да ги извршуваат секојдневните задачи. Во иднина треба да се размислува ова одделение да се траснформира во полициска станица или да се отвори уште едно полициско одделение во Општина Илинден, имајќи ја предвид територијата и бројот на население кои живеат во оваа општина.
При посетата на Единицата за внатрешни работи Гази Баба и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје министерот Тошковски имаше можност да оствари работен состанок со полициските службеници кои се дел од овие организациски единици и непосредно преку разговор со нив да се запознае со предизвиците со кои се соочени секојдневно.
„Во тој контекст, бев известен дека инспекторите од Одделението за криминалистички работи Гази Баба се соочуваат со недостаток на компјутери за работа, застарени возила, а главен проблем кој го истакнуваат речиси сите полициски службеници е ниската плата во однос на сродните професии, поради што полициската работа станува сè помалку атрактивна и сè повеќе колеги го напуштаат МВР.“, констатираше министерот Тошковски.
Министерот, полициските раководства и полициските службеници заедно констатираа дека во иднина треба да се направат длабоки реформи во МВР со кои ќе се врати достоинството на полицискиот службеник, а полициската професија повторно ќе биде гордост и чест, бидејќи полицајците се лицето на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.