Спорт
По победата во Париз, Чави се гордее на децата од Ла Масија

Тренерот на Барселона Чави Ернандез презадоволен го напушти Париз. Барселона го победи ПСЖ со 3:2 во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите.
На „Паркот на принцовите“, ПСЖ и Барселона одиграа извонреден натпревар, со два пресврти, кој заврши со можеби и изненадувачка победа на Каталонците.
„Исклучително сум горд на мојот тим. Ако човек сега не се чувствува горд, тогаш – кога? Мислам дека ПСЖ веројатно сè уште останува фаворит да оди понатаму. Тие се фантастичен тим, денеска успеавме да ги лимитираме, особено во првото полувреме одигравме убав пресинг, длабок“, изјави Чави и додаде:
„Тактички одигравме одличен натпревар, добро го браневме Мбапе и создадовме многу шанси на другата страна. Рафиња и Роберт (Левандовски) ја направија разликата во наша корист, а Педри ни помогна многу. Завршивме само половина од работа, ПСЖ е еден од најдобрите тимови во светот во моментов“.
За Барса играа двајцата најмлади стартери во историјата на четвртфиналето на Лигата на шампионите: Ламине Јамал (16 години и 272 дена) и Пау Кубарси (17 години и 79 дена).
„Мораме да бидеме горди на Ламине и Пау, како и на Фермин (Лопез) – сите тие се играчи од нашата школа Ла Масија, екстра посветени на тимот. Пау е неверојатен играч, не е нормално 17-годишник да игра така во Лигата на шампионите, светска класа. Ова е новата Барса, но ние сме на добар пат. Сега треба да се опоравиме и да се подготвиме за реваншот“.
Реваншите се закажани за следната недела: во вторник Барселона ќе игра со Пари Сен Жермен, а Борусија и Атлетико Мадрид во Дортмунд. Во среда Реал Мадрид ќе гостува во Манчестер, додека Арсенал ќе игра против Баерн во Минхен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Тухел: Англија на Светското првенство оди како аутсајдер

Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Томас Тухел, изјави дека неговиот тим ќе биде аутсајдер на Светското првенство следното лето и дека нема шанси за успех ако тимот не се обедини.
Репрезентацијата на Англија играше во две последователни финалиња на Европските првенства, но не стигнаа до финалето на светските првенства од 1966 година, кога ја освоија својата единствена голема титула во историјата.
Англија ќе се квалификува за Светското првенство во САД, Канада и Мексико ако ја победи Латвија во Рига во вторник, а Србија не успее да ги победи Албанија или Андора во нивните претстојни натпревари. А ако тоа не се случи, Англичаните ќе го заверат својот билет за Светското првенство во ноември.
„Ќе дојдеме на Светското првенство како аутсајдери бидејќи не сме го освоиле со децении и ќе играме против тимови кои го освоиле во неколку наврати во тој период, па затоа мора да одиме таму како тим, во спротивно немаме шанси“, рече Тухел, објави „Скај Спортс“.
Зборувајќи за составот, Тухел рече дека се обидува да избере играчи кои можат да го обединат тимот, тимот да биде тим, бидејќи на Англија ѝ е потребен најдобриот тим на Светското првенство.
Тухел ја презеде репрезентацијата во јануари и победи на пет од шест натпревари откако тимот беше поразен во пријателски натпревар од Сенегал.
„Ако никогаш не сте го освоиле Вимблдон, можете да бидете еден од фаворитите, но не и фаворит. Тука се Бразил, тука се Аргентина, Шпанија, Франција и тие неодамна го освоија СП. Тоа не значи дека немаме шанси и тоа го знаеме многу добро. Прво да се квалификуваме, а потоа ќе знаеме точно зошто одиме таму“, рече Тухел.
Англија вечерва ќе игра пријателски натпревар против Велс, а на 14 октомври против Латвија во квалификациите за СП.
На табелата од Групата К, Англија е прва со сите 15 бода, Албанија е втора со осум бода, а третото место и припаѓа на Србија со седум бода, но и со натпревар помалку. Латвија има четири бода, а последна е Андора без бодови.
Првопласираните екипи од секоја група ќе се пласираат директно на Светското првенство, а второпласираните екипи ќе играат во баража за пласман на Мундијалот.
Спорт
Ѓоковиќ 10-ти пат во кариерата ќе игра полуфинале на Мастерсот во Шангај

Новак Ѓоковиќ избори пласман во полуфиналето на Мастерсот во Шангај. На задоволство на кинеската публика, Ѓоковиќ во четвртфиналето, за еден час и 50 минути, го победи Белгиецот Зизу Бергс со 6:3, 7:5.
Ѓоковиќ го подобри рекордот поставен во вторникот, стана највозрасниот полуфиналист во историјата на тутнирите од Мастерс серијата. Десетти пат во кариерата ќе игра полуфинале во Шангај, вкупно на турнирите од Мастерс серијата во сабота 80-ти пат ќе игра во полуфиналето.
Освојувачот на 24 Грен слем титули, се до финишот на мечот немаше проблеми со талентираниот Берг. Лесно го доби првиот сет, откако направи брејк во петтиот гем. Можеше во првиот сет да одигра и гем помалку, но во осмиот гем не искористи пет сет топки на сервис на противникот.
Во вториот сет, тенисерите беа сигурни кога сервираа се до деветтиот брејк, кога Ѓоковиќ го брејкна Бергс, но во наредниот гем, кога Србинот сервираше за победа, Белгиецот возврати.
Нов брејк напраби Ѓоковиќ во 11-от гем, потоа кога сервираше не искористи две меч топки, Берг дојде до брејк шанса, но со три неизнудени грешки му го подари гемот, а со тоа и победата на Ѓоковиќ.
Интересно, Ѓоковиќ со само 11 директни поени дојде до победата, му помогнаа 40-те неизнудени грешки на Бергс.
Противник на Жоковиќ во полуфиналето ќе му биде најголемото изненадување на турнирот, 211- от на АТП листата, Валентин Вашеро.
Foto/ EPA
Спорт
Еспањол има нови газди

Шпанскиот фудбалски клуб Еспањол од Барселона има нови сопственици.
Од четврток, каталонскиот клуб официјално е во рацете на американската компанија „Velocity Sports Partners (VSP)“, која пак е дел од поголемата група „ALK Capital“, во сопственост на Американецот Алан Пејс.
VSP го купи поголемиот дел од пакетот акции (99,66%) по цена од 130 милиони евра, според шпанските медиуми.
Претходниот сопственик на клубот, кинеската компанија „RASTAR“, ќе остане дел од управувачката структура, во иднина со малцински удел – поточно со процент од 16,45% (по купувањето на дел од акциите по цена од 65 милиони).
Компанијата VSP го поседува и англискиот премиерлигаш Барнли во своето портфолио.
Во соопштението се вели дека VSP е „подготвен да ја заработи довербата и поддршката на заедницата преку конкретни акции, одразувајќи ги вредностите на транспарентност и долгорочна посветеност што ја водеа неговата работа и во Барнли“.