Македонија
Пендаровски со порака до Давкова – или си, или не си претседател
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска на средба со граѓаните на Демир Капија се осврна на моментот кој веќе е добро познат низ медиумите и во јавноста дека неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова отсуствува од закажани митинзи и средби со граѓани во сопствената кампања за претседател на државата.
„Пред ден, два била најавена противкандидатката, дали дошла? Не дошла.Каде што ќе видите дека Стево Пендаровски е најавено да дојде, јас навистина доаѓам, а наместо противкандидатката доаѓаат други. Не одлучува никој за мене, ниту толкува“ порача Пендаровски.
Кандидатот за претседател Пендаровски истакна дека таквото бегање од соочување со граѓаните не доликува на некој кој претендира за највисоката функција во државата.
„Ние сме сега влезени во трка формално за највисока функција во државата. Според Устав претседателот на државата е и врховен командант на вооружени сили. Тоа значи нема повисоко од тебе. Кога ти уште во кампања носиш други луѓе да зборуваат наместо тебе, па како утре ќе бидеш претседател? Еве ти даваме власт, ти даваме позиција, тие двајца што дошле да зборат, тие ли ќе бидат претседатели во сенка? А, ти само ќе бидеш кукла или во излог ставен и ќе викаш „јас сум претседател ама што викаат слика има, тон нема.“ Не сакам да шпекулирам за мотивите, ама јасно ми е. Тоа е исто како јас да кажам дека имам неколку другари овде и соработници кои се со мене со години и да речам сега „за ова прашање момент тој ќе ти одговори.“ Не ја бива таа работа. Или си претседател или не си,“ рече Пендаровски пред граѓаните на Демир Капија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

