Култура
Регионалниот музички фестивал „Бисер на Јадранот 2024“ распишува конкурс за најдобра композиција

Регионалниот музички фестивал „Бисер на Јадранот 2024“ распишува КОНКУРС за најдобра композиција во категоријата поп, забавна и медитеранска музика.
Композициите испратени на конкурсот не смеат да се претходно изведени или објавени. Краен рок за пријавување на композициите е 05.05.2024 година.
Изборната комисија на фестивалот, сите апликанти ќе ги извести дали нивната композиција е прифатена најдоцна до 15 мај 2024 година. Апликантите се должни да ги испратат готовите композиции до организаторот до 01.06.2024 година.
Пост продукција на сите пристигнати композиции (снимање на изведби и подготовка на материјал за последователни емитувања или користење за какви било договорени цели) го реализира организаторот на фестивалот кој на апликантите на избраните композиции им гарантира учество на вечерта на фестивалот, со директен ТВ пренос и презентација на прес-конференцијата на фестивалот.
Со испраќање композиции на конкурсот, авторите и изведувачите до организаторите на фестивалот „БИСЕР ЈАДРАНА 2024“, го пренесуваат правото за доделување на своите композиции на трети лица на користење без дополнителна согласност, на печатење на носачи на звук и слика, или за кој било вид на понатамошна дистрибуција.
За најдобрите композиции, организаторот ќе обезбеди вредни награди и фестивалски признанија, од вкупен износ од 10.000 евра. Право на учество на конкурсот имаат апликантите од Црна Гора и земјите од регионот.
Композициите испраќајте ги на оваа e-mail адреса:
[email protected] во mp3 формат, во демо верзија. Со композицијата потребно е да се прикачат биографија и две фотографии од изведувачот, името на авторот на композицијата и телефонските броеви за контакт.
Фестивалот ќе се одржи на 29 јуни 2024 годинаво Тиват, градскиот брег Пине.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.