Спорт
(Видео) Спектакл во Париз и триумф на Барселона, Атлетико ги казни грешките на Борусија
Барселона во спектакуларен натпревар го победи ПСЖ во Париз со 3:2, додека Атлетико Мадрид на домашен терен славеше против Борусија Дортмунд со 2:1.
Големите ривали приредија нов епски спектакл и докажаа дека најдобриот европски фудбал секогаш има нешто ново да понуди.
По огнометот на Реал и Сити, односно Арсенал и Баерн, ПСЖ и Барса одиграа натпревар со пет гола.
Првиот половина час не навестуваше таков исход, бидејќи ПСЖ тргна во офанзива, а потоа во еден момент Барса возврати со неколку шанси.
Но потоа во 37. минута Рафиња успеа да реализира една од полуконтрите на Каталонците и да го искористикиксот на Донарума.
ПСЖ практично не покажа ништо на овој натпревар до 48. минута, а потоа два пати во три минути покажа што знае.
Прво, Усман Дембеле по добриот дриблинг ја заби топката во мрежата на својот поранешен клуб и прилично диво го прослави својот гол.
А потоа, само 100 секунди подоцна, пресвртот на Парижаните беше комплетен. Витиња беше стрелец по уште една одлична акција на ПСЖ.
И тука ПСЖ застана. Свесно или несвесно се повлекоа и ја препуштија средината на Барса која знаеше како да го казни тоа.
Се играше 62. минута кога Рафиња по убавата асистенција на резервистот Педри, од прва ја погоди мрежата на Донарума за 2:2.
Новото изедначување траеше само околу 15 минути, бидејќи во 77. видовме нов пресврт.
Уште една резрва постигна гол. Кристенсен необјасниво остана сам во шеснаесетникот и со глава го матираше Донарума.
На „Метрополитано“, Атлетико максимално ги искористи грешките во дефанзивата на Дортмунд. „Јорганџиите“, во првото полувреме наметнаа силен пресинг, постигнаа два гола преку Де Пол во четвртата и Лино во 32.минута.
Во вториот дел, Симеоне го повлече својот тим. Атлетико чекаше нова грешка на противникот. Имаше две големи шанси но Кобел со спектакуларна одбрана го спречи ударот на Лино, а Кореа упати млак удар.
Надежите на „милионерите“ пред реваншпт им ги врати Але со голот во 81.минута.
Реваншите во Барселона и Дортмунд на програмата се во вторник на 16.април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

